Нашето сопствено јас е нашиот најсмртоносен непријател.
Затоа христијанинот постојано се соочува со замки, неволји, болки, ненадејни искушенија и неповолни околности. Неговиот пат не е однапред подготвен и израмнет; самиот треба да ги исправува своите патеки и да ги надминува пречките.
Човек што нема духовна храброст лесно се губи пред опасностите и паѓа во паника.
Можеш четириесет години да живееш во пустина како монах, а потоа, по четириесет години подвиг, да паднеш во некој грев или искушение и веднаш да се обесхрабриш.
Можеби од детството си живеел чисто и целомудрено, без сериозни искушенија. Но на педесет, шеесет или седумдесет години, како што сведочат Светите Отци, може да те снајде искушение на блудна помисла. И тогаш се вознемируваш и велиш:
„Што ми се случи? Зар Го предадов Христа? Зар се одреков од Него?“
Но токму тоа е почеток на поразот.
Не. Треба благородно и храбро да застанеш пред сè што ќе се појави во твојот живот.
Зашто најчесто во духовниот живот работите не доаѓаат така како што ги очекуваме.
Понекогаш дури и наивно го искушуваме Бога, барајќи од Него да ни го даде токму она што ние сме го замислиле.

Се молиме:
„Боже, покажи ми дали мојата одлука е исправна така што ќе се случи ова или она; така што ќе го сретнам тој човек или ќе успеам во таа работа.“
Но Бог не постапува според нашите услови. Тој не е во нашите раце.
Бог го дава она што во Својата семудрост и љубов го знае како најдобро за нашето спасение.
Затоа храбриот човек е подготвен за сè.
Додека очекуваш мир — може да дојде бура.
Додека очекуваш успех — може да дојде неуспех.
Додека очекуваш здравје — може да дојде болест.
Одиш во болница и наместо подобрување, состојбата ти се влошува. Се подложуваш на операција и искушението станува уште поголемо.
Треба да бидеш подготвен за сè.
Храброста значи:
„Еве ме пред Тебе, Господи. Прави со мене што сакаш. Не очекувам ништо за себе. Очекувам само искушенија и неволји, зашто без нив нема пат кон Рајот.“
Кога човек ќе се опушти духовно, кога ќе се предаде на мрзливост, небрежност и униние, тогаш сите непријатели лесно наоѓаат простор да влезат во неговиот живот и да го разрушат она што со години го градел.
Затоа, за духовниот подвиг и за умно-срдечната молитва, неопходни се овие добродетели: будност, трпение и духовна храброст.
Архимандрит Емилијан Симонопетриски
„Подвижнички слова – Толкување на авва Исаија“


























