Како што од многу илјадници се наоѓа само еден, кој ги исполнува заповедите, сè што е според духовните закони, кои достигнале врвна духовна чиста молитва, ќе го преминат пределот и ќе се удостојат да ја гледаат тајната, зашто сосема се малкумина оние кои се удостојуваат да ја достигнат чистата молитва, а многумина се оние што со неа воопшто не се удостојуваат. А кој што ќе ја достигне онаа тајна, која е по неа и зад нејзините граници, таквите се сосема ретки; едвај ќе се најде некој таков одвреме – навреме и тие – со помошта на Христовата благодат.
Прашањеː
Што е најважно од сите трудови на безмолвниот живот, па кога ќе стигнеме до него, до совршенството во ваквиот живот, за да знаеме дека сме го постигнале?
Одговорː
Тоа ќе се постигне тогаш, кога ќе се придобие чистата молитва. Зашто, тогаш кога ќе се придобие ваквата молитва, со тоа ќе се искачи на самиот врв на добродетелите и ќе стане живеалиште на Светиот Дух, а оној што не ја примил несомнено оваа благодат на Утешителот, тој не може лесно да ја има оваа молитва во своето срце. Затоа и се вели дека кога Светиот Дух ќе се всели во некого од луѓето, тогаш таквиот никогаш не отстапува од молитвата, зашто тогаш Самиот Свети Дух непрестајно се моли во него (сп. Рим. 8, 26). Тогаш, и кога спие, и кога е буден, молитвата не престанува во неговата душа, туку и кога јаде, и кога пие, и кога спие, и кога работи нешто, дури и кога е во длабок сон, во неговото срце и тогаш, без посебен труд се присутни благопријатните мириси и воздивнувањата на оваа и ваква молитва. И тогаш, молитвата не отстапува од него, туку постојано, макар што надворешно замолкнува, таа внатрешно не престанува да свештенодејствува тајно. Затоа, некој од христоносците, молчењето на чистите го именувал молитва, зашто и тогаш движењата на нивните мисли се божествени, а движењата на нивното чисто срце и на нивниот ум се кратки гласови, со кои скриено Го воспеваат Скриениот.
За Преминпортал: Т.С.