НЕЗНАЈНО ДОБРО
Еднаш во дамнешни времиња живеел еден човек. Неговата светост била толку голема, што дури и ангелите се чуделе и слегувале од небото само за да видат како е можно, живеејќи на земјата, да се облече во таква светост. Еднаш ангелите му рекле на Бога:
Господи, дај му на овој човек дар на чудотворство!
Ќе му дадам, – одговорил Господ. – Само, прашајте го дали самиот тој тоа го сака.
Ангелите го запрашаа светителот:
Дали сакаш да даруваш здравје само со еден допир со раката?
Не, – одговори светителот. – Подобро Сам Господ тоа да го прави.
А дали сакаш да имаш таков дар на красноречивост, со чија сила ќе ги обратуваш грешниците кон покајание?
Не, тоа е во Божји раце, а не во рацете на слаб човек. Јас се молам за обраќање на грешниците, но не обратувам.
Дали можеби сакаш да привлекуваш кон себе со светлоста на добродетелите и така да Го прославуваш Бога?
Не, привлекувањето кон себе ги одвлекува луѓето од Бога.
Па, што сакаш? – го прашале ангелите.
Што уште сакам? Господ да не ме лиши од Својата милост! А со неа ќе имам сè.
Но, ангелите продолжиле да инсистираат.
Добро, – одговорил светителот. – Сакам да правам добро, така што сам за тоа да не знам.
Ангелите се збунија, но потоа одлучија: „Нека секната од овој човек, која тој не ја гледа, ги исцелува болните и ги олеснува тагите и жалостите.“
Од тогаш така и било. Каде и да се појавел овој светител, неговата сенка ги покривала со зеленило изгазените патчиња, ја враќала водата во потоците што пресушиле, под неа цветале цвеќиња и се сушеле човечките солзи. А светителот едноставно одел по земјата, ширејќи околу себе добро, како цветот што шири мирис, ни самиот не знаејќи за тоа.
Извор: Парохија Св. Димитрије Солунски
Преземено од: Марков манастир