Православно-римокатоличкиот дијалог не може да продолжи без учество на Московската Патријаршија, изјави претседателот на Папскиот совет за христијанско единство, кардинал Валтер Каспер, којшто е и копретседател на Мешаната православно-римокатоличка комисија за дијалог. “Без сомнение, ние сакаме Руската Црква да го продолжи своето учество. Таа е многу важна Црква. Ние не сакаме дијалог без учество на русите и ќе работиме за постигнување на таа цел“, изјави кардиналот Каспер во интервју за радио “Ватикан“. Освен тоа, тој потенцира дека и покрај несогласувањата кој се изродија за време на октомвриската средба во Равена, со меѓуправославниот проблем врзан со признавањето на статусот на Естонската Црква, Ватикан бил подготвен да придонесе за разрешување на компликациите.
“Ако Московската и Константинополската Патријаршија посакаат, ние можеме да станеме посредници во решавањето на тој спор, било на двострано ниво меѓу Москва и Константинопол, било на општоправославно ниво“, рече кардиналот Валтер Каспер.
Според него Ватикан изразувал крајна огорченост и загриженост од временото напуштање на Московската Патријаршија на православно-римокатоличкиот дијалог. Бидејќи ние не можеме да се мешаме, би ги замолиле Москва и Константинопол да ги вложат сите сили за да изнајдат решение и компромис.
М.З