(1906-2.12.1991)
Старецот Порфириј е роден во 1906 година во Свети Јован Каристијски, на Евија. Неговото световно име е Евангелос. Во училиште одеше само две години. Болеста на учителот и сиромаштијата на семејството го принудија да работи како овчар, пасејќи ги нивните неколку говеда. Малку подоцна, кога беше дете на деветгодишна возраст, се вработи во јагленарница а потоа во маркет кај еден пријател на семејството во Пиреја. Татко му беше заминал да работи на канал во Панама, за да го прехрани семејството.
Кога имаше 8 години, најде една книшка со животот на свети Јован Коливит (Колибар), кое го читаше по слогови. Животот на светителот го потресе малото овчарче и посака да го следи неговиот пример. Така, на возраст од околу 12 години, тргна сам тајно за Света Гора и на бродот го запозна својот подоцнежен старец, јеромонахот Пантелејмон, духовникот, кој се подвизуваше во ќелијата на Свети Ѓорѓи во Капсокаливија, на Света Гора.
На овој старец и на неговиот брат по плот монахот Јоаникиј, младиот послушник им правеше радосно и крајно послушание и така по две години се удостои да биде пострижан за монах. Поради неговата горешта вера, послушанието и подвизите, го посети Божествената благодат и во млада возраст стекна дар на прозорливост.
На Света Гора се разболе од пневмонија на околу 18-годишна возраст и старците го испратија во манастир на Евија за да се лечи. Таму го запозна архиепископот Синајски Порфириј и откако се увери во неговиот духовен напредок, го ракоположи за свештеник на возраст од 20 години. По краток временски период локалниот митрополит го произведе за духовник и така го стави во служба на верниците неговиот дар на прозорливост. Со овој дар, младиот јеромонах и духовник Порфириј им помагаше на луѓето да се избават од различни замки на лукавиот, да разберат што се случува со нивната душа и да работат на своето спасение.
Во 1940 година беше поставен за парохиски свештеник во атинската Поликлиника, на улицата Сократ, во близина на плоштадот Омонија. На оваа служба помина 33 години, исповедајќи ги болните и другите, молејќи се, советувајќи и често исцелувајќи ги со молитвата и со благодатта Божја болните кои бараа помош од него.
Во 1950 година се насели во напуштениот манастир на свети Никола на Пендели и до 1978 ја средуваше неговата околина. Во 1979 се насели во Милеси, Атика, во близина на Оропос, каде што почна, откако доби законски дозволи, да го гради Исихастирионот на Преображението Господово. Овде примаше посетители од различни категории и телефонски повици од сите делови на светот, за различни проблеми и советуваше, се молеше, исповедаше и ги исцелуваше душите и често пати и телата на луѓето.
Во јуни 1991 година, претчувствувајќи го својот крај, и не сакајќи да биде погребан со почести, замина во ќелијата на Свети Ѓорѓи во Капсокаливија, на Света Гора, каде што беше замонашен пред 70 години и на 2 декември ја предаде својата душа на Бога.
Неговите поуки останаа како скапоцена ризница за измачениот човек од нашево време. Со длабоката љубов и расудување кои беа карактеристични за него, неговите зборови сочинуваат вистинска потпора и утеха во нашево време. Неговиот прониклив поглед и голема човекољубивост му даваат поинакви димензии на современото духовништво и пастирство.
Неговата светост официјално е признаена и објавена со одлука на Синодот на Цариградската патријаршија на 27 ноември 2013 година, а самиот чин е извршен на 1 декември 2013 година, во манастирот Преображение Господово во Милеси. Неговиот свет спомен се слави на 2 декември. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.
Превод: Свештеник Јани Мулев
https://crkvaveles.wordpress.com/2019/12/02/sv-porfirij-zit/