логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

TVIT232

Животот е борба
НАРОДНА ПРИКАЗНА: ОД ШТО ЖИВЕАТ ЛУЃЕТО?


Си живееше еден чевлар со својата жена и деца при еден селанец. Немаше ништо свое: ниту куќа, ни посед, а себеси и семејството го прехрануваше со она што ќе го заработеше. Лебот беше скап, а рацете евтини, и така – она што ќе го заработеше, тоа и го јадеа. Една вечер, чевларот Сима се враќаше дома од градот, и баш кога поминуваше покрај црквичката која се наоѓаше на кривината, здогледа како нешто белее зад црквичката. Никако не можеше да распознае што е тоа. Личеше на човек, но што е тогаш тоа што белееше? И што би тражел тука некој човек?
Се приближи, и види – чудо. Виде човек, жив или мртов, но гол разголен, како неподвижно стои наслонет на ѕидот од црквичката. И чевларот го фати некаков страв, та сакаше да помине покрај него. Таман помина покрај црквичката, се заврти и виде: човекот се одвои од ѕидот, чекори и како да разгледува нешто. Тогаш Сима уште повеќе се исплаши и побрза. Но, кога веќе ја одмина црквичката, започна да го обзема срам пред самиот себе. Така, тој застана на патот и се запраша: „Што правиш, Сима? Човекот умира во неволја, а ти се плашиш и сакаш да го одминеш. Зар се збогати, брате, та се исплаши да не го ограби твоето богатство? Сима, Сима, не е добро ова што го правиш!“.
И така, Сима се врати и му пријде на човекот. Приоѓајќи му, виде дека е млад и силен; на телото немаше траги од удари, само се гледаше дека е измрзнат и исплашен – седи, се приклонил и го гледа Сима. И заради оваа глетка Сима го засака човекот.
- Што да ти велам, – рече Сима – туку, де облечи го ова!
И чевларот го соблече кафтанот што го беше нагрнал, и му го даде на човекот, па му понуди да седне, и му навлече некакви чизми. Човекот стоеше и умилно го гледаше Сима, невелејќи му ништо.
- Што не зборуваш? Не можеш тука да презимиш, треба да си меѓу луѓето. Еве ти го брате, моето слабо тело, па ако си слаб, наслони се. Раздрмај се малку.
И се помрдна човекот, лесно тргна и не застана.
Одат по пат, а Сима прашува:
- А ти, брате, чиј си?
- Не сум одовде.
- Овдешните јас ги знам; туку, како дојде овде, при црквичкава?
- Тоа не можам да ти го кажам.
- Сигурно луѓето те навредиле?
- Никој не ме увредил, брате, туку Бог ме казни.
- Да, брате, сè е од Бога; но сепак, треба да се склониш некаде. Каде би сакал да одиш ти?
- Мене ми е сеедно.
Сима малку се зачуди. Човекот не личеше на безобразник, многу е благ на зборови, а ништо не сака да каже за себе. И си помисли Сима во себе: „А, зарем малку нешто се случува во светот?“ Па му рече на човекот:
- Знаеш ли што, брате? Дојди ти кај мене – барем колку толку ќе заздравиш.
Дома пак, Марта, жената на Сима му подготвила вечера, седеше и чекапе. Кога вратата се отвори, се појави Сима и некаков туѓ човек со него. Под кафтанот како да не му се гледа кошула, а на главата нема капа. Штом влезе, застана; ниту се движи, ниту очите ги крева.
- Марта, дај ни да вечераме.
- Нема вечера за вас. Не можам туку така да ранам секакви голи луѓе…
Жената плачеше ли плачеше. Потоа, Сима ѝ рече:
- Марта, Марта, утеши си го срцето, знаеш дека е грев и дека ќе умреме.
Марта сакаше да почне да се расправа, но погледна на странецот, и замолче. Странецот стоеше неподвижен; како што седна крај клупата, таков и остана: рацете спуштени на колена, со навалена глава, очите не ги отвора, чиниш нешто го дави. Замолче Марта, по што Сима рече:
- Марта, па зар Бога Го немаш?
Кога ги чу овие зборови, Марта уште еднаш погледна кон странецот, и наеднаш ѝ олесна. Пријде кон печката и ја донесе вечерата, го постави сиот леб, и им даде нож и лажици.
И додека тие двајца вечераа, Марта го гледаше странецот. Наеднаш ѝ стана жал за човекот, и некако го возљуби. И неговото лице одеднаш се разведри, погледна кон Марта, и насмевка му се разли на лицето.
Странецот немаше каде да оди, па остана при Сима. Рече дека се вика Михаил. И Сима започна да го учи Михаила на чевларскиот занает. Што и да му покажеше, тој веднаш го учеше, и веќе од третиот ден започна да работи ко сиот живот да шиел чевли. Работеше така без одмор, а јадеше малку. Кога прекинуваше со работа, молчеше и само нагоре гледаше. Не излегуваше на џадето, не зборуваше без потреба, не се шегуваше, не се смееше. Само еднаш го видоа да се насмее: таа прва вечер, кога жената на Сима му даде да јаде.
Ден по ден, недела по недела, помина една година. Михаил си живееше, како и порано, со Сима, и работи. И се прочу работникот Симов насекаде, и веќе сите знаеја дека никој не работи толку чисто, ни чевел некој може да сошие толку цврсо како работникот Михаил. И започнаа луѓе да доаѓаат кај Сима, обувки да нарачуваат. Еднаш, на зима, дојде кај Сима еден богат господин. По него, момокот носи една бовча која господинот ја разврза, и му рече:
- Слушни море чевлару! Го гледаш ли калапов – сошиј ми вакви чизми, за цела година да можам да ги носам, а да не се искриват, ниту да се рашират. Ако такви чизми можеш да ми направиш, земи го калапов и крои, а ако не можеш, не земај го и не крои. Однапред да ти кажам, ако чизмите се расшијат или искриват пред и година да помине, знај дека во зандани ќе те фрлам; а ако не се искриват за една година, десет парички ќе ти дадам за шиењето.
Се посрами Сима и не знае што да рече. Погледна кон Михаил, го буцна со лактот, и му прошепоти:
- Да го земеме?
Михаил мавна со главата, и како да рече:
- Земи, земи ја работата.
И го послуша Сима Михаила, и се нафати да сошие такви чизми кои нема да се искриват, ни распараат.
Тогаш господинот со главата покажа кон Михаил, и запраша:
- А кој ти е овој?
- Па тој е мајсторот. Тој ќе ги сошие чизмите.
- Внимавај, – му вели господинот на Михаила – и сошиј ги така, што цела година би ги носел.
Се заврти и Сима да погледне кон Михаил, и виде дека Михаил не гледа во господинот, туку својот поглед го насочил кон аголот зад господинот, божем таму гледа некого. Гледа ли гледа Михаил, и одеднаш се насмевна, а лицето му засвети.
- Што се цериш, лудаку низаеден – му рече господинот на Михаил. Поарно ти е да гледаш чизмите на време да се готови.
На тоа, Михаил му одговори:
- Ќе стигнат таман на време, ко што треба.
Рано изутрината Михаил го зеде материјалот за господинот, го посла на масата, го удвои, зеде нож и започна да крои.
Кога го скрои, зеде конец и започна да шие. Шиеше и шиеше, сè до пладне, кога застанаа малку да одморат. Кога погледна
Сима да види што направил, што да види: од материјалот Михаил направил мртовечки чевли. Се зачуди, па го праша Михаил:
- Што направи, мила моја главо? Сакаш да ме заколеш ти, друже? Господинот нарача чизми, а ти – што направи? И таман кога започне да му приговара на својот мајстор, некој чукна на портата. Му отворија. Кога – истиот момок кој дојде со господинот влезе, па им вели:
- Ме испрати госпоѓата за нарачаните чизми. Не треба да ги шиете – господинот умре.
- Што зборуваш бе? – се зачуди Сима.
- Не се врати од кај вас, во колата умре…
Тогаш Михаил ги зеде подготвените мртовечки чевли, ги забриша од престилката, и му ги даде на момокот.
Од тогаш поминаа година-две, а Михаил сè уште при Сима живееше, исто ко и порано. Никаде не излегува, не зборува напразно, и за сето време, само два пати се насмевна: еднаш кога домаќинката ја постави вечерата, а друг пат кога господинот ги нарачуваше чизмите.
Еден ден во нивната куќа дојде една продавачка со две девојчиња – близначиња, да нарача за нив пролетни обувки. Жената седна до масата, а девојчињата покрај неа, до коленото ѝ се приближија. Михаил ја остави работата, седна, и очи не тргаше од девојчињата. Навистина, девојчињата беа прекрасни, црнооки, полнички, румени; и бундичките и марамчињата на нив беа преубави; но сепак, Сима не можеше да разбере зошто Михаил се загледа во нив, токму како да ги познава.
Се договорија со жената, Сима им зеде мерки, па праша за едното девојче, кое беше куцо:
- Што се случило со неа? Така добро девојче. Зар не ѝ е тоа вродено?
- Не, мајка ѝ ја притиснала.
- Зар не си им ти мајка – се замеша и Марта во муабетот.
- Јас не сум им родена мајка; децата не се мои, посвоени се.
Жената си го отвори срцето и започна да раскажува: „Има шест години откако во една нецела недела останаа сирачиња. Во вторникот го погребавме татко им, а во петокот мајка им умре. Останаа посмртчиња од татко за три дни; а мајка им, штом ги роди, ни ден не поживеа. Бевме соседи, па ги зедов при себе. Жал ми беше: зошто ангелски души да умрат? Со своите гради ги хранев. И еве, сега живееме тука, во воденицата на трговецот. Како ќе живеев сама, ако не беа овие девојчиња со мене?“
Со едната рака жената го прегрна куцото девојче, а со другата ги бришеше солзите од очи.
- Е, не попусто вели народот: „Без татко и мајка ќе проживееш некако, но без Бога – никако“.
Откако позбореа уште малку, стана жената да оди. Домаќинката ја испрати, и погледна кон Михаил, кога тој – со рацете на колена се смее.
Му пријде Сима, и му вели:
- Што е со тебе, Михаил?
Стана Михаил од клупата, ја остави работата и престилката, се поклони пред стопаните, па рече:
- Простете ми, стопани; мене Бог ми прости, простете и вие.
И забележаа стопаните дека од него излегува светлост. Стана и Сима, се поклони пред него, и му рече:
- Гледам јас, Михаиле, дека ти не си обичен човек; само едно кажи ми. Кога тогаш те најдов и те доведов дома, зошто беше намрштен, а кога жена ми ни даде да вечераме, ти ѝ се насмевна, и лицето ти стана посветло? Па, кога оној господин нарачуваше чизми, ти втор пат се насмевна, и од тогаш уште посветол стана, а сега, кога оваа жена ги донесе девојчињава, ти трет пат се насмевна, и сиот те озари светлоста? Кажи ми, Михаиле, од каде е таа светлост при тебе, и зошто три пати се насмеа?
Михаил рече:
- Таа светлост од мене, е поради тоа што јас бев казнет, но сега Бог ми прости. А се насмевнав три пати, затоа што ги дознав трите Божји слова. Првото слово го дознав кога твојата жена ми се сожали на мене, и тогаш се насмевнав; второто слово го познав кога оној богаташ ги нарачуваше чизмите, и тогаш втор пат се насмевнав; и сега, кога ги видов овие девојчиња, го дознав и последното – трето слово, и трет пат се насмевнав.
На тоа, Сима му рече:
- Кажи ми, Михаиле, зошто те казнил Бог, и кажи ми ги тие слова Божји, та и јас за нив да знам.
Михаил му одговори:
- Бог ме казни оти не Го послушав. Јас бев ангел на небесата. Ме испрати Господ да ја земам душата на една жена. Јас дојдов на земјата и видов како жената сама лежи, болна, само што родила близначиња: две девојчиња. Кога ме виде, жената сфати дека Бог ме испратил по нејзината душа, па заплака и рече: „Ангелу Божји, немој душата да ми ја земаш. Само што го погребавме маж ми, ќе нема девојчињата кој да ми ги гледа. Дај ми да поживеам, само толку, колку да можам да ги прехранам. Не може децата да останат без татко и мајка“. Но, Господ ми рече: „Оди и земи ѝ ја душата, и ќе ги дознаеш трите слова Божји: ќе познаеш што има во луѓето, што не им е дадено на луѓето да го знаат и од што живеат луѓето. Кога тоа ќе го дознаеш, врати се на небесата“. Полетав кон земјата повторно, и ѝ ја зедов душата на родилката. Се опушти мртвото тело на жената, и на едното девојче ѝ ја нагмечи ногичката. Како што се кренав над селото, носејќи ја нејзината душа при Бога, кога ме зафати силен ветар и крилјата ме напуштија, па душата сама поита при Бога, а јас паднав покрај патот, на земја.
Дури сега Сима и Марта сфатија кого облекле и нахраниле, и кој живеел со нив, та заплакаа од страв и радост, а ангелот им рече:
- Седнав покрај црквичката и наеднаш слушам: доаѓа некој човек по патот. Но, кога ме погледна, тој се намршти и помина покрај мене. Малку потоа, слушам пак: човекот се враќа. Погледнав – и не го познавам лицето од претходно. Кога поминуваш, во неговото лице се гледаше смртта, а сега постана жив, и на неговото лице јас Бога Го видов. Кога дојдов во неговиот дом, жена му беше уште пострашна: мртовечки дух ѝ излегуваше од устата. Но, наеднаш мажот ѝ ѝ Го спомна Бога, и жената се измени. Кога ни даде да јадеме, погледнав на неа – и во неа смртта ја немаше веќе, туку жива беше, и во неа Го видов Бога. И се сетив на првите зборови Божји: „Ќе дознаеш што има во луѓето“. И дознав дека во луѓето има Љубов. Се зарадував кога видов дека Бог започна да ми го открива тоа што ми го вети, и се насмевнав за прв пат. Оттогаш помина една година. И дојде човекот да ги нарача чизмите. Кога го погледнав, позади неговиот грб го видов мојот другар, ангел на смртта. Знаев дека уште пред сонце да зајде, ќе ја земе неговата душа. И тогаш помислив: „Се грижи човекот за себе една година однапред, а не знае дека ни до вечерва нема да живее“. И, тогаш го дознав второто слово Божјо, што ми го вети: дека на луѓето не им е дадено да знаат што е потребно за нивното тело, и по втор пат се насмевнав. А трет пат се насмевнав кога жената се разнежни кон туѓите деца, и заплака: во нејзините очи јас живиот Бог Го видов, и разбрав од што живеат луѓето. И сфатив дека Бог ми го откри и последното слово Свое, и ми простил.
И се покажа телото на ангелот, облечено во светлина, та никој не можеше да гледа во него, а тој со велик глас проговори, глас кој доаѓаше не од него, ами од небесата. И рече:
- Дознав дека секој човек живее не од својата грижа за себе, туку од Љубовта. Не ѝ беше дадено на мајката да дознае што е потребно за животот на нејзините деца. Не му беше дадено на богатиот да дознае што нему му е потребно. И на ниту еден човек не му е дадено да дознае дали до вечер му се потребни мртовечки, или други обувки. А кога постанав човек, жив останав не по своја заслуга, туку по Љубовта која ја имаше човекот кој поминуваше покрај мене. Сирачињата останаа живи не по волјата на нивната мајка, туку по Љубовта која тлееше во срцето на туѓата жена, која им се сожали и ги возљуби. И сите луѓе живеат не по своја заслуга, туку затоа што има Љубов во луѓето. Кој во Љубовта пребива, тој е во Бога, и Бог е во него, затоа што Бог е Љубов.
И Му испеа ангелот пофална песна на Бога, а од неговиот глас сета соба се потресе. Се откорна таванот, и се појави огнен столб од земјата до небото. Сима и неговите домашни паднаа на земја, а на ангелот му се појавија крилја, и се вознесе на небесата.
А кога погледна Сима околу себе, собата беше иста како и претходно, само што во неа немаше никого, освен неговото семејство.


Објава на „Свето Православие’’.  

Животот е борба

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5803
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6621
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6404
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5598
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная