ЗОШТО МОЈАТА МОЛИТВА НЕ Е УСЛИШЕНА?
Драг баќушка!
Сега Црквата поминува низ Големиот пост, за да „влезе во радоста на својот Господ“, во великата Пасхална ноќ.
Повеќе пати сум слушала од другите луѓе, дека тие се грижат за тоа каква благодат ќе им даде Бог на Пасха.
Јас го молам Бог да ми даде радост на празникот, но секој пат доживувам разочарување – дури до солзи.
Знам дека не треба да се очајува, особено не на таков ден, но мојата душа без утеха тагува.
Зошто ова ни се дава и како да се поднесе ова искушение?
Зарем и оваа година Господ нема да ја услиша мојата молитва?
М. Севастијанов, г. Калуга
Одговор:
Св. Теофан Затворник вели дека кому му е од полза радоста, нему му се дава радост, а кому му е од полза жалоста, нему му се дава жалост.
Само кога последната би била во Бога.
Ова значи дека нашето покајание треба да стане посериозно, а нашите односи со другите луѓе потребно е построго да се испитаат.
Преп. Макариј Велики проповеда дека познавал мнозина кои на почетокот од патот биле неизмерно облагодатени, за подоцна да паднат на најжалосен начин.
А уште повеќе оние кои целиот живот се труделе во смирено послушание на верата, немајќи притоа особени успеси, но, достигнале спасение во вечната Пасха.
Самиот Христос упорно повторува дека ние не треба никогаш да очајуваме, дури и тогаш кога изгледа дека нашата молитва не добива веднаш одговор. Потребно е време за нејзино исполнување и молитвеникот треба да биде трпелив.
Тој треба да копнее по Него – вели Господ – „ден и ноќ“ (Лк. 18,7).
Тоа е особен долг на оние кои Христос ги нарекува „избрани“, зашто со таква вера, таквото искачување без одмор го испитува нивниот призив.
Но, дали ние често среќаваме таква вера?
Господ изразува сомнеж во тој поглед, зашто, толку е ретка таквата трпелива вера, која не очајува никогаш!
Тој се плаши дека ќе најде многу малку од оние, верни Нему; или воопшто никого во часот на Своето Второ Доаѓање:
„Кога Синот Човечки ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата“
Истиот сомнеж го слушаме кога Тој говори за знаците кои претходат на неговото враќање – „ќе залади љубовта кај мнозина“, а значи и верата.
Кога очекувањето се оддолжува, кога изгледа дека Бог заминува од нас во таинствена и безнадежно далечна иднина, нашата вера може да почне да слабее. И често од мнозина повторуваниот збор, дека нивната молитва останала без одговор, - е уште една потврда дека колебливата вера не може да се одржи во искушенијата.
Господ го одложува одговорот и за тоа има причина.
Како што Второто Христово Доаѓање ќе биде на крајот од времето, а не утре – така и нашата молитва не мора веднаш да биде услишана.
И како што е неопходно за Црквата долго исчекување, за таа да научи да стражари – стремејќи кон средбата со својот Небесен Женик, така е потребно време, нашата молитва да биде услишана.
Ова време може да се нарече свето, зашто тоа се освестува преку молитва и тоа ни се дава за да станеме длабоко свесни, дека невозможно е да се живее без врската со Бог.
И второ, молитвата е потребно да продолжи, не само заради оној што се моли, туку и заради Бога, Кој треба еднаш да ја услиша.
Зарем на Бог му е потребно време за да не чуе?
Се разбира, за Бог нема пречка, но, Тој не може да ја превиди тајната на човекот – таков каков што Тој Го создал.
Човекот живее во времето кое постои заради него. А секогаш кога Бог општи со човекот, Тој Самиот влегува во времето заедно со него.
Колку векови го чекало човештвото јавувањето на Синот Божји?
И колку векови тоа го чека Неговото Второ Доаѓање?
И уште колку ќе чека?
Тоа му е единствено на Бог познато. Нам ни останува само молитвата – толку долга, иако неуслишана, но таинствено приближувачка - Неговото Второ Доаѓање. И таа нека биде единствена со молитвата на Црквата, со нејзиното дишење и со скриените дамарења на срцето, иако ние не го гледаме нејзиното исполнување.
За ние ова подобро да го усвоиме, Христос во Евангелието ни предлага приказни (слики, образи), кои нам ни се крајно разбирливи.
Ликот на немилосрдниот судија, победен со недостапната молитва на вдовицата (Лк. 18, 16), или ликот на човекот чијшто мир е нарушен во ноќта, со неговиот пријател – и тој не може да не му попушти.
Образот на човек кој не е во состојба да им даде било што лошо на своите деца.
Во вистината Бог толку длабоко влегол во нашето време и до толкава длабочина ние сме создадени според Неговиот Образ, што сите наши вредности и недостатоци, сета наша природа и сите наши гревови ги зел на Себе.
И се` што Тој прави, прави заради нас.
„ Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?
Таквата молитва е дело на Самиот Бог, таа е во срцето на самата Црква.
Во неа е благодатта, дарувана на сите крстени, а особено на оние кои се чувствуваат скриено привлечени од Него.
Да, оваа благодат е суштински неопходна, како и благовеста за вистината и љубовта кои им се обраќаат на сите луѓе. Тоа е признание на Црквата.
Без неа, се` останато нема смисла.
Но, ние сме должни вистински да спознаеме дека таа е купена за нас по висока цена. Да, ние сме повикани „да влеземе во радоста на својот Господ“.
Но, радоста на Господ е, пред се`, во тоа да ги види во срцата на избраните таквите молитви во кои никогаш нема очај и кои не може да ги обмане никакво одлагање.
И ние цврсто веруваме дека еднаш, кога нашите молитви ќе созреат до полнота, тие тогаш докрај ќе бидат услишани – зашто Бог стана човек, за човекот според дарот на Неговата љубов да стане Бог.
Подготви Мина Даниловска
"Руски Дом",
бp. 4/2005. г.