Кога размислувам за минатото тоа ми изгледа како некаков список со загуби и пресметка на промашувања. Тоа е извештај за проживеаниот живот пред самиот себе. А што ќе се открие во вечноста, кога ќе се соголат темните длабочини на душата – кој знае? Ако се прашам себе за што најмногу жалам, најверојатно ќе одговорам: не жалам толку заради своите падови во грев кои се неизбежни за гордиот дух колку заради друго.
Господ ми даде можност која повеќе не може да се повтори: средби и општење со луѓе кои го стекнале она што нашиот прататко го изгубил - благодатта. Во овие луѓе се чувствуваше неземна сила, од нив зрачеше некоја непоимлива духовна топлина. Со самиот свој живот сведочеа за Бога, како зраците за постоењето на сонцето, во своите срца носејќи светлина која е запалена од Таворската светлина. Го имаа она на кое светот заборавил, она што човештвото трагично го изгубило – светоста.
Се наоѓав покрај овие луѓе, ги гледав, разговарав со нив, ја чувствував благодатта која од нив исходеше, онаа особена мудрост која не само што знае, туку и гледа. Ја чувствував силата на нивните молитви, длабочината на зборовите и истовремено, па колку и да е чудно тоа, не чувствував колку се драгоцени средбите со нив, средби кои и до ден – денес остануваат најголем настан во мојот живот. Мислев дека секогаш ќе биде така, дека општењето со нив не е дар Божји, туку вообичаено и секојдневно нешто. Не ги ценев доволно, и тоа е една од најголемите грешки во мојот живот. Не го зедов од нив она што ми го нудеа. И повеќе од тоа – какво слепило! – мислев дека ги знам делата на аскетите и патериките подобро од нив и често разменував општење со нив за книгата која сум ја читал низ призмата на своите страсти.
Тие сакаа да ми го пренесат она што го стекнале со голем труд, во борба со гревот и со послушание кон своите старци. Меѓутоа, ништо не можев да прима од нивното богатство, затоа што мојата гордост како ѕид стоеше помеѓу нас. Старецот кој стекнал благодат сака да ја подели со некој, тој се радува ако наиде на душа, која е во состојба да го прифати ова богатство, се радува како тој другиот да е – самиот тој.
Другите беа попослушни од мене, по својата простодушност тие во поголема мера можеа да го примат духот на старците. Меѓутоа, во никој случај не ги осудувам, но ми се чини дека и тоа беше само блед одраз. Зедоа повеќе од мене, но се испостави дека и ова “повеќе” е многу малку.
Преподобен Макарије Велики говореше: “Не сум монах, туку само сум видел монаси”, иако самиот беше силна ѕвезда на небото на Тиваида. А што ние да кажеме? Пред наши очи отидоа последните духоносни старци. Тоа веќе не беше осиромашување, туку катастрофа. Старците личеа на земни Анѓели. Својство на Анѓелите е смирението. Анѓелот е дух невидлив за телесните очи; и тие се трудеа да бидат невидливи и непрепознати од светот. Само оној кој имаше духовни очи можеше да ја види нивната вистинска големина и убавина.
Трагичната ситуација на современото монаштво се состои во тоа што практично и да нема наставници кои би се бавеле во текот на животот со Исусова молитва и очистување на срцето. Меѓутоа, постоеше момент на трагичност и во животот на последните старци: тие не наоѓаа искрени ученици и послушници, оние кои би можеле да ги заменат, да го примат нивното искуство и да станат наследници на нивниот благослов. И овие старци се чувствувале осамено – не во наше сфаќање на ово збор: нивната душа секогаш беше со Бог, - но се чувствуваа осамени, како стар цар кој не може да најде наследник и не гледа рака која е во состојба да го задржи неговиот скиптар.
Околу старците се собираше народ. Меѓутоа, тие со луѓето мораа да разговараат на нивниот детски јазик, а најскриеното не можеа да го пренесат. Древните оци како да продолжуваа да живеат во своите ученици, а овие старци го однесоа богатството кое го стекнаа со себе во гробот, давајќи им го на луѓето само неговиот најмал дел, зашто овие тоа повеќе не можеа да го примат, тогаш да можев да ја прозрам во овие старци духовната сила, која е во состојба да му даде живот на моето срце, да ме преобрази, веројатно на нив би гледал како просјак на богаташи, би се трудел да ги слушам како пратеници Божји, да им служам како на свои господари; би го ловел во лет секој нивни збор како што луѓето фаќале златни монети кои царот ги фрлал во мноштвото народ кога излегувал. Меѓутоа, нивните зборови ми се чинеа премногу едноставни. И тие си заминаа од овој свет, оставајќи во мојата душа само тага заради моето слепило. Меѓутоа, не: овие луѓе ми ги оставија мене и на светот своите имиња и своите гробови. Можда низ молитва кон нив или низ молитва за нив невидливо ќе се сретнам со нив и тие без зборови ќе ми го кажат она што не ги прашав во приликите на средбите. Или ќе ме потсетат на она што сум го слушнал, но на што, авај не сум посветил внимание и што сум го заборавил.
Како што кажува Ездра, земјата се измори од времињата и од нашите гревови децата ќе се раѓаат послаби и понемоќни од нивните татковци (3 Ездра 5, 52 – 53). Символично ова значи дека луѓето нема да можат да ја достигнат онаа духовна висина која ја достигнуваа некогашните подвижници, дека недостига дух на побожност, тие ќе се раѓаат и ќе растат во атмосфера затруена од гревот. И навистина: сега веќе нема старци како што порано беа; тие отидоа, оставајќи после себе некоја ненадокнадлива празнина.
Помина времето на прогони, почнаа да се обновуваат манастирите, се појави нова генерација монаси, меѓу нив има многу искрени верувачи, добри и верни на Црквата. Меѓутоа, кога за време на Зоровавел жителите на Ерусалим кои се вратија од ропство подигнаа нов Храм и народот ликуваше, неколку старци кои во детството го виделе Соломоновиот Храм плачеа и од радост што се гради светилиште и од тага што убавината и велелепноста на некогашниот Храм повеќе не се повторува.
Светот брзо се менува. Две генерации поминаа пред моите очи и повторно би сакал да ги повторам зборовите на Макарије Велики: “Јас не сум монах, но сум видел монаси”. И за тоа Му благодарам на Бога.
Во споредба со старците, кои заминаа дури и најдобрите монаси на нашето време личат на јагленче кое се прпелка во пепелот. Меѓутоа, ова јагленче сеуштен не зрачи со топлина, и иако не се оган кој силно гори околу нив човекот сепак може да не загине од духовно студенило. Во споредба со некогашните старци денешните оци личат на бледа светлина од ноќни светилки: тоа не е дневна светлина, но и со нивното светкање може некако да се разликуваат контурите на предметите, може да се разликува патот од жбунови и ровови. Затоа современите монаси, кои тагуваат што повеќе нема старци треба да бидат свесни: како и ние, ни тие не би можеле да го примат духот на поранешните оци; меѓутоа, нека ги почитуваат оние што се сеуште покрај нив.
Денешните наставници повеќе ја немаат силата на оние кои си отидоа. Духот на светот ги притиска во поголема мера, но и покрај нив човек сеуште може да се спаси. А кога ќе одат и тие, во светот ќе стане уште потемно и уште поладно, и многумина после нив ќе речат со горчина: “Зошто, зошто од нив не ги зедовме барем оние трошки кои тие ги имаа!...”
Подготви: Михаила Поповска
Посети: {moshits}