(04.06.2012)
За да може да се служи Тајната Божествена Литургија, Господ на апостолите и нивните наследници им ја подарил „Силата со која тоа ќе го прават“, односно Светиот Дух. „Во тоа е делото на слегувањето на Светиот Дух. Бидејќи, Тој не слезе само еднаш за потоа да нѐ напушти, со нас е, и така ќе биде засекогаш... Тој преку рацете и зборовите на свештеникот, ги осветува Светите Тајни“ (Св. Никола Кавасила).
Слегувањето на Светиот Дух на нас и на... предложените Дарови е Божји одговор на усрдното молење на Неговите деца. Тоа е потврда дека Господ нѐ смета за Свои деца и дека нашите дарови се примени од страна на Неговата љубов. Светиот Златоуст пишува: „Кога ќе видиш дека Светиот Дух преобилно слегува, не се сомневај во нашето помирување со Бога“.
Благодарение на Божествената Литургија „секогаш е Педесетница“(Св. Јован Златоуст). Слегувањето на Утешителот е Евхаристиска Педесетница: „Овој момент (Светата Тајна) го изобразува оној настан (Светата Педесетница)“ (Св. Никола Кавасила).
Присуството на Утешителот го собира Божјиот народ околу Трпезата. „Да не беше присуството на Светиот Дух, немаше да биде основана Црквата: но, штом Црквата постои, јасно е дека Светиот Дух е присутен“ (Св. Јован Златоуст).
Преподобен Симеон Нов Богослов, криејќи го сопствениот опит, кажувал дека некој друг го чул следново: „Никогаш не сум богослужел без да Го видам Светиот Дух, онака како што Го здогледав кога слезе над мене додека архиереот ме ракополагаше во чин на свештеник... Го видов без облик, како Светлина. И додека бев сѐ уште вчудовиден... Светиот Дух ми рече: ’Така Јас слегувам над сите пророци, апостоли, светители и Божји избраници, кои и денес живеат. Бидејќи Јас сум Светиот Дух Божји “.
Извор: МПЦ-ОА