23. 07. Преподобен Антониј, Киево-печерски
Основоположник и татко на монаштвото во Русија. Роден е во малото место Љубеч близу Чернигов. Рано ја остави својата татковина и отиде на Света Гора, каде што се замонаши и се подвизуваше во манастирот Есфигмен.
Според едно небесно јавување игуменот го упати во Русија за да создава таму монаштво. Тој си избра една пештера кај Киев. Кога околу него се собраа желните за монашки живот, тогаш тој им го постави за игумен Теодосиј, а самиот остана во пештерата во безмолвие. Со Божјиот благослов манастирот нарасна и стана матица на руското монаштво.
Антониј претрпе многу злоба од луѓето и од демоните, но со својата кротост ги победи сите. Имаше голем дар на проѕорливост и на исцелување на болни. Се престави кај Господ во 1073 година, во деведесеттата година од својот живот и остави духовен расадник, којшто му носи добри плодови на рускиот православен народ со векови.
Тропар
Излегувајќи од световниот метеж и откажувајќи се од светот, евангелски Христос си Го следел: и живеејќи рамноангелен живот во тивкото пристаниште на Света Гора Атонска си пристигнал, откаде со благослов на отците во гората Киев си заминал, и таму трудољубиво животот твој завршувајќи го, татковината си ја просветил, и на мноштво монаси патеката која води кон Небесното Царство си им ја покажал, кон Христос нив приведувајќи ги. Него моли Го, Антоние преподобен, да ги спаси нашите души!
pp