
Многупати сум говорел за ова и сега ви повторувам: целото суштинско Предание на Црквата се сведува на преданието на умно-срдечната молитва.
Постои ли ова Предание на есхатолошкото, царско и внатрешно свештенство, макар само и во три човека, ќе постои и овој свет, ќе постои и Црквата Христова во која луѓето, кои што сакаат, ќе можат да се ослободат од ропството на своите страсти, како и од ропството на демоните поврзани со соодветните страсти, и ќе можат да влезат во Царството Небесно – кое е, пред сѐ, внатре во нас.
Значи, ве молам, додека сум уште со вас – затоа што за некоја година ќе се повлечам од јавно служење, сакам претходно да го видам многу повеќе проширен подвигот на молитвено насочување на енергијата на вашиот ум кон пределот на срцето и во мир и утеха да го продолжам својот живот.
Влезете во овој подвиг континуирано, со надеж и со едноставност на деца Божји, верувајќи во Христовите зборови: „кој бара – ќе најде и на кој чука – ќе му се отвори“ и од личен опит ќе видите колку е милостив и благ Господ; и од личен опит ќе знаете што е тоа – дар на аскетска умно-срдечна молитва.
Одделувајте секојдневно макар пет, десет или петнаесет минути насочувајќи ја молитвено енергијата на вашиот ум кон пределот на вашето срце и сигурно од опит ќе дознаете што е тоа „внатрешно, царско и есхатолошко свештенство“.
Се подразбира дека начинот на вашиот живот треба да е восогласен со степенот од духовниот развој на кој се наоѓате, како и со местото и улогата што ги имате во Црквата и во општеството.

Оти кој отец, на своето дете кое му бара леб - би му дал камен или на она кое му бара риба – би му дал змија?
Љубето Го вашиот Отец и Бог како деца Божји, т.е. само давајте и давајте се; не се однесувајте како робови и наемници – кои само нешто бараат и очекуваат. Докажете се како деца на вашиот Отец и наследството ќе биде ваше, уште веднаш. Амин!
Митрополит Струмички г. Наум
Друго:
Коментар на денешното евангелско четиво:
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.“
Човековата душа има три сили: една словесна – ум, и две бесловесни – волја и желба. Често, покрај ум, спомнуваме и постоење на разум. Многу е битно, од духовен аспект, да се прави оваа разлика. Поради едната и иста енергија што се користи, умот е словесната сила преку која човекот лично и директно комуницира со Бог, додека пак, разумот е дел од умот, функција или алатка на умот, преку која човекот се снаоѓа во овој свет.
Различна е храната на умот од храната на разумот. И, различно е знаењето на умот од она на разумот. Храна на умот е опитот и заедницата со Бог – светотаинската и молитвената, додека пак, храна на разумот е световното теоретско образование – од која било област на науката и културата, па дури и на теологијата, како и од разните вештини. Знаењето на умот е познанието на Бог – како просветленост или обоженост, додека пак, знаењето на разумот – самото по себе, е само познание на практичниот опит во овоземните науки и вештини, како и во културата.
Tреба паралелно со хранењето на разумот – што е просто неизбежно во овој свет, да го храниме и умот – преку соединување со несоздадената благодат, што е од суштинско значење за нашето спасение. Погрешно е разумот – преку сетилата, да го прехрануваме, а умот само да го потхрануваме. Важно, постои реална можност за просветлување и на нашиот разум, што се случува преку просветлувањето на енергијата на самиот ум, преку светлината што произлегува од очистувањето на срцето – преку исполнувањето на заповедите, и од опитот во умно-срдечната молитва, нешто што е многу битен и редок Божји дар за Црквата.
Поголема полза има Црквата од светител кој својот опит може да ни го запише и објасни отколку од светител со ист опит, но кој нема интелектуален капацитет својот опит да го запише и објасни, согласно современата реалност и јазик на разбирање. Ќе завршам со цитат од Старец Софрониј, кој сето она што го рековме го заокружува со три реченици: „Некој може да биде многу учен, да има академски дипломи, а да остане крајно неук за патот на спасението. Кога некој има свет и безгрешен живот, интелектуалното знаење може да даде чудесни плодови. Знаењето без љубов не може да го спаси човекот!“


























