Кога срцето ќе стане Христов престол

Христос не е некаква далечна, егзотична дестинација, туку Светлина што го осветлува секој наш ден. Нашето срце може да стане Негов престол — место во кое рајот започнува да цвета. Затоа, да не се сопнуваме од оградите што самите ги подигаме со своите жалби и незадоволства, туку со љубов и вера да чекориме по патот кон вистинската слобода. Така, не само што ќе се преобразуваме себеси, туку и светот околу нас ќе почне да се исполнува со божествена хармонија.
Еден духовник во една прилика кажа нешто што и до ден-денес ме потресува
:„Имам духовни чеда за кои мислам дека ќе постигнат многу во духовниот живот, но едноставно, не знам зошто, одеднаш застануваат — како да се блокирани.
“Колку често и самите, и покрај најдобрите намери, се наоѓаме заробени во вистинска световна жабокречина — во некаков внатрешен застој, во кој душата како да ја губи силата за духовно движење и напредување. Знаеме што е добро, копнееме по промена, а сепак остануваме на истото место, заробени во сопствените навики, страсти, стравови и расеаност.
Но, вистинската промена не започнува со обидот да го преобразиме светот околу себе, туку со смирено и истрајно очистување на сопственото срце. Не можеме земјата да ја претвориме во рај, ниту, пак, можеме да ги отстраниме сите пречки од својот живот. Можеме, меѓутоа, да Му го отвориме срцето на Христос и да Му дозволиме Неговата благодат да го преобразува нашиот внатрешен свет.
Зашто, рајот не започнува тогаш кога околностите ќе станат совршени, туку кога срцето ќе престане да живее во ропството на незадоволството и ќе Му направи место на Христос.
Кога срцето ќе стане Христов престол, рајот веќе не е далеку. Тој почнува да се открива во секој наш збор исполнет со љубов, во секое дело на милосрдие, во секое простување и во секој тивок подвиг на душата. Тогаш и она што не можеме да го промениме надвор од нас добива поинаква светлина, зашто Христос најнапред го преобразува нашиот поглед, а преку него — и начинот на кој го допираме светот.
Можеби токму тука се крие една од најголемите духовни тајни: не е доволно само да копнееме по рајот — потребно е да Му дозволиме на Христос да го започне Своето дело во нас.
m-r Симеон Стефковски
pp17.10.2026


























