Нека е благословено Името Господово сега и во вечни векови! Господ рече, како Своја заповед: ,,Љубете Ме и во таа љубов чувајте ги заповедите Мои,, (Јн. 14, 23). Преку чувањето на заповедите ние стекнуваме навика, се навикнуваме да живееме во непрестано сеќавање на Христос: на Неговиот живот, на Неговиот пример, на Неговите заповеди. Ве молам, мили браќа и сестри, примете ги лесно и со мир овие зборови, не како мои зборови, туку како одговор на оној призив со кој нас Господ не повикува...
Не мислам дека телесната смрт може за нас да биде разделба. Не! Мојата смрт, по мислењето на лекарите и така е веќе готово нешто. Ми даваат само уште неколку денови... Грешеа до сега, можеби грешат и сега. Нашето дело, нашиот подвиг сега е во тоа да ги превладееме границите на времето и материјата, вештеството на нашето тело за да останеме заедно и после моето заминување. И тоа не затоа што сум јас нешто ,,посебно,,. Јас сум грешен човек. Не ја исполнив заповедта на Живиот Бог, затоа што таа заповед го опфаќа сецелиот свет, и се што постои вон времето и вон просторот. Господ на Тајната Вечера рече: Јас живеам и вие ќе живеете (Јн. 14, 19)...
На нашиот сакан духовен отец Силуан Бог без зборови му се откри во видение на почетокот на монашкиот подвиг. Продолжете да го трпите нашиот неверојатен труд, кој за сите нас е невозможен без Христос. Нашиот пат е да го предадеме животот свој заради животите на другите. И нема поголема љубов од таа кога душата човечка е спремна да умре за доброто на ближниот. Господ рече ,,нема поголема љубов од таквата љубов,, (Јн. 15, 13). Си допуштам така да зборувам бидејќи искажавте спремност да пребивате во зборовите и во соединување на нашиот ум и нашето срце...
Бидете спокојни во своето срце: и кога сум со вас, и кога ќе си одам од вас, нема да се разделиме...
Истрпете го овој живот! Тој е создаден на чуден начин - како во него да нема ништо особено. Но, навистина постои (во него) нешто највозвишено и најголемо - Љубовта на Отецот, Љубовта на Синот, Љубовта на Светиот Дух со нас. Молејќи се за секој од вас по име, јас сум, секако, врзан за секој од вас со оние алки за кои може да се зборува како за алките на Царството Божјо - алките на љубовта вечна и непоколеблива во вековите на вековите. И тоа нас ни е тешко да го прифатиме. Апостолите за тоа зборуваа со многу поголема смелост отколку што ние можеме тоа да си го дозволиме себе. Но и она малку што го постигнавме, сепак, е дејство на Самиот Бог, како што кажуваат и архијереите во службата: ,,И утврди го лозјето Свое, кое го насади десницата Твоја!,,. Јас сум во беззизлезна ситуација - и сам сум нетрпелив, иако својот живот го посветив во служење на другите. Колку само денови и ноќи сум поминал со Бог во молитва! Но, може ли таа молитва воопшто да се нарече молитва, кога таа не е ништо друго освен ,,чкрипење со заби“?
Затоа вам, мили мои браќа и сестри, на крајот од својот пат ви говорам: во љубовта своја кон Христос бидете непоколебливи! Секое недоумие и секое страдање свое поднесувајте го живеејќи во Христос. Многу се патиштата кон ,,Апсолутниот,, во животот на човечкиот род, но нема ништо што би можело да се спореди со Христос. Затоа, не отстапувајте од Христос без оглед на сите тешкотии. Ако Господ ни даде да умреме, ќе умреме со свеста за Неговата љубов која Го одведе на Крст. Се надевам дека во нас вистински ќе дејствуваат зборовите Христови: Јас живеам и вие ќе живеете (Јн. 14, 19).
Секој Христов збор е самата Божествена Вечност. Христос не го давајте за ништо! Тој нека биде единствениот Цар на нашето срце, со Отецот и Светиот Дух. Да се верува во Христос - тоа е реален живот, животот на Самиот Христос. Како што Христос страдаше за секоја твар и за сецелиот свет, така и ние ќе се молиме на Бога. И во тешките моменти да заплачеме со гетсимански плач. И во нас после плачот сличен на гетсиманскиот плач, се случува, кога ќе не допре Духот Вечен да заживееме вистинито. Тогаш почнува нашиот бесмртен живот и тогаш Апсолутниот Бог ни се јавува во сосема поинакво светло. Нашата христијанска вера е крајно совршена и никој да не не одвои од Љубовта Христова, како и Павле што зборуваше (Рим. 8, 39). Сега ги изговорив овие зборови независно од апостолот Павле. Но, гледате, ние зборуваме на ист јазик и за ист живот како Апостолите и сите Светии, сведоци на Божеството Христово...
Го молам Бог да ми даде зборови, и зборовите навираат, и би сакал да го изберам она што е по својата природа Живот Вечен: кога ќе почнеме да страдаме како Христос, за сецелата твар, ние тогаш во Христос и со Христос живееме Живот Вечен.
Ви благодарам што ги ислушавте моите зборови. Заминувам уверен во тоа дека секој од вас Господ го доведе (овде) со Својата рака. И не е лесен нашиот живот. Кој не го знае животот, тој не ја знае болката на Христос. Денес ќе го завршам разговорот со вас со три зборови: предавајќи го својот живот за да живеат други; тешејќи ги сите кои доаѓаат, сироти, кои немаат други утешители во овој свет; и така, служејќи на Бога во (служењето на) Неговите страдални браќа и сестри наши, ќе се соединиме во таа љубов со Самиот Христос засекогаш... Благословот Божји на вас, браќа и сестри мои.
Подготви: Михаила Поповска
Посети:{moshits}