Искра Гешоска
“Затворете ме во ореова лушпа и јас пак ќе бидам крал на бескрајот.”
Хамлет Вилијам Шекспир
Вака рече најискрениот монах помеѓу принцевите…
Слободата не може да се укине. Исто како и трагата, слоењето низ времето на кое крајот не му се гледа. Ова е важно да го запомниме особено сега кога се соочуваме со илузијата на агностицизмот кој им се спротиставува и на стварноста и на Бога. Да запомниме оти времето во кое сме е време на техничка редундантност и презаситеност од животот каков што ни се нуди. Лишени од сонот и од копнежот талкаме како сенки кои себеси се обидуваат да се реализираат и дефинираат не преку размислувањето, креирањето туку преку баналноста на преживувањето. Во расчекор со себеси се препелкаме како риби на суво, напрегајќи се да ја проголтаме последната капка од калта во која сме до гуша избербатени, небаре така ќе успееме да дојдеме поблиску до визијата што ќе ни овозможи да се согледаме подобро. Во мигов луѓето на ова културно поднебје се во исчекување да бидат катапултирани од просторот во кој упорно и речиси безнадежно се обидуваат да се вкотват, да пуштат корен. Просторот што го живееме наликува на чаша со ограничени капацитети, во која се собрале премногу капки со непотребни и неправилни стилски и значенски вежби, па се делува задушно и понорно. Во вака делумно формулираните услови за постоење во Македонија, културата, како фрагмент од општеството, се обидува да ги потврди, воспостави и развива и дијахрониски и синхрониски своите вредности и паметници. Како да се вратиме Едуаро Ерион вели: “Она што останува кога се ќе заборавиме се одредени сегменти од културата”. А таквите сегменти се оние кои се поврзани со духовноста и со способноста на оние кои во историјата, и онаа дамнешната и оваа поновава, актуелната, се наоѓале и се наоѓаат на најистурените фронтови на сето она што го означува поимот култура а кои не изгубиле речиси ништо од своето значење. Се трансформираат, се реформираат низ своето траење, следејќи ја динамиката на времето, но тука се да не потсетат дека е можно да се има континуитет и во радоста и во болката и во тагата, само доколку е јасна целта. Еден од најважните и најтешко остварливите аспекти на културата е артикулацијата на духовното, трајното, она што е наследство и кое не исчезнува, не замира, опстојува и тогаш кога општествената, државната апартура не нуди услови за опстанок. Тоа е верата и сите нејзини симболички и фактички манифестации. Концептот за амнезија тешко може тука да се примени. Ја губи битката. Во оваа земја низ вековите се покажа дека наследството што го остави Охридската архиепископија, денес удостоена во Македонската Православна Црква е навистина културен аеролит. Можеме да полемизираме за слабостите, грешките, за потребите и развојните аспекти, за нужноста од реформи, од посовремен и подинамичен дискурс на обраќање во областа на креирањето и воспоставувањето на комуникацискиот проток, за трансформациите на мисијата, за практикувањето и скепсата во однос на почитувањето на христијанските императиви. Ваквите дебати ќе им ги оставиме на теолозите и експертите, но и на самите великодостојници кои најдобро знаат што е грешка. Сепак, фактот е единствен. Во ова транзициско беспаќе по кое избезумено, без јасни патокази чекориме симулирајќи ја остварената утопија на нови вредности, постои едно нешто што не би требало да подлежи на фрактализација и што може да (о)стане потпорна точка во заборавената цел на култивирање на духот и на животот. Тоа се духовното и црковното наследство на ова тло, па колку и анахроно да звучи ваквата изјава. Како што велеше Жак Дерида, на деконструкција може да подлежи само она што е најтемелно конструирано и што остава видлива трага на маргините од историјата. Следствено… Нашата одговорност е огромна кон ова наследство. Но и одговорноста на официјалните претставници на највисокото тело на МПЦ, како и одговорноста на сите пастири и богослужители е можеби уште поголема. Бидејќи сите парламентарци, политичари, партии се минливи, непотребни. Нивната приказна е минорна и неважна наспрема габаритноста на оваа приказна. Впрочем, сето она што ситниот минлив административен политичар ни го “краде” од општетствениот пејзаж би требало да го најдеме со спротивното, конструктивно лице на оние кои ја одухотворуваат и практикуваат трајноста. Ризоми
Годинава Македонската Православна Црква го прославува 40 годишнот јубилеј на своето осамостојување после Втората светска војна. Несомнено, значајно броење на времето. Сепак, не единствено. Зашто просветителската, раѓачка функција на светителите што ова поднебје ги дало е вековна. И нашата одговорност кон нив би требало да биде вековна за нанапред. Дали ќе успееме да ги оправдаме нивниот влог и нивната мисија, ќе сведочи некој друг.
Прославата тече како што тече, скромно и достоинствено, како што доликува. Станува неважно како е изрежирано, какви се сценаријата, каков е ПР материјалот. Кога ќе застанеме пред фреските во Св. Софија, церемонијалниот аспект добива нова семантичка вредност која ги отвора дверите на симболичкото и на трансцедентното. И под превезот на формалната прослава, размислувајќи за културолошките влијанија на она што ова наследство ни го остава, за вредносните, мисловните, моралните, па ако сакате и политичките консеквенци, се запрашав што е тоа што можеби е најзначајното, особено во изминативе 15 години, а кое допрва ќе ја остава својата длабока и темелна трага во оваа култура. Можеби најважниот аспект на МПЦ, кој некако во рамките на оваа прослава беше занемарен, е возобновувањето и заживувањето на монаштвото и на манастирската арена за борба и реализација на личноста. Монаштвото е најсовесниот аспект што ризоматската природа на верата може да го понуди. Тоа е ткивото во кое може да го пронајдеме сето она за коешто погоре пишував. Монашкиот молк Фактот дека постои возобновено монаштво, кое допрва, се надевам, ќе биде артикулирано и општетствено означено и верификувано, е факт за тоа дека е можно да постои јасна и прецизна структура, уредување кое ќе нуди конструктивна слобода и праведност и дека е можно, сепак, и денеска да се трасираат патишта кои ќе ги промовираат принципите на заедницата и на солидарноста. Монаштвото во Македонија е она пеликаново, скапоцено перце, толку кревко, а толку цврсто, кое ги бруси и испишува најубавите слики и асоцијации за она што е и за она што би сакале да биде. Загубеното во суровиот неолиберализам со сигурност може да се најде во манастирите кои трпеливо не очекуваат да ги откриеме, преку мисијата на монасите и во монахињите… Оти кој од нас може да се пофали со таква витешка посветеност?! Одразувајќи го погледот кој ги набљудува, монашкиот подвиг е речиси гранично искуство за нас. Идејата дека некој некогаш се движи по рабовите на она што духот и светот го дефинираат како можно е исклучително важна, особено за едно “стадо”, како нашево, кое талка со речиси распарчен идентитет, кое бие битка со униженоста што ја прима од политичките квази-пастири. И така, речиси недопирливи, а сепак многу тука, вкоренети, вкотвени длабоко во идејата за општествениот импулс, тие за Македонија стануваат можеби еден од највредните топоси кои можат да се допрат со духот и кои можат да ја вратат надежта. Затоа на монаштвото во оваа земја треба да се гледа како на пророштво кое ни претскажува конструктивна иднина и стратешки важна приказна. Тие го испишуваат колективното писмо од овој народ за љубовта и пријателството, за копнежот по систем, за тоа дека падот во обезначеноста може да добие друго наличје, за тоа дека слободата е она што се создава во секој миг, со пот и макотрпно. Тишината што тие ја нудат како опција говори многу повеќе од вревата што ја живееме, и ги одѕвонува семнатичките вредности на премолченото и на логореичната бесмисленост која не бомбардира во политиката, во науката, во медиумите, на универзитетите, во љубовта и на сите нивоа на размена. Мислата дека постојат и дејствуваат во оваа земја дава сила.
Посети: {moshits} |