логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

1.    Подвижнички поуки од свети Исак Сирски

39.  Душа, која еднаш Му се предала на Бога и која многупати ја познала Неговата помош, не се грижи веќе за себеси, туку се врзува со вчудоневиденост и молчење, и нема можност да се враќа одново кон некогашните начини на своето сознавање и да се служи со нив, да ги употребува на дело, за да не биде лишена од Божјата промисла, која таинствено и непрестајно ја надгледува душата, се грижи за неа, постојано ја следи, за да не почне одново да се надева самата на себе и одново да не помисли дека, според силите на своето знаење, ќе може самата да се грижи за себеси.

40.  Оние, во кои огреала светлината на верата, не доаѓаат веќе во таква срамна положба – одново да бараат од Бога во своите молитви: „Дај ни ова“ или: „Одземи ни го тоа и тоа“, туку ни најмалку не се грижат за себеси, зашто со своите духовни очи, со очите на верата, секој миг се свесни за Божјата промисла, која таинствено и непрестајно води грижа за нивната душа, дека нивниот вистински Татко, Кој со Својата неизмерно голема љубов ја надминува и најголемата татковска љубов, има преголема сила да ни помага и да ни даде многу повеќе отколку што знаеме и што можеме да помислиме да побараме од Него.

41.  Оној што се удостоил да вкуси од сладоста на верата и одново се сврти кон душевното знаење, тој е сличен на човек, кој нашол скапоцен бисер и ги заменил за некоја безвредна пара. Исто така е и оној што ја напуштил вистинската слобода и се враќа во некогашната своја духовна сиромаштија, исполнета со страв и со робување.

42.  Има три духовни начина, по кои нашето знаење се издигнува и паѓа. Тие начини се преку: телото, душата и духот. Знаењето е Божји дар на природата од разумните суштества, подарен уште во самиот почеток при нивното создавање. По својата природа тоа е едноставно и неделиво, како што е неделива и сончевата светлина, но соодветно со својата дејност – тоа придобива извесни промени и разделби. – Слушај каков е редот на овие разделби.

43.  Првиот степен на знаењето. Кога знаењето ги следи телесните желби, тогаш се сведува на следните начини: богатство, суета, раскошен мебел, телесен спокој, грижа за придобивање земна мудрост, неопходна за однесување во овој свет и нови пронајдоци во уметноста, науката и сѐ друго со што се овенчува телото во овој видлив свет. – По овие свои способности ова знаење ѝ е спротивно на верата. – Тоа се нарекува голо знаење, затоа што ја исклучува секоја Божја грижа, а бидејќи во него преовладува телото, тоа внесува во умот неразумна немоќ и сета негова грижа е само за овој свет.

Еве каков е поимот за себеси според ова знаење: тоа како да е некаква духовна сила, која таинствено управува со човекот, божествена грижа за него, која го следи и потполно се грижи за него. Затоа на Божјата промисла не му го припишува управувањето со светот, туку учи дека секое добро е во човекот, неговото спасение од она што е штетно треба да му се припише  нему, и неговото природно запазување од она што е тешко и од многу други незгоди, кои јавно или тајно ѝ се противставуваат на нашата природа, - му се чинат последица на неговата лична ревност и на неговите способности.

Такво е сфаќањето за ова знаење. Тоа замислува дека знае сѐ и дека сѐ бива според човечкиот план. Оние што мислат вака тврдат дека никој не управува со овој свет. Впрочем, тие не можат да живеат без непрестајна грижа за своето тело и затоа со нив владеат малодушноста, тагата, очајанието, стравот од демоните, стравот од луѓе, преплашеност од можноста да се разболат, да осиромашат, лишување од најпотребното, стравот од страдања, од диви ѕверови и други слични опасности, кои го прават нивното знаење слично на разбранувано море, кое секој ден и секој час ги напаѓа морепловците со своите бесни бранови.

Бидејќи ова знаење не умее својата грижа да ја остави на Бога, со надеж и вера во Него, тоа е непрестајно зафатено со измислување на начини и средства во врска со својата личност. Кога начините и средствата, кои ги замислиле, ќе се покажат неуспешни, тие тогаш во тоа не гледаат дејствување на Божјата промисла, па затоа тие тогаш се судруваат со луѓето, за кои мислат дека им се противставуваат и им пречат да го постигнат она што го замислиле. Во овој однос, во ова знаење е насадено дрвото на познавањето на доброто и злото, кое ја искорнува љубовта. - Во него доаѓаат до израз гордоста и надуеноста. – Тоа се фали, но сепак оди во темнина и својата вредност ја проценува со она што е на земјата и не е свесно дека има нешто подобро од него.

44.  Вториот степен на знаењето ( Трудовите за правење добро и подвижништвото, во вид на очистување на срцето, со помош на благодатта на Светиот Дух).
– Кога човек ќе го остави првиот степен на знаењето, тогаш бива зафатен со душевни помисли и желби; тогаш во светлината од природата на својата душа, ги извршува следните извонредни дела: постот, молитвата, милостињата, читањето на Светото писмо, добродетелниот живот, борбата со страстите и други слични работи. Зашто сите добри дела, сите прекрасни особености, кои биваат забележувани во душата, како и сите чудни начини, кои се употребуваат во Христовото владеење, на овој втор степен од знаењето, во дејствувањето на неговата сила, - се извршуваат со благодатната сила на Светиот Дух. И токму ова му ги покажува на нашето срце патеките, кои нѐ водат кон верата и во срцето ги собира упатствата за придобивање на вистинскиот живот.
Но и овде знаењето е уште телесно и сложено. Во него само се наоѓа патот што нѐ води кон верата. Има уште еден повисок степен на знаењето. И ако некој успее, тој ќе најде можност, при помошта на Христа, да биде искачен и на тој степен, кога како основа на својата работа ќе го постави во безмолвното оддалечување од луѓето, во читањето на Светото писмо, во молитвата и во други добри дела, со кои се извршува сѐ што се однесува кон второто знаење. И со него се извршува сѐ што е прекрасно; и тоа се нарекува знење на делата, зашто преку чувствителните дела, кои се вршат преку телесните чувства, го извршува своето дело на надворешниот степен.

45.  Третиот степен на знаењето – степенот на совршенството. – А сега слушај како човекот се одуховува, како го придобива духовното и како во начинот на живеењето станува сличен со невидливите сили, кои своето служење го извршуваат не преку телесните чувства, туку преку дејноста на својот ум. Кога знаењето се издигне над она што е земно и почне да ги испитува своите помисли за она што е скриено од очите внатре, и ќе се издигне нагоре и ќе ја следи верата во грижата за идниот живот, во посакувањето на она што ни е ветено и во барањето на скриените тајни, кога самата вера ќе го проголта ова знаење и се обраќа, го раѓа одново, така што целото се претвора во дух.

Тогаш тоа може да полета како со крила, кон областа на бестелесните, да се допре до длабочините на недопирливото море, да ги замислува во својот ум божествените и чудни дејства, пројавени во природата на духовните и чувствителните суштества, како и да ги испитува духовни тајни, кои се постигнуваат преку едноставен и истенчен ум. Тогаш се разбудуваат внатрешните чувства за духовно дејствување такво, какво што ќе биде во другиот – во бесмртниот и вечен живот, зашто уште во овдешниот како да настанало духовно воскресение, како вистинско сведоштво за општото воскресение.


46.  Ова се трите начини на знаењето. – Откако човек почнува да го разликува злото од доброто и додека не излезе од овој свет, знаењето на душата негова се наоѓа во три мерки. И полнотата на секоја неправда и секоја нечесност, како и полнотата на правдата, и да се допре до сите тајни на духот, го прави тоа единствено знаење во трите спомнати мерки и во него се наоѓа секое движење на умот, кога се издигнува и кога се спушта,  во доброто или  во злото и во некоја средна состојба меѓу доброто и меѓу злото. Светите оци овие мерки ги нарекуваат: природна, противприродна и натприродна. Ова се трите правци, во кои се издигнува и се спушта спомнувањето на разумната душа, кога, според она што е речено, некој извршува правда или според својата природа или се издигнува над природата, се издигнуваат во своите спомнувања – во созерцание на Бога надвор од природата, или излегува да пасе свињи, како оној што безумно го потрошил богатството на својата разумност, работејќи со мноштво демони.

47.  Првиот степен на знаењето ја оладува душата за сѐ што ја води душата кон Бога. Вториот степен ја стоплува душата за поголемо брзање кон сѐ што е на степенот на верата. Третиот степен е смирување на работењето, а се состои во дејствувањето на умот, кој се насладува само со тајните на идното. Но, бидејќи нашата природа уште не може совршено да се издигне над умртвеноста и тежината на телото, затоа, сѐ додека човекот живее во тело, останува во преодна состојба – од една во друга. Затоа, како кутар сиромав, неговата душа почнува да извршува служење во вториот – средниот степен на добродетелта; та, како оние, кои го примиле духот на посиновувањето, во тајната на слободата, се насладува со духовната благодат, која бива давана од Дародавецот споре достоинството. И пак одново се враќа кон смирението на своите дела, кои биваат извршувани со помошта на телото. Затоа несовршениот живот нема совршена слобода.


48.  Делото на знаењето на вториот степен се состои во дејствувањето и во продолжителното вежбање; делото на знаењето што е на третиот степен е дејствување на верата, кое не бива преку делата, туку се исполнува со духовни умнопретставувања, во дела што се чисто духовни; ова бива над чувствата. А под вера не ја разбираме онаа вера, што ја имаме при размислувањето за божествените Ипостаси и чудната Божја промисла во воплотувањето, при примањето на нашата природа, - макар што и оваа вера е многу висока, туку онаа вера, која изгрева во душата од светлината на благодатта, која со сведоштвото на умот го поткрепува срцето, за да не биде поколебано во несомнената надеж, која е далеку од секое сомневање. И оваа вера се пројавува не во зголемувањето на слухот на ушите, туку во духовните очи, кои ги гледаат скриените тајни во душата, невидливото божествено богатство, кое е скриено од очите на телесните синови, а од Светиот Дух им е откриено на оние, кои се хранат од Христовата трпеза – со поучувањето со Христовиот закон, како што рекол Самиот Господ: ако заповедите Мои ги запазите, Јас ќе ви го испратам Духот Утешителот, Духот на вистината, „Кого Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни сѐ што сум ви зборувал“ (Јован 14, 17, 26).

49.  Уште нешто за разликата меѓу знаењата. – Знаењето, кое се интересира за она што е видливо, за она што бива примано преку усетите, а се предава на видлив начин, се нарекува природно. А знаењето, кое се интересира за духовната сила и за природата на бестелесните суштества, се нарекува духовно; затоа што бива придобивано со духот, а не преку усетите. А поради овие две раѓања (доживувањето на видливите и невидливите работи), има и едно друго знаење, кое го добива душата однадвор. А знаењето, што го дава Божјата сила, се нарекува натприродно; тоа е уште понедостапно за знаењето и е над самото знаење. И созерцанието на ова знаење душата не го прима од материјата, која и вон од неа, како и во првите два вида знаење; туку е нематеријално, внатре во неа, се дава на дар, речиси и без некакво очекување, се објавува и открива од самата внатрешност, зашто според зборовите Христови: „Царството Божјо е во вас внатре“ (Лука 17,21). Тоа не ја крепи надежта со преобразување, не доаѓа преку запазување, туку е внатре, запечатено и скриено во самиот ум, а се открива само од себе, без помислата за него. Првото знаење се добива со непрестајна работа и ревносно учење; второто е последица на добриот живот и разумната вера; а третото ѝ се дава како дел само на верата, со кое се обезвреднува обичното знаење и делата го примаат својот крај.

 

Подготви: Т.С.

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 2963
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2800
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…