Авва Антониј рекол:
„Бог не допушта да дејствуваат искушенијата во овој род како во старите, затоа што знае дека луѓето се слаби и дека нема да издржат.“
Уште рекол:
Ќе дојде време кога луѓето ќе станат безумни, и секој пат кога ќе видат некој словесен, ќе се дигнат против него говорејќи: „Ти си безумен“, бидејќи не е како нив.
Тројца отци имаа обичај секоја година да одат кај блажениот Антониј. И додека двајцата го прашуваа за помислите и за спасението на душата, третиот секогаш молчеше ништо не прашувајќи. А после некое време му рече авва Антониј:
- Зар имаш толку многу време да доаѓаш до тука и ништо да не ме прашаш?
А тој одговори:
- Доволно ми е да те гледам, отец.
Го посетија монаси авва Антониј и му рекоа: „Кажи ни како да се спасиме.“
Старецот им рече: „Сте го слушале Светото Писмо? Доволно е за вас.“
А тие рекоа: „Сакаме да чуеме и од тебе, отец.“
А Старецот им рече: „Во Евангелието се вели: Ако некој те удри по едниот образ, заврти му го и другиот.“
Тие рекоа: „Ние не можеме да го правиме тоа.“
Старецот им рече: „Ако не можете да го свртите другиот, барем едниот истрпете го.“
Му рекоа: „Не можеме ни тоа.“
А Старецот рече: „Ако не можете ни тоа, не возвраќајте на истиот начин.“
Рекоа: „Ни тоа не го можеме.“
Му рече Старецот на својот ученик: „Направи им малку каша, тие се болни.“
А ним им рече: „Ако ова не можете, а она не сакате, што да ви правам? Треба да се молите.“