ПРИЧИНИТЕ ГИ ИГНОРИРАМЕ, ПОСЛЕДИЦИТЕ ГИ АНАЛИЗИРАМЕ
„Врсничкото насилство не започнува во училишниот двор. Тоа е одраз на пукнатините што возрасните ги оставаат зад себе.“

✍️Симеон Стефковски, родител на фронтот и наставник
Денес, по уште една од многуте „значајни обуки“ на кои сме испраќани во изминативе години, овојпат посветена на врсничкото насилство, некако не можам да се ослободам од впечатокот дека повторно повеќе се занимаваме со последиците отколку со причините.
Секако, обуките се добредојдени. Секое знаење е вредно. Но, често ми се чини дека сè останува на ниво на формалност, за да може да се каже дека сме ја завршиле обврската и дека на хартија сме стекнале уште една „компетенција“. Денес сме медијатори, утре нешто друго. Се додаваат нови и нови улоги, а суштинските проблеми остануваат непроменети.
Повторно сè го почнуваме од погрешниот крај.
Почетокот отсекогаш бил семејството. Тоа е основната клетка во која човекот првпат учи што е љубов, почит, одговорност, трпение и заедништво. Таму ги формира првите навики, првите вредности и првите модели на однесување.
Според моите согледувања, сè потешко е да се најде вистински функционално семејство. Детето ќе расте здраво, спокојно и хармонично доколку расте во средина во која родителите се почитуваат меѓусебно, разговараат со достоинство и покажуваат љубов и разбирање еден кон друг. Кога родителите се зрели во своите постапки, во односот кон партнерот и во воспитувањето, тогаш и детето добива стабилна основа врз која може да го гради својот карактер.
За жал, денес сведочиме на сè повеќе разводи, но и на длабоки кризи во многу бракови кои формално сè уште постојат. Нетрпеливоста, непопустливоста и недостатокот на меѓусебна почит стануваат сè почеста појава. А децата сето тоа го гледаат. Тие не ги слушаат само нашите зборови, туку уште повеќе ги впиваат нашите постапки.
И какво дете може да произлезе од средина исполнета со конфликти, навреди и постојана напнатост? Најчесто ќе го имитира она што го гледа дома или, пак, ќе се повлече во себе, носејќи тивки рани кои подоцна ќе се манифестираат на различни начини.
Потоа на ред доаѓа училиштето.
Ако некогаш ваквите случаи биле исклучок, денес стануваат правило. Наставниците се преоптоварени со административни обврски, реформи, извештаи и системски недоследности. Воспитната улога, која некогаш била суштински дел од професијата, постепено се потиснува. Не затоа што наставниците не сакаат да воспитуваат, туку затоа што често немаат време, поддршка и услови за тоа.
Така остануваме само на образовниот дел, кој и самиот е оптоварен со бројни проблеми. На крајот добиваме деца кои не се доволно образувани, но уште поважно – не се доволно насочени кон вистинските животни вредности.
Од друга страна, родителите кои не успеале да воспостават авторитет и ред во сопствениот дом често вината ја префрлаат врз наставниците. Наставниците пак чувствуваат дека се оставени сами во борбата. И така веќе долго време се вртиме во еден ист круг без вистински да ги решаваме проблемите.
На децата денес им треба многу трпение, многу внимание и уште повеќе мудрост.
Им треба пример. Не совршенство, туку пример.
Најпрво од семејството, а потоа и од училиштето. Им требаат родители кои ќе бидат присутни во нивните животи и наставници кои искрено ја сакаат својата професија. Зашто малку има повозвишени повици од воспитувањето на едно дете, било како родител, било како наставник.
Понекогаш имам впечаток дека децата ги доживуваме како дополнителен товар што мораме да го издржиме, наместо како најголемото богатство што ни е доверено.
А тие се само деца.
Како празен сунѓер се. Го впиваат она што го гледаат, го слушаат и го чувствуваат. Од тоа ја создаваат својата слика за светот и според тоа се насочуваат низ животот.
Можеби повеќе разговори, повеќе емпатија, подобар образовен систем и повеќе вистинска грижа за нивниот внатрешен свет се она што навистина им е потребно. И можеби токму ваквите обуки треба најнапред да нè научат нас, возрасните, подобро да ги разбереме децата, а не само формално да ги евидентираме проблемите.
Зашто врсничкото насилство не започнува во училишниот двор.
Тоа е одраз на пукнатините што возрасните ги оставаат зад себе.


























