Свети рамноапостолни Методиј и Кирил, Учители Словенски
23/05/2010 Житија
Светите браќа и словенски апостоли Кирил (со замонашувањето Константин) и Методиј, се родени во Солун.
Раната младост ја поминале во Солун кој бил културен центар на Македонија. Солун бил двојазичен град, каде што покрај грчкиот се слушал и словенскиот говор, затоа што целосно бил окружен со словенско население. Нивниот татко Лав бил византиски воен офицер (друнгариј).
Борис Флорја (еден од најголеми специјалисти по историја на словенските народи во Средните векови) во однос на етничкото потекло на светите браќа ги отфрла тврдењата за нивното бугарското потекло бидејќи се засновани на историски недоверливиот извор „Успение Кирилово.“ Како недоволен за да се потврди оваа хипотеза го оценува и аргументот дека нивната мајка имала словенско име Марија.
Истовремено, не се сериозно засновани ниту тврдењата на некои грчки истражувачи кои сметаат дека солунските браќа биле грци, повикувајќи се на високата општествена положба на нивниот татко и укажувајќи на некои изјави од Константин, како на пример, неговото тврдење во спорот со арапите, дека „од нас [т. е. од Византија. – Б. Ф.] произлегуваат сите науки“, или застапувањето при неговото патување во Хазарија – да бидат ослободени заробени грци. Неправилноста на претставите за особено високиот статус на семејството на браќата убедливо ја покажува И. Шевченко кој Лав го окарактеризирал како офицер кој има средно значење во провинцијалната војска. А изјавите на Константин, лесно се објаснуваат со ромејскиот патриотизам кој бил својствен за претставниците на политичката и културната елита на византиското општество, независно од нивното етничко потекло.
При ваквата состојба на изворите, прашањето за етничкото потекло на Константин и Методиј дефинитивно не може да биде решено. Затоа Флорја предложува „по ова прашање да застанеме на помудри позиции и да ги признаеме за словени по јазик и самосвест, не навлегувајќи во прашањето за нивната крв – словенска, грчка или поинаква.“
***
Во првата половина на IX в. словенските земји на Балканот биле своевидно јаболко на раздорот меѓу Првото Бугарско царство и Византија. Во таa ситуација византиската власт не можела да спроведува политика на отворен притисок врз словените во Македонија и Грција. Во првата половина на IX в. словенските племиња на територијатa на Империјата сѐ уште имале многу широка автономија. Со нив владееле архонти од средината на местното население. Византија сакала внимателно и постепено нив да ги замени со свои, византиски чиновници. Истовремено, бугарската опасност што ја ограничувала слободата на дејствата на византиската власт, барала Византија да изнајде нови начини; како цврсто да ги поврзе словенските покраини со Империјата. Таа цел можело да се достигне преку христианизација на словените и создавање црковна организација на нивните територии. Многубројните епископии (потчинети на Константинопол), кои се појавиле на словенските земји уште во 869/870 години, сведочат дека таа можност византиската власт не ја пренебрегнувала, па словенските земји станале објект за мисионерска дејност на византискиот клир, секако, одамна пред наведените датуми.
Познато е дека од 843 г. Методиј бил управител на византиска словенска област, недалеку од Солун, населена со словени. „Кесарот [кога дознал] за неговата остроумност, му дал да управува со словенско кнежество, би рекол, како да предвидел, дека ќе го испрати меѓу словените како учител и прв архиепископ, за да ги научи сите словенски обичаи и постепено да се навикнува на нив. (од Житието на свети Методиј)” Тие словенски општества биле наречени Склавинии или Славинии. Се претпоставува дека свети Методиј бил распореден во Стримонската архонтија, северно од Солун или некоја соседна на неа. Изворите го истакнуваат неговиот труд за утврдување на христијанството среде словените во тие земји.
Бидејќи на терминот «кнез» во старословенските извори соодветствува грчкиот «архонт», истражувачите се согласни дека Методиј бил поставен да раководи со архонтија што била населена со словени. Архонтии во балканските владенија на Византиската империја биле територии со словенски политички уредувања, вклучени во состав на Империјата, но кои сѐ уште не биле воведени во типичната организација на „теми”, кои биле основно јадро на нејзината воено-административна организација. Изворите од IX в. соопштуваат за две категории на такви архонтии: едни, кои за своја глава имале лице назначено од императорот, од средината на местната словенска елита, и други кои како владетел веќе имале претставници од воено-административниот врв на Империјата, претежно грци. Политиката на Империјата во текот на целиот IX в. била насочена кон тоа; секаде каде што можат да ги заменат словенските архонти со императорски чиновници.
Испраќањето на Методиј во „словенское књажение” била една од пројавите на на таа политика. За жал, текстот на изворот не дозволува точно да се определи, каде се наоѓало тоа «књажение». На Балканот во средината на IX в. постоеле редица такви територии. Во таа служба Методиј останал 10 години, а потоа, откако ја познал суетата на животот – примил монашкиот чин.
При императорот Теофил (829-842 г.), кој бил презафатен во борбата со арапите во Мала Азија и Сирија, Бугарите почнале да ги освојуваат земјите на словените во Македонија, која влегла во состав на Бугарија околу 864 г., спроти нејзиното покрстување во 865 г.
Спорно останува прашањето; навистина ли, во почетокот на 50-ите години од IX в, Константин престојувал крај реката Брегалница и обратил во христијанството многу словени. Фактот дека преподобен Кирил дејствувал „во градот Равен (кај с. Крупиште, штипско), на реката Брегалница” се споменува само во еден документ, во «Успение Кирилово», кој бил составен на територија на Бугарија, а е оспорен од мнозинството научници.
Во светлината на верата историскиот осврт на околностите воопшто не е противречен со агиографскиот пролог за свети Методиј: „Бог милостивиот и изобилниот, посакувајќи го покајанието на луѓето, за сите да бидат спасени да дојдат до познание на вистината, зашто Тој не ја сака смртта на грешниците, туку покајанието и животот… во сите години и времиња не престанува да ни твори многу милост како од почетокот, така и сега, прво преку патријарсите и отците, после нив преку пророците, а потоа преку апостолите и мачениците и праведните мажи и учители, избирајќи ги од овој многу-метежен живот… како што направи и за нашето поколение, подигнувајќи ни таков учител, кој го просвети нашиот народ…“
***
Околу 840 г., благодарение на логотетот Теоктист, Константин оди во Константинопол и се школува во императорската школа, каде што му предаваат најистакнатите учители на тоа време. Ги изучил граматиката, диалектиката, риториката, аритметиката, геометријата, астрономијата, музиката, Хомер и „целата останата елинска уметност.“ Освен грчкиот и словенскиот јазик кои подеднакво ги знаел, тој ги изучил еврејскиот, хазарскиот, арапскиот, самаританскиот, сирискиот. Мудростa и силата на верата на маладиот Константин биле толку големи, што успеал да победи во полемиката со водачот на еретиците-иконоборци Анија. Воспитан на императорскиот дворец, по завршените филозофски и теолошки студии, Константин е поставен за хартофилакс (библиотекар, во денешни услови сооодветно на научниот степен академик) во црквата Света Софиа, во Константинопол. Но, пренебрегнувајќи ги погодностите на својата положба, тој се оддалечил во некој од манастирите на црноморското крајбержје. Некое време живеел во молитвена тишина, „разговарајќи само со книгите.“ Потоа, речиси насилно бил вратен во Константинопол и назначен да предава Философија во истиот Магнаврски универзитет, каде што и самиот учел до неодамна. Тогаш бил наречен Философ.
Во 851 г. Кирил е член на византиската делегација кај арапскиот калиф во Самара, за да го запознае милитенскиот емир со основите на Христијанството („сараценска мисија“). Таму води полемика со муслиманите, покажувајќи одлично познавање и на Коранот.
Во 856 г. – време на политичките и црковени превирања во кои е убиен логотетот Теоктист, близок пријател и покровител на семејството на светите браќа – Методиј ја остава својата служба архонт и се повлекува во манастир на Олимп, во Мала Азија. Малку подоцна при него доаѓа и Кирил. Во манастирот имало многу монаси словени со кои Константин ги усовршил познавањата на словенскиот јазик. Но, по налог на византскиот василевс Михаил, во 860 г. двајцата браќа заминуваат како мисионери меѓу турско-татарите Хазари (во денешна јужна Русија). Кирил, веројатно, по препорака на Фотиј кој 858 г станал Патријарх Константинополски, бил водач на мисијата кај хазарите. Патот ги водел преку градот Корсун (Херсонес, на Крит). Таму мисионерите привремено останале заради изучување на иврит (еврејски јазик). Таму ги откриле моштите на свети Климента папа Римски. Поголемиот дел од светите мошти тие ги понеле со себе. Иако, не успеале да го обратат во христијанската вера хазарскиот каган кој исповедал јудаизм, светите браќа крстиле околу 200 хазари и со нивно застапништво ослободиле заробени византиски војници. По завршувањето на хазарската мисија, постариот брат Методиј станал игумен во Полихрон манастирот, а помладиот се вратил во Константинопол.
***
Веднаш по завршувањето на сараценската мисија, светите браќа се ангажирани за нова мисија меѓу Словените. Имено, во 862 г. пратеници од моравскиот кнез Растислав бараат од василевсот Михаил епископ и свештеници кои христијанската вера ќе ја проповедаат на словенски јазик.
На територијата на пространата држава на Растислав, Христијанството уште од почетокот на IX век го ширеле свештеници од регенсбуршката и пасаунската епархија. Тоа значи дека во Христијанството ја обратиле западните, веројатно германските мисионери. Новите откритија покажале дека Панонија била територија што влегувала во јурисдикцијата на Западно-римскиот, а не Источно-константинополскиот патријарх. Таа веќе била христијанска земја. Пробудените национални чувства го терале кнезот Растислав да бара други, национални патишта. Растислав во Византија бара потпора против царот Лудовик Германски, од чија власт неодамна се извлекол со огорчена борба. Концепцијата на Растислав била дека, самостојната моравска црква со домашен клир и свој литургиски јазик ќе стане брана против секакво туѓо влијание.
Византија донекаде ја задоволува желбата на Растислав со испраќањето на Кирил и Методиј. Браќата за ова дело сериозно се подготвиле; Кирил го составил првото словенско писмо и на јазикот на македонските Словени од околината на Солун ги превеле најпотребните црковни книги. На тој начин го создале првиот словенски книжевен јазик и ги поставиле темелите на словенската книжевност.
Свети Кирил својата намера за создавањето на словенска азбука, најверојатно ја имал многу порано пред тргнувањето во Моравија. Се мисли дека периодот пред моравската мисија е прекраток за формирање на словенската азбука, а притоа и да се направат некои преводи. Италијанската легенда тврди дека свети Кирил однел во Моравија готов превод на Евангелието. Кога би бил направен тој превод, ако во Моравија светите браќа тргнале по еднонеделна подготовка? Мислата за создавањето на словенската писменост, веројатно, се појавила за време на мисијата кај агарјаните, додека свети Кирил минувал низ словенските земји.
Свети Кирил од своето детство бил многу близок со словенскиот народ, зашто живеел во град кој воглавно бил населен со словени. Со болка во срцето идниот просветител на словените осознавал, дека тој многуброен народ престојува во темнина, не знаејќи го ни Божјото Слово, ниту вистините на Христијанската вера. Макар што многу словени биле крстени, тие немале можност да се хранат од живиот извор на Божјото Слово: прво, затоа што немале писменост, а второ, богослужбата се вршела на туѓ, за нив неразбирлив јазик.
Според зборовите на Црнозризец Храбар (крајот IХ – почетокот на Х в.), словените, откако го примиле христијанството, се обидувале да го запишуваат словенскиот збор со „римски и грчки букви.“ Иницијативата на тие дејства Храбар ја припишува на словените, а не на христијанските мисионери кои пристигнувале во словенските земји.
Словенските народи претставувале поле подготвено за жетва. Свети Кирил добро разбирал дека тоа поле можело да се жнее со српот на Божјото Слово, преведено на родниот јазик. „И откако се предадоа на строг пост и непрекината молитва, на телесно истоштување, душевна понизност и смиреност – го постигнаа саканото.“
Тешко е да се каже, да ли Константин создал сосема нова азбука или ја переработил и приспособил за подобро предавање на словенскиот збор веќе постоечкото словенско писмо.
Простата логика укажува на тоа дека свети Кирил е автор на азбуката која е наречена според него: Кирилица. Јуриј Лошиц го критикува ставот дека кирилицата така ја нарекле (во чест на Кирил) оние кои неговото оригинално писмо дрско го отфрлале како непригодно: „Незамисливо е такво лицемерие кај учениците и следбениците на свети Кирил.
Најстарите списи со глаголица сведочат за нешто друго – за мирно сопостоење на двете алфавитни традиции во времето кога се градел литературниот јазик на словенството.
И макар што преовладувачкото убедување не остава место за поинакво размислување, сѐ поубедено го тврдам следното: браќата никако не можеле да го понесат со себе она што денес се нарекува глаголица. Тие ја понеле кирилицата.
Словенската кирилична азбука – е сведок дека од дамнешни векови словенството на Исток е во духовно сродство со Византискиот свет. Со глаголицата светите браќа ќе се сретнат малку подоцна, по стигнувањето во Моравија.
Глаголицата и кирилицата определен период сопостоеле – со модерен јазик кажано – како два самостојни проекта на две архитектски бироа. Првичната алфавитна замисла на солунските браќа настанала и се реализарала уште пред да отидат во Моравската земја. Таа се пројавила во обликот на прво-кириличната азбука, составена со големо пренесување на графиката на грчкиот алфавит и со додавање на неколку букви што одговараат на чисто словенските звуци. Со текот на времето, глаголицата како многу сложена според своите конструктивни особености не издржала во конкуренција со генијално простата и елегантна кирилица…“
Творечката дејност на свети Кирил не се ограничува само на создавањето на буквите. Притоа тој ја создавал и христијанската словенска терминологија. Дотогаш во словенскиот јазик не се сретнувале зборови како „воскресение,“ „суштина,“ „пакибите (повторно-настанување, повторно-раѓање),“ па дури ни „Господ“ (употребен во однос на Бог)…
Словенскиот јазик станал духовната врска која ќе го зачува зародишот на идната националност на народот. Светите Кирил и Методиј, работејќи над словенскиот јазик, работеле над народното самосознание на словенските племиња. Во тоа се состоело идното и историско значење на трудот на светите словенски првоучители.
Во однос на старословенскиот јазик R.G.A. De Bray во “Guide To The East Slavonic Languages“ од 1980 година вели: „Како иронија на историјата, луѓето чии претци им го дадоа првиот литературен јазик на Словените, се последните чијшто модерен јазик е признаен како посебен Словенски јазик, различен од соседните Српски и Бугарски.“
На 24 мај 863 г. браќата стигнуваат во Велеград – престолнината на Моравија, кај кнезот Растислав, кој ги примил гостољубиво. Успехот на нивната мисија, многобројните ученици и народните симпатии, предизвикуваат реакција кај латинско-германскиот клир. Германското свештенство започнува подмолна борба против словенските мисионери.
Во Моравија христијанските учители поминале три години: од 863 – 866 г. Просветителството на браќата на разбирлив словенски јазик предизвикувало негодување кај латинско-германското свештенство, кое не бирало средства да ги спречи византиските проповедници. Лудовик Германски започнал војна против Моравија. Во август 864 г. Лудовик Германски во сојуз со болгарите го победил кнезот Растислав во тврдината Довина (Велеград). Кнезот Ростислав бил принуден да стане вазал на Лудовик. Тоа веднаш ги засилило позициите на германскиот клир кој одлучно одбивал да ги ракоположи бучениците на браќата во свештенички чинови. Ситуацијата станала критична, па Кирил и Методиј решиле да се вратат заедно со моравските ученици во Константинопол. Требало да поминат низ Болгарија, но тој пат се покажал затворен: при крајот на 866 г. болгарите го изгониле византиското свештенство и од Рим повикале латински свештеници.
На патот кон Рим, браќата останале неколку месеци во Панонија (денешниот југо-западен дел на Унгарија), во Блатноград. Кнезот Коцел од нив ја научил словенската писменост и со нив испратил во Рим 50-ина ученици за да бидат обучени и посветени во духовен чин. Без оглед што зајакнувале германските кнезови и Салцбургскиот епископат, нашите просветители таму ја продолжиле истата мисионерска дејност како и во Моравија. Свратиле и во Венеција. Веројатно, Константин се надевал дека венецискиот епископ ќе ги ракоположи неговите ученици. Но, во Венеција надлежниот епископ свикал поместен собор (867 г.), на кој биле обвинети Кирил и Методиј за нарушување на црковното правило за „тријазичност на службата.“ Според уредбите од IX век, Христовото слово можело да се проповеда на јазикот на просветуваниот народ, но црковната служба — исклучиво на грчки, на латински или на иврит. Браќата биле осудени за превеведување на богослужбените книги на словенски јазик. При крајот на истата година тие добиле тажни вести од Константинопол: нивниот покровител, императорот Михаил III бил убиен во дворски преврат, а патријархот Фотиј, учител на Кирил, бил отстранет од патријршиската катедра. Изгледало дека делото на големите просветители ќе доживее целосен крах. Во таа положба, браќата решиле да побараат заштита од римскиот папа Адриан II. Тие се обратиле кај Римскиот Папа просто затоа што биле на територија која веќе одамна и неспорно му припаѓала на Папата, а на која Константинополскиот патријарх не претендирал.
***
Во втората половина на IХ-иот век односите меѓу Римската и Византиската Црква имале полемички карактер. Притоа, треба да се обрати внимание на тоа, дека раздорот се продлабочувал повеќе меѓу личности, отколку меѓу Црквите.
Папата Николај I во април 863 г. на Соборот на Италијските епископи, го осудил и отфрлил Фотиј, а се изјаснил дека за законит константинополски патријарх го признава Игнатиј.
Константинополскиот Патријарх Фотиј свикува Собор, кој најверојатно e одржaн летото 867 г. (бидејќи во септември истата година на императорскиот дворец се случил превратот: василевсот Михаил III е убиен и го заменува Василиј I Македонец). На тој Собор бил осуден и предаден на анатема папата Николај I. Актите за тоа биле испратени во Рим.
Светите браќа пристигнале во Рим кон крајот на 867 година. Не го затекнале жив папата Николај I, кој се упокоил во екот на полемиката со Фотиј, а при взаемно одлачување/изопштување од Црквата. Константин ги предал моштите на св. Климент Римски на штотуку ракоположениот папа Адриан II.
Во Рим поминале речиси две години. Една од причините за подолгиот престој е влошувањето на здравјето на Константин. Во почетокот на 869 г. тој примил схима и ново монашко име Кирил, а на 14 февруари се упокоил. По заповед на папата Адриан II, Кирил бил погребен во Рим, во храмот Св. Климент, каде што е неговиот гроб и денес.
Додека православните историчари, разбирливо, ја докажувале блискоста на браќата со Фотиј (некои дури и нему му ја припишувале идејата за создавање на словенската писменост), католичките историчари напротив, тврделе дека Константин и Методиј ја држеле страната на патријархот Игнатиј, па нивните подоцни контакти со Рим биле природна последица на таквата нивна ориентација. Сепак, после долги дискусии непристрастните претставиници на двете струи признале дека и двете проценки страдаат од преувеличувања. Така, од една страна, учеството на браќата во официјалната византиска делегација во Хазарија, испратена во период кога патријарх бил Фотиј, говори за нивниот лојален однос кон овој ерарх. Од друга страна, отсутството на било какво спомнување на Константин и Методиј во опширната преписка на Фотиј, говори за отсуството на особена блискост меѓу браќата и патријархот. Може да се каже дека, иако излегле од Константинополската Црква во времето кога Фотиј бил во борба со папата Николај – браќата не заземале некоја определена позиција и не се приврзале кон ниту една од групите кои се бореле за власт.
Кога таа борба најмногу се заострила 866/867 г., кога Фотиј свикува „Вселенски” Собор и го анатемисува папата, светите Методиј и Кирил, гонети од германскиот клир, бараат заштита кај папата, патуваат во Рим, му ги предаваат на папата како дар моштите на свети Климент Римски и остануваат подолго време во Рим.
Или светите Методиј и Кирил ништо не слушнале за борбата на Фотиј со папата Николај I – но, тоа не е можно! – или во време кога сè уште немало раскол во верата на таа борба тие не ѝ придавале преголемо значење, проценувајќи ја како – во значителна мерка – борба меѓу одделни личности.
***
Папата Адријан во словенските мисионери гледа добри помошници во борбата против засилените и непослушни германски епископи и нивниот суверен, па ги прима со почит и многу свечено. Се погрижил и за богослужбата на словенски јазик; заповедал да се положат словенските книги во еден од римските храмови и над нив да се изврши света Литургија. По упокоението на монахот Кирил, папата во 869 г. го испратил Методиј кај кнезот Коцел, за да регулира некои прашања од црковно-организациски карактер. Во таа прилика, со писма до кнезовите Растислав и Коцел ги озаконува словенскиот превод на Светото Писмо и богослужбите на словенски јазик. За време на вториот престој на Методиј во Рим, тој бил ракоположен за епископ панонски, а неговите ученици (меѓу кои биле светите Климент и Наум) за свештеници и ѓакони.
Методиј се вратил од Рим во Панонија во 870 г. Сепак, положбата во Панонија во 869 г. суштински се сменила. Кнезот Растислав, закрепнувајќи по поразот кај Довина, го раскинал сојузот со Лудовик Германски и му нанел крупен пораз. Лудовик и архиепископот салцбургски стапиле во таен договор со внукот на кнезот Растислав – Светополк, кој измамнички го фатил својот дедо и и го предал на германците. Но, предавството ништо не му донело на Светополк: Моравија била присоединета кон владенијата на Лудовик. На Светополк му оставиле мало кнежество.
И во тие околности Методиј во Панонија развил широка дејност за распространување на словенската богослужба. Но тоа не траело долго. По отстранувањето на Растислав, Методиј останал без силна политичка поддршка. Светополк целосно ја поддржувал латинската богослужба, а панонскиот кнез Коцел немал такво влијание, како кнезот на Моравија. Свети Методиј бил повикан на суд од салцбургскиот архиепископ Адалвин и неговите суфрагани. Го обвиниле за нарушување на древните ерархиски права на западната црква во Моравија и Панонија, го осудиле и го фрлиле во затвор, каде останал двеипол години. Во 873 г. папата Јован VIII заповеда архипископот Методиј да биде ослободен од затворот, но словенската литургија ја забранува, дозволувајќи само да се проповеда на словенски.
Во 874 г. Методиј е востановен како архиепископ. Без оглед на забраната, тој продолжил со богослужби на словенски јазик. Словенската богослужба сè повеќе се ширела низ Моравија, а Методиј го крстил и чешскиот кнез Боривој и неговата сопруга Људмила.
Во 879 г. германските епископи организирале нов процес против Методиј. Сепак Методиј во Рим се оправдал. Папата Јован VIII, внимавајќи да не наштети на римските позиции во Моравија, ја потврдил словенската богослужба со булата Industriae tuae од 880 година. Истото го направил во 882 г. и Константинополскиот патријарх Фотиј, кој се помирил со папата.
„Житието“ раскажува дека по патувањето во Рим, Методиј е повикан од императорот Василиј I Македонец и доаѓа во Константинопол во 881 г. (За ова патување не се спомнува во други латинските или грчки документи.) Таму поминал три години, а потоа заедно со учениците се вратил во Моравија. Со помошта на тројца ученици, тој ги превел на словенски јазик Стариот Завет и некои светоотечки книги. Методиј оди во Византија, но за тоа патување не се спомнува во други латинските или грчки документи.
Во 885 г. Методиј тешко се разболел. Салцбургскиот епископ Вихинг, поддржуван од Растислав, користејќи ја староста на свети Методиј, постепено ја ограничувал неговата дејност. Пред смртта свети Методиј за свој наследник го определил ученикот Горазд. На 19 април, на Цветници, тој замолил да биде однесен во храмот, каде што произнел проповед. Истиот ден се упокоил во Господа. Погребот на Методиј бил одржан на три јазици – на словенски, грчки и латински.
По неговото упокојување во Моравија е забранета словенската литургија, а кнезот Сватоплук ги прогонил неговите ученици. Некои од нив биле продадени како робови, а некои успеле да најдат прибежиште во Бугарија, Македонија, Рашка и приморска Хрватска, каде што ја продолжиле својата работа. Со преводот на литургиските и библиските книги светите Кирил и Методиј ги поставиле темелите на словенската писменост. Солунските браќа – светите Кирил и Методиј биле изворни христијани, вистински ученици христови кои ништо не барале за себе и не сакале да бидат орудие на една или друга земска политика. Нивната цел била: да им го дадат на словените Светото Евангелие на нивниот роден јазик, заради нивно спасение.
Вечно славните и паметени трудови на светите Кирил и Методиј (составувањето на словенската писменост, воведувањето на словенскиот јазик при богослужбите, преведувањето на светите книги на родниот словенски јазик) поставија основа за духовното и граѓанско величие на словените, на нивната духовна и граѓанска самобитност. Со преведувањето на светите и богослужбени книги на родниот словенски јазик тие поставија основа на нашето вечно спасение. Затоа, светите Кирил и Методиј не се само наши учители и апостоли, туку и отци: тие духовно нè преродија, откако со нивните трудови нè научија да го познаваме Едниот Вистински Бог.
„Ими бо начася на сроднем нам языце словенстем литургия Божественная и все церковное служение совершатися, и тем неисчерпаемый кладезь воды текущий в жизнь вечную дадеся нам.”
Оној што од непостоење ве воведе во животот вас отци прекрасни, уште од мајкината утробата ве освети и ве избра за Себе, за да го пренесете неговото Име меѓу народите. Затоа, славејќи го вашиот чесен спомен, ве молиме Кириле и Методие – во исповедањето на праватa вера утврдете нѐ. Вие кои сега во непристапна светлина стоите, молете ја животвoречката Троица – Бога кого велегласно го проповедавте – да ни даде простување на гревовите, нам кои со љубов го почитуваме вашиот свет спомен.
Тропарь равноапостольных Мефодия и Кирилла
Аудио плејер
00:00
00:00
Користете ги копшињата Горна стрела/Долна стрелка, за зголемување или намалување на звукот.
Пишани дела од светите Кирил и Методиј
1. «Пространные жития». Это полемика с мусульманами и иудеями после его миссии в Арабский Халифат и Хазарию. Это также результат миссии Кирилла и Мефодия в Великую Моравию, где была создана славянская азбука (глаголица), отражающая фонетические особенности славянского языка. В это же время был переведен первый текст на славянский язык − Евангелие апракос.
2. Кирилл (Константин) – «Проглас» − первый крупный поэтический текст на славянском языке.
3. Кирилл (Константин) – «Написание о правой вере» – первый опыт изложения на славянском языке славянской религиозно-философской терминологии.
4. Мефодий – «Номоканон Иоанна Схоластика» – славянский перевод сборника церковных канонов.
5. Мефодий – «Закон судный людям» – древнейший памятник славянского права.
6. Мефодий – перевод основных книг Ветхого Завета на славянский язык
* * *
Saints Cyril and Methodius were brothers from Thessalonica of distinguished and wealthy parents, Leo and Maria. The older brother Methodius spent ten years as an officer among the Macedonian Slavs and thus learned the Slavic language. After that Methodius withdrew to Mount Olympus and dedicated himself to the monastic life of asceticism. It was here that Cyril (Constantine) later joined him. When the Khazarite king, Kagan, requested preachers of the Faith of Christ from Emperor Michael III then, by command of the emperor, these two brothers were found and sent among the Khazars. Convincing King Kagan of the Faith of Christ, they baptized him along with a great number of his chief assistants and even a greater number of the people. After a period of time, they returned to Constantinople where they compiled the Slavonic alphabet consisting of thirty-eight letters and proceeded to translate ecclesiastical books from Greek into Slavonic. At the request of Prince Rastislav, they traveled to Moravia where they spread and established the devout Faith and multiplied books and distributed them to the priests to teach the youth. At the request of the pope, Cyril traveled to Rome where he became ill and died on February 14, 867 A.D. Then Methodius returned to Moravia and labored to strengthen the Faith of Christ among the Slavs until his death. Following his death – he died in the Lord on April 6, 885 A.D. – his disciples, The Five Followers, with St. Clement, the bishop at the head, crossed the Danube River and descended to the south into Macedonia, where from Ohrid they continued their labor among the Slavs begun by Cyril and Methodius in the north.
Сопостоеле – со модерен јазик кажано – како два самостојни проекта на две архитектски бироа. Првичната алфавитна замисла на солунските браќа настанала и се реализарала уште пред да отидат во Моравската земја. Таа се пројавила во обликот на прво-кириличната азбука, составена со големо пренесување на графиката на грчкиот алфавит и со додавање на неколку букви што одговараат на чисто славянските звуци. Со текот на времето, глаголицата како многу сложена според своите конструктивни особености не издржала во конкуренција со генијално простата и елегантна кирилица…
Друго: