Што е гревот според христијанското сфаќање?
Гревот е, пред сѐ, духовна и метафизичка појава. Коренот на гревот е во мистичната длабочина на духовната природа на човекот. Суштината на гревот не е во нарушувањето на етичките норми, туку во отстапувањето од вечниот Божествен живот, за кој е создаден човекот и за кој е природно, т.е. по својата природа, повикан.
Гревот се извршува, пред сѐ, во таинствените длабочини на човечкиот дух, а неговите последици го погодуваат целиот човек. Сторениот грев се одразува и на психичката и на физичката состојба на човекот, на неговата надворешност, на целата негова судбина. Гревот неминовно ги преминува границите на неговиот индивидуален живот и целото човештво го оптеретува со зло. Според тоа, тој ќе се одрази и на судбината на целиот свет.
Не само гревот на праотецот Адам имаше последици од космичко значење, туку и секој грев, на секој од нас, било тој јавен или таен, се одразува на судбината на целиот свет.
Правејќи грев, телесниот човек не ги доживува неговите последици онака како што ги доживува духовниот човек. Телесниот човек не забележува некои особени промени во својата душевна состојба по сторениот грев, бидејќи постојано се наоѓа во духовна смрт, и затоа што не го познава вечниот живот на духот. Меѓутоа, духовниот човек, при секое приклонување на својата волја кон гревот, ја забележува промената на својата душевна состојба поради намалената благодат.
Старец Софрониј Сахаров
Извор: МПЦ-ОА