Воскресението Господово претставува обнова на човековата природа, оживување, пресоздавање и враќање во бесмртен живот на првиот Адам, кој преку гревот беше усмртен, и преку смртта вратен во земјата од која беше создаден. Во почетокот, кога е создаден и повикан во живот, тој немаше видено никого од луѓето, бидејќи тогаш освен него не беше создаден, ниту пак повикан во живот, друг човек. Откако, преку здивот Божји, прими животен дух, првото што го виде беше жената, бидејќи Ева беше првото човечко суштество создадено после него. Така и вториот Адам, Кој е Господ, станувајќи од мртвите не можеше да види никого од луѓето, бидејќи никој од Неговите блиски не беше присутен, а војниците кои го чуваа гробот беа од страв како умрени; Он откако стана, најнапред виде Жена, како што чувме во благовестувањето на Марко: А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, најнапред ѝ се јави на Марија Магдалена (Мк. 16, 9).
Па кога се вратија – вели – приготвија мириси и миро (Лука 23, 56); бидејќи уште не можеа да разберат дека Он е вистинскиот мирис на животот за оние кои со вера Му пристапуваат, како и мирис за смрт на оние кои упорно остануваа во неверие, и дека мирисот на Неговата облека, т.е. Неговото тело, ги надминува сите мириси, така што името Негово е Миро Излиено, кое целата вселена ја исполнува со божествен мирис. Меѓутоа, тие ги подготвија мирото и мирисите, како заради укажување почит кон Погребениот, така и заради ублажување на мирисот на распаѓањето на телото, мислејќи дека ќе го сочуваат со помазувањето.
Што се однесува до времето, тие зборуваат за осамнување на првиот ден од седмицата, многу рано, додека беше темно, тогаш кога светлината се меша со темнината, т.е. кога на хоризонтот осамнува зора која го најавува денот. Ако некој сака точно да го одреди времето, бојата на небото почнува да се менува околу деветиот час во ноќта, кога до настапувањето на денот остануваат цели три часа.
Меѓутоа, се гледа дека кај евангелистите постои несогласување не толку околу времето на доаѓањето на жените мироносици колку околу бројот на жените. Како што веќе реков, мироносици имаше многу, тие на гробот не доаѓаа сите одеднаш, туку во два, три наврата, во групи, во кои не беа истите личности. Сите доаѓаа во зора, но не сите во исто време. Единствено Магдалена повторно имаше дојдено останувајќи подолго (крај гробот Христов). Некои евангелисти, прескокнувајќи ги другите жени кои беа дошле, ја спомнуваат само нејзе. Меѓутоа, како што заклучувам јас, собирајќи ги изложувањата на сите евангелисти, а како што и порано кажав, пред сите на гробот на Нејзиниот Син и Бог дојде Богородица, заедно со Марија Магдалена. Вака нѐ учи особено евангелистот Матеј: Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него; лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; а стражарите, уплашени од него, трепера и беа како мртви (Матеј 28, 1-4).
Истиот оној ангел Гаврил беше (и сега) благовесник (на Воскресението). Оној кој во почетокот рече: Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога (Лука 1, 30), и сега гледајќи дека е дојдена на гробот, повторно поита и се спушти за да Ѝ објави на Пречистата, да Ѝ благовести за Воскресението од мртвите на Оној Кој од Неа бессемено се роди, да го одвали каменот и да го покаже гробот празен и погребните повои, и сведоштвото да го направи веродостојно. Ангелот се обрна кон жените и им рече: „Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ (Матеј 28, 5-6; Мк. 16, 6). Иако гледате дека стражарите се престрашени, вели ангелот, не плашете се, бидејќи знам дека го барате Исус Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Вратата, печатите на адот, смртта и гробот не можат да Го држат, бидејќи Он е Господ на бесмртните и небесните ангели, и само Он е Господ на сѐ. Погледнете го местото на кое лежеше Господ. Поитајте, вели, при учениците Негови, па јавете им дека воскресна од мртвите.
И како излегоа брзо од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови (Матеј 28, 8). Ми се чини, исто така, дека Марија Магдалена и останатите жени кои дојдоа тогаш, сѐ уште чувствуваа страв, бидејќи не го разбираа значењето на зборовите на ангелот, ниту пак беа во состојба во потполност да ја видат светлината и да разберат јасно. Богородица, пак, чувствуваше голема радост, разбирајќи го она што Ѝ беше соопштено од ангелот станувајќи целата светлина. Сосема очистена и божествено облагодатена, во сѐ цврсто ја позна Вистината и му поверува на Архангелот, бидејќи уште од пред многу години го сметаше достоен за најголема доверба. Како би можело богомудрата Дева, Која присуствуваше на тие настани, да не разбере што се случи? Таа го виде потресот и оној голем ангел како во вид на молња слегува од небото, ја виде замреноста на стражарите, поместувањето на каменот, празниот гроб и големото чудо на нескинатата и со смирна и алој слепена плаштаница, во која го немаше телото, а со тоа и радосниот изглед и благовестта на ангелот. Излегувајќи после таа благовест, Марија Магдалена како да не го слушна ангелот, кој можеби и не ни зборувал заради неа, па само забележа дека гробот е празен, додека плаштаницата воопшто не ја имаше ни забележано, туку отрча при Симон Петар и другиот ученик, како што вели Јован.
Придружувајќи им се на останатите жени, Мајката Божја за тоа време повторно појде кон тоа место од кое се врати, и тогаш – како што вели Матеј – Исус ги пресретна и рече: Радувајте се! (Матеј 28, 9). Гледате ли дека Мајката Божја пред Марија Магдалена Го виде Оној Кој заради наше спасение со тело страдаше, беше погребан и воскресна? А тие, вели, се приближија, ги опфатија нозете Негови и Му се поклонија (Матеј 28, 9). Како што само Богородица го разбра значењето на она што беше објавено, кога заедно со Марија Магдалена ја слушна ангелската благовест за Воскресението, така и сега, кога заедно со другите жени Го сретна Нејзиниот Син и Бог, прва меѓу нив Го виде и Го препозна Воскреснатиот, и пристапувајќи, се допре до Неговите нозе, и така стана апостол за апостолите. Од апостолот Јован дознаваме дека Марија Магдалена не беше со Мајката Божја во моментот кога Господ Ја сретна, кога Ѝ се јави и Ѝ се обрати, при враќањето од гробот: Тогаш отрча (Марија Магдалена) и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господ од гробот и не знам каде Го положиле“ (Јован 20, 2). Како би можела да каже дека Господ „Го дигнале од гробот и не знам каде Го положиле“, ако Го имаше видено, допрено со рацете и ако го имаше слушнато (Неговиот глас)? Дури и откако Петар и Јован дотрчаа до гробот, влегоа внатре и ја видоа плаштаницата, велат дека Марија (Магдалена) плачејќи стоела надвор, крај гробот.
Гледате ли дека таа не само што не Го виде Господ, туку дури не ни слушна (за Воскресението)? И кога ѝ се јави ангелот и ја праша: Жено, зошто плачеш?, таа повторно одговори како Христос да е мртов. Дури и кога се сврте и Го здогледа Христос, таа повторно не разбра што се случува, туку на Неговото прашање: Зошто плачеш? Му одговори како погоре, сѐ додека Он не ја повика по име и ја увери во тоа дека е жив. Тогаш и таа пристапи, сакајќи да ги прегрне Неговите нозе, но Он ѝ кажа: Не допирај се до Мене. Оттука можеме да разбереме дека тогаш кога најпрво им се јави на Мајката и жените кои беа со Неа, Он само на Мајката Ѝ дозволи да ги прегрне Неговите нозе, иако Матеј тоа го вели и за другите жени, не сакајќи, поради причините кои претходно ги наведовме, Мајката отворено да ја истакнува во овие работи.

























