(Обновено)
Свети Теодор Студит
Поученија за монаси
Човечката душа има три силиː мисловна, раздразнителна и пожелна. Делото на мисловната сила е да верува во Света Троицаː делото на раздразнителната сила е – да се гневи на сатаната, искушувачот и никако да не му дозволи да се приближи; делото на пожелната сила е – да Го посакуваме и да Го љубиме Бога, Кој нѐ создал. – Но ѓаволот, откако ги изменил и извртел овие душевни сили, почнал преку нив да нѐ води во пропаст. Како? – Пожелната сила во нашиот праотец Адам, ја соблазнил да вкуси од забранетиот плод; раздразнителната сила кај Каин ја поттикнал да го убие брата си Авела; а мисловната сила го отклонила човештвото кон идолопоклонството. Еве каков е начинот на дејствувањето на нашиот завидлив непријател!
А ние да останеме такви, какви што сме создадениː со сите наши душевни сили да се утврдуваме во доброто и да се украсуваме со Светиот Дух, да не дозволиме да го загубиме нашето благородство, со кое нѐ облагодарил нашиот Господ Исус Христосː „На сите што веруваат во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји“ (Јован 1, 12). А, бидејќи на тој начин сме станале синови Божји, да не си дозволиме да станеме чеда на гневот; бидејќи се именуваме наследници Божји, да не дозволиме да станеме наследници на вечниот оган; бидејќи сме повикани да станеме членови Божји, да не се направиме членови на блудница; да не го гледаме светот и тоа што е во него; да не го свртуваме нашиот поглед на убавините од земниот живот, кои се суетни и минливи. Ако се и наситиме со задоволување на телесната похот и на крвта, „каква полза од крвта моја, кога ќе слезам в гроб?“ (Псал. 29, 9). Да ги погледнеме гробовите, и ќе видиме со што завршува похотната сласт. Ако сме преполни со имоти и со пари, од каква полза ни е тоа? – Зар не дојдовме голи на овој свет? Голи и ќе излеземе од негоː од него нема да изнесеме ништо освен нашите праведни и грешни дела. Затоа светиот пророк Давид и се провикнуваː „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакамː да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псал. 26, 4).
✜✣✜
Има многу патишта што водат во царството небесно, а сепак тоа е еден патː еден е затоа што е една и добродетелта што се извршува и се приведува во дело преку разни добри дела. Да ја прифатиме оваа единствената и сесилната. Да одиме по патот на послушноста, која ѝ подражава на божествената послушност, по патот на кој нема пречки и прекини; вториот пат е патот на Христовото смирение, по патот, кој е најрамен и најкус. И едниот и другиот треба да го сака откажувањето од својата волја, како чиста жртва. Јас ќе прашам заедно со пророкотː „Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види?“, а ќе одговорамː оној што вистински се откажува од својата волја и сака „да ја спаси душата од пеколот“ (Псал. 88, 48), избавувајќи ја својата душа од рацете на пеколот. Син на Светлината е оној, чија душа е очистена од секоја страсност, зашто тој заедно со коренот ја искоренува секоја страст. Откаде се кај нас огорчувањата, непријатностите, борбите, недоразбирањата и зависта? Зар не е од тоа што се обидуваме да стоиме на она што сме го рекле и што сакаме да ги браниме нашите одлуки и желби? И навистина е така. И нема друг начин за избавување од ѓаволските прилики, освен преку откажувањето од нашата волја.
✜✣✜
Да не нѐ ожалостува духовната борба, да не нѐ посрамуваат навредите, да не нѐ збркува изобличувањето, да не нѐ скрушува огорчувањето и да не нѐ воздигнува гордоста, туку надолу да ги наведнеме очите, а душата нагоре да ја устремимеː благи да бидеме еден спрема друг, да бидеме тивки, трпеливи и да отстапуваме.
Се случило некој да ти рече некој груб збор, па што? Нашиот Господ и Бог слушнал како Му велатː дека бесови има во Себе (Матеј 7, 20), и премолчелː Го прекореле, велејќи Му дека ѓаволите ги истерува преку Велзевула, началникот на ѓаволите (Матеј 12, 24) и не се вознемирил. А ние, кои сме и по природа ништожни, и по животот наш достојни за прекор, кога ќе слушнеме некаков сличен збор, сосема малку навредлив, веднаш се наежуваме. Зошто тогаш не се успокојуваме со сладоста на смирението? Зошто не сакаме да научиме од својот опит, дека потчинувањето е од сѐ подобро? Зошто не се послужиме при ваквите случаи со оружјето на вистинските монаси? Ова оружје не еː убавото пишување, не е убавото и слатко пеење, не е високиот раст, не е парадноста, не е изнежнетоста, не е горделивото чекорење, не е празното зборување, не е смелиот збор и противставувањето или нешто друго, слично на ова, туку – да се чувствуваме дека сме последни од сите; сите да ги сметаме над себеси; да бидеме спори во зборувањето, да не изговараме лоши зборови; да не бидеме лесномислени, туку да обмислуваме што треба да кажеме, да бидеме трпеливи, полни со љубов и особено – да не завидуваме. Впрочем, вие сето ова го знаете, бидејќи од Бога сте научени и секогаш го правите она, што Му е угодно на Бога. – Затоа, останете такви, бидете задоволни со сѐ; секогаш бидете искрено радосни, окрилувајќи се само со надежта на нашето монашко призвание.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том IV.
✜✣✜
Подготви: Светланка Трајчева
7ми февруари 2019 лето Господово
Друго:
- ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ АНТОНИЈ ВЕЛИКИ
- СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ; И АРХИЕПИСКОПИ АЛЕКСАНДРИСКИ; АТАНАСИЈ И КИРИЛ
- Преподобен авва Исаиј: Поука
- Свети Марко Подвижник: Законот на слободата е скриено во Христовиот крст
- КАНОН НА ЧЕСНИОТ И ЖИВОТОТВОРЕН КРСТ ХРИСТОВ
- Преподобен авва Исаија Отшелник:ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА НОВИОТ ЧОВЕК