логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

TviTER243a

ГЛАСОТ НА ПЕСИМИСТОТ


          Во оваа глава ќе стане збор за взаемното влијание на верниците и за односите во заедницата. На почетокот, ќе го наведеме расказот на еден човек со долго искуство на општење во неколку поврзани групи православни христијани.

           „Се разочарав во верниците. Колку многу им е дадено на тие луѓе, но тие ниту оддалеку не соодветствуваат на височината на добиениот дар. Од мигот кога почнав да одам во црква, не сум сретнал ниту еден нормален човек. Дури и најпростото нешто, умеењето да се слуша  го нема! Несомнен беше впечатокот дека тие луѓе се слушаат само самите себе, дека се исполнети со важноста на настаните, мегу кои се и настаните што се случуваа внатре во самите нив. Тие постојано ги бараат и ги анализираат „искушенијата“, „крстовите“, тешкотиите. До таа мера се обземени со сопствените проблеми што е вистинско чудо колку се заслепени. Да погледнат наоколу, да се обѕирнат, да земат воздух со полни гради  за нив е незамисливо тешко. Пристапувајќи ì на Црквата, сакав да најдам внатрешна слобода, но се сретнав со огромен број ограничувања, прописи, обреди и обичаи, коишто свето се почитуваат од страна на верниците. Неисполнувањето на и најмалото од споменатите нешта може да значи вистинска хајка. Притоа, хајката од страна на верниците коишто „мислат дека на Бога Му принесуваат служба“ (Јован 16:2), како што можев да се уверам, има суптилен и речиси неподнослив карактер.
Од прекумерно читање на светоотечки книги, кај таквите луѓе се јавува изострена свест за грев и за неправда. Но, отсуството на смирение го свртува барањето на правдата не внатре во самите нив, туку кон надвор, претворајќи се во анализирање на ближниот како во анатомски театар. Јас за сето време чувствувам како некој ме следи: „Во овој случај, тој не постапи смирено. Од него зборува славољубие. Го наруши постот: треба да го разобличиме...“
Таа атмосфера на следење и на приговарање е мошне бедна и жалосна. Јас не сакам да се оддалечам од Бога, но со таквите „верници“ мене ми е потешко одошто со обични нецрковни луѓе.
Тоа, без да сакам, ме одбива од општењето со нив, од нивните постојани разговори за батјушки, матушки, бројаници, молитви и за свети места.
Каде е излезот? Што да се прави во таква ситуација?“

Stefan.zaBozik1.jpg


ОДГОВОР НА ПРАВОСЛАВНИОТ ПСИХОЛОГ

или

ЗЕЛКА СВРТЕНА СО КОРЕНОТ УГОРЕ


За правилно да се одговори на поставеното прашање, треба да се земат предвид два момента. Прво, многу нешта зависат од личноста на оној што прашува, и второ, треба да се признае дека проблемот навистина постои и дека треба да научиме да го решаваме.
Распространета грешка на неофитите е што тие ги сметаат за свети луѓе сите оние што веруваат. Тоа се случува во периодот на „првата љубов“ [го имаме предвид периодот на влегувањето во Црквата (споредете Откровение 2:4)], кога сите нешта се гледаат во розова светлина, молитвата жубори како поток, сите духовни цели изгледаат блиски и лесно достижни. Поради немање искуство и елементарно чувство, секој душевен подем се доживува како искра на благодат. На ова укажуваат голем број духовни писатели.159
Најчесто се случува уште при првите чекори во храмот верникот да разбере за големото значење на смирението. Но, смирението е дар Божји кој се стекнува по многугодишен подвиг. Многу полесно е да се усвојат одредени правила и ритуали, стандардни фрази, коишто можат да покажат дека си „свој“ човек.
Во секоја заедница, за жал, постојат луѓе коишто воопшто и не излегле од периодот на „религиозното детство“. Тие веќе го изгубиле дејството на призивната благодат, но сè уште не го стекнале духовното искуство. Многумина и ќе останат во состојба на некаков инфантилизам. На таквата почва ќе израснат, со раскошен цвет, различни психопатолошки појави. Нашиот јунак, веројатно, се сретнал со група парохијани со токму такви карактеристики. Тие цврсто се држат за надворешната, ритуално-обредна страна на Православието, не спознавајќи дека  при сета нејзина важност  постојат и подлабоки слоеви.
Секое излегување од рамките на ритуалот се доживува од страна на групата како бунт. Таквиот дисидент бргу го смируваат, а доколку не попушта, го изгонуваат од групата. Тука е и групниот стереотип на однесување, како резултат на колективната неслобода од постоечките директиви. Специфична црта на таквите стереотипи е нивното сеопшто почитување, култивирање и поврзаност.
Дури и при бегло запознавање со делата на светите отци може да се забележи дека тие едногласно тврдат: најтешкиот грев е  гордоста, а највисоката добродетел  смирението. И еве, новите членови на заедницата, духовно сè уште незрели, се во постојан стремеж (кој понекогаш води до наметливи, тревожни состојби) да не ја пројавуваат својата несмиреност и да се одликуваат со смирение.
Така, сфаќањето дека искажувањето на своите желби и претпочитања е грев, претставува распространет стереотип. Ќе наведеме очигледен пример.  
Во кујната при храмот се собрале верници на заедничка трпеза. Го прашуваат еден од присутните: „Каква каша јадете  со масло или без масло?“ Следувал одговорот: „Како што ќе благословите“.
Секако, сличен одговор најчесто се раѓа не заради длабоко внатрешно чувство на смиреност, како што бил случајот со христијанските подвижници. Во дадениот случај човекот е мотивиран од стравот да не биде осуден од страна на присутните. Зашто, истиот тој човек дома или во некоја друга прилика мошне активно и конкретно ги искажува своите вкусови и претпочитувања, и често се спори за нив. Но тука се работи за нешто друго! Патем кажано, човекот за кој стана збор не размислува за тоа дека со таквиот одговор го става во тешка ситуација оној што ќе му предложи масло.
Во книгата „Три беседи за Црквата“ од митрополитот Антониј (Блум) е дадена добра ислустрација на оваа тема. Еднаш кај него дошол Никодим (Ростов), тогаш уште архимандрит .
На сите прашања на владиката: „Сакате ли лимон? Сакате чај со шеќер? Да ви принесам слатко?“ тој одговарал со стандардна фраза: „Како ќе благословите“. На крај митрополитот Антониј не издржал и рекол: „Отец Никодим, ве благословувам да ја кажувате вистината!“
Игуменот Евмениј (Перистиј) ги смета ваквите одговори за пројавување на неодговорност. „За да најдат оправдување за неодговорноста, за несакањето да одговараат за своите мисли, дела и постапки, меѓу црковните луѓе постои мошне интересно оправдување. Човек кој не сака да одговара за донесена одлука, кој не сака да живее одговорно, наоѓа оправдување за својата неодговорност во истакнатиот и длабок духовен принцип на послушание. Во современата црковна средина тоа се сублимирало во класичната формула: „Како што ќе благословите...“ И тука е важно да се разбере: кога навистина станува збор за послушание, а кога за несакање да се прифати одговорноста за една или за друга одлука.
Зад зборовите „како ќе благословите“ (самите зборови се прекрасни, и поставувањето на прашањето е прекрасно) мошне често се крие несакањето самите да решиме, самите да мислиме. Затоа, ако ја погледнеме судбината на современите пастири, ќе видиме дека тие по цел ден најчесто се занимаваат со решавањето на прашањата на својата паства, немајќи притоа никаков однос кон сопствениот духовен живот. Често може да се забележат духовни чеда, „обесени“ на духовникот. Прашањата од нивниот личен живот, според нивното убедување, се должни да ги решаваат пастирите, бидејќи со определбата „живот во целосно послушание“ тие сосема се одвикнале од преземање одговорност.
Во современата црковна средина често среќаваме луѓе коишто постојано повторуваат „како ќе благословите“, затскривајќи го зад тие зборови своето несакање да ја понесат одговорноста за личниот живот, за личните активности и постапки.“160
Во слични ситуации, вистинското чувство на смирение праведните луѓе го пројавувале поинаку. Кога почетниците премногу се обидуваат да напредуваат во смирението или во некоја друга добродетел (секако, надворешна), резултатите се жалосни. Премногу често се измислуваат правила за надворешно однесување со единствена цел: човекот да се убеди себеси и оние од неговата средина во сопствениот духовен „напредок“. Светите отци, посебно св. Игнатиј Брјанчањинов, смирението го подразбирале на сосема поинаков начин. Тоа е, пред сè, умеењето да се биде снисходлив спрема слабостите и спрема недостатоците на ближните, великодушно да се поднесуваат навредите, да се извршуваат секакви услуги и сл. „Смирението е омраза спрема човечката пофалба, праведност и искреност, напуштање на оправдувањето со зборови“.161
Но, повеќето почетници не ги паметат овие слова, туку житијниот расказ за послушник кој, по благосов на старецот, го садел расадот на зелка свртена со корен угоре. Ние ќе се навратиме повторно на овој прочуен расказ, а сега ќе позборуваме за она што има најнепосреден однос спрема психологијата. Ние веќе го споменавме брзиот пораст на невротизацијата на населението. Во основата на повеќето неврози лежи конфликтот меѓу претензиите („јас сакам“, „потребно ми е“) и можностите за нивна реализација. Тоа што човекот би сакал да биде, тоа што би сакал да го постигне, не е секогаш достижно во реалниот живот. За секој невротичар вредностите на надворешните потпори се различни: некој напрегнато очекува одобрување, пофалби; некој исто толку силно се плаши од негирање, од судири. Во секој случај, ако неврозата ја менува бојата како камелеон, и се прилагодува на „православната“ боја , таа сепак ќе остане болест, жалосно подобие на вистинската добродетел. Невротичарот се „смирува“ карикирано: се преправа, се додворува, бара особени ситуации (некој е должен да го забележи неговото смирение!). Друга жалосна пародија на смирението се невротичниот страв, нерешителноста, упорното самопреиспитување, стравот од слободата, од „отворените простори“ на духовниот живот.
Социјалните психолози тврдат  дека за човекот е од огромна важност оценката што за него ја имаат луѓето од околната средина, а пред сè оној што е важен за него, оној од кого тој се чувствува зависен. Таа зависност се формира од раното детство. Првите луѓе важни за едно дете се неговите родители, односно со нивната пофалба или осудување се регулира детското однесување. Честопати родителите ја злоупотребуваат својата важност. Колку многу усилби вложуваат православните родители на воспитувањето на детето на послушност, сметајќи го тоа за аголен камен на педагогијата. И колку ретко таквите родители си го поставуваат прашањето: а кој ќе го научи нашето дете да ја користи слободата? Истата онаа слобода кон која сме повикани, според зборовите на апостолот, но која не смее да биде причина за угодување на телото (Галатјаните 5:13). Прекумерната оптовареност на детето со религиозното воспитување, со „духовност“ без негова внатрешна подготвеност за тоа, често дава спротивни резултати.
Понекогаш родителите ја користат својата важност за остварување на сосема тривијални цели: „Дојади ја кашичката, инаку нема да те сакам“, или „... нема да ти дозволам да го возиш велосипедот“ (што за детето има исто значење). И детето, за да не се лиши од љубовта на луѓето коишто се важни за него, е принудено со сила да ја изеде кашата којашто не сака да ја јаде и којашто не може да ја поднесе. На тој начин, тоа се учи да се прилагодува, дезориентирајќи се притоа во животните вредности.162
Имено, така се формира психологијата на еден алкохоличар или наркоман, односно на зависен човек. Но тоа не е сè. Напоредо со тоа, детето престанува да ја разбира и да ја чувствува целисходноста на своето животно движење. Тој се прекршува заради човечките каприци, неговиот карактер се осакатува. Како резултат на тоа, израснуваат оние „проблематични христијани“ коишто самите себе не се сакаат и врз кои во текот на целиот нивен живот доминираат стереотипи насобрани во детството.
Без сомнение, голема радост е да се види како детето за сè бара благослов од родителите, и како знае дека не може за сите нешта да ја слуша својата волја. Но, такиот однос мора да биде природна последица на неговото убедување, а не механичко исполнување на обредот прифатен во семејството. Главната работа е кај детето да не се изгуби вкусот на слободата, зашто тоа раѓа инфантилизам, неодговорност, стремеж без двоумење да се постапи „како ќе благословат“. Големиот познавач на христијанската психологија, св. Теофан Затворник, инсистира на тоа дека детето не треба да се „подучува“, туку да се „наведува“ кон она за што треба да биде подучуван.163 А борбата со гревот што се развива во детето, не треба да биде војна со самото дете. Можеби сите ние премногу малку ја цениме сопствената слобода.164 Но неа ја цени Бог, не принудувајќи ја човековата волја, туку давајќи му можност на човекот да избира. Само што ние треба да го избереме она што води кон вечен живот. Да ги споменеме зборовите на апостол Павле: „Се ми е позволено, но не е сè полезно; сè ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене“ (1 Коринтјаните 6:12).
Таа слобода може да биде пострашна од секоја темница за човек којшто настојува на секоја појава да закачи табла со натпис: „добро“ или „лошо“. Оттука желбата човекот точно да го пропише својот живот, максимално да го ограничи надворешното, да се затвори, за колку што е можно поретко да доаѓа во измачувачка ситуација на избор.
Човечката зависност може да се пројавува во најнеобични форми, понекогаш и во вид на меѓусебна зависност. За неа може да се говори кога човекот „се понижува пред некого, настојува да го задржи постоечкиот поредок, во кој наоѓа парадоксално самопотврдување“.165 Таквиот човек ја зема улогата на жртва, понекогаш страдајќи физички и наоѓајќи задоволство во тоа. Понекогаш тој во тоа гледа лична предодреденост. Притоа, „надворешно гледано, понекогаш таквото однесување се маскира зад христијанскиот образ на смирение, пожртвуваност, служење и љубов“.166
Обредоверие  е назив за моќна струја во современото Православие. И тоа не се однесува само на луѓето коишто влегуваат во црквата трипати годишно: на Водици  за да земат света вода, на Цветници  за да земат врбово гранче, и за Велигден  за да осветат колач и јајца. Многумина од нас редовно одат во храм, се исповедаат, се причестуваат, читаат книги, но притоа животот го организираат така да можат во себе да го култивираат комплексот на внатрешната неслобода.
Во психолошката страна на обредоверието можат да се издвојат два основни аспекта: „замена на целта со мотивот“ и феноменот на структурен глад, за коишто ќе позборуваме подетално.
Феноменот на „замената на целта со мотивот“  се карактеризира со пренасочување на вниманието од процесот на постигнување на (дотогаш) важен резултат, на околностите на неговото формирање и на надворешните атрибути. Успешна споредба прави схимонахот Пајсиј Атонски. Тој пишува за луѓе коишто ревнуваат „за друга насока“: „Макар што тие, имајќи префинето срце, можат многу да напредуваат, ѓаволот на крајот им го заробува срцето. Тие, на пр., одат во продавница за да купат подарок на кој ќе има цветови. Кога ќе го одберат подарокот, се радуваат, а самите цветови веќе не им се потребни“.167
Ова највпечатливо се гледа за време на црковниот пост. Како мошне важни, се поставуваат надворешните околности: колку пати на ден да се јаде, што да се јаде, колку пати во неделата да се оди на служба и на кои служби конкретно, кои акатисти да се читаат дополнително. Но ако се заинтересирате: „Зошто вам лично ви е потребен постот? Што очекувате од него? Кои се духовните цели на постот?“, ќе можете да слушнете: „Постот е црковно правило“ или сличен одговор во кој причината е заменета со последицата.
Друг пример  посета на светите места. Покрај големата важност на православното почитување на светиите, на нивните мошти, на иконопочитувањето и сл., поклоничкото патување претставува и своевиден духовен подвиг. Човек го напушта местото на коешто свикнал, стапува во контакт со непознати луѓе, ги поднесува напорите на патувањето. А при сето тоа, тој треба да ја зачува во умот молитвата, во срцето  љубовта спрема светињата, почитувањето спрема луѓето околу него, треба да стаса на светото место во душевна тишина и во побожност. Св. Теофан строго ги предупредува постојаните „поклоници“: „Тука (односно, дома) искушенијата напаѓаат поединечно, по патот ќе те напаѓаат десетици, а во Ерусалим  стотици искушенија“.168 Очигледно, голем број луѓе не ги интересира крајниот резултат од поклоничкото патување, туку „самиот процес“. Целта го менува местото со средствата за нејзиното достигнување. Не треба да се заборави дека дури и најсветото место на земјата не го гарантира спасението. „Атон треба да се гради во душата“  советува св. Теофан.169
Познатиот психолог Е. Беарн,170 истражувајќи ги вродените човечки потреби, издвоил шест вида „глад“, односно глобални душевно-телесни насочувања коишто човекот треба да ги разработува. Доколку не постои адекватен одговор на овие барања, може да дојде до бунт, и во тој случај веќе ќе имаме работа со патопсихолошки појави. Подобра варијанта во таквиот случај претставува одухотворување и преобразување на сите тие потреби во рамките на вистинската предназначеност на човекот. Сега ќе се задржиме само на структурната глад, или на гладта за структурирање на времето, што претставува еден од најважните проблеми во човековиот живот. Всушност, тоа претставува создавање „слатки мигови“ и „временски згустоци“, (се разбира, во психолишка смисла), перспективно планирање на времето и некаква „увереност во утрешниот ден“, за која човек може да се држи. Црковниот календар, со неговите јасно прецизирани празници, со последователни посни и мрсни периоди, денови на светло жалење и покајание и денови на ликување и славење, претставува единствена можност на задоволување на структурната глад.
Па сепак, тука може да се крие и извесна опасност. Се случува наместо висока духовна слобода, којашто се стекнува во процесот на доброволното потчинување на барањата на црковниот календар, човекот да најде оправдување да залегне во прокрустовата постела на ритуалот. Наместо таинственото соединување, заветувано од апостолите: „Радувајте се со радосните и плачете со расплаканите (Римјаните 12:15), се реализира познатото сценарио „сите избегаа, па и јас со нив“. Убаво е човек да се почувствува како член на организирана маса, којашто во одреден ден сложно се собира за осветување на колачот, во одредено време доаѓа во храмот со сини (зелени, црвени...) шамии, и сл. Нам сè ни е познато една година однапред, познат ни е секој ден ставен во рамките на црковниот обред кој, за жал, може да го помрачи Таинството.
Затоа, имено, се губи вистинското значење на црковните празници, зашто ни изгледа дека тие се однесуваат на нас самите.171 „Кон секој празник може да се пристапува прашувајќи се: каде е во сето тоа моето место? Каков суд носи за мене овој празник? Спасение или погибел? И ако не е спасение, што треба да правам за да се најдам во царството на животот, а не во царството на смртта?“172
Потребата од структурирање на времето не треба да се игнорира. Социолозите тврдат дека „животот без строга одреденост, кога секој час навестува нешто ново и неочекувано, може да изгледа привлечно и да обезбедува услови за самореализирање. Но, тоа е грешка.“173
Кон восприемањето на времето може да се вбројат и чувствата на брзање, спокојство, рамномерност, благовременост, вистинското или искривеното чувство на ритам, чувството на перспектива (стравот од идното, очекување на нешто), опасност, психолошкото предвидување и планирање. Составен дел на духовната состојба на секој човек „во секој миг на животот претставува некакво конкретно чувство на времето“.174 
Во карактеролошка смисла, сличен „безвремен авантуризам“ е типичен за хистероидни личности.
Како пример на слична безструктурност може да послужи хипи-двиежњето, но и сите други тинејџерските „тусовки“  на кои се „убива“ времето. По сè изгледа, кај љубителите на „тусовките“ целосно отсуствува истражувачкото однесување, присутно кај секој човек, коешто во идеален случај треба да биде насочено кон барањето на патиштата на спасението.
„Нирвана“ на земјата, целосно отсуство на желби и минимално придвижување на волјата   тоа е идеалот на таквите толпи. Всушност, во стварноста истражувачката активност не згаснува, но ако е неправилно ориентирана, „може да се пројави во немотивирана агресивност и во неочекувани антисоцијални постапки175, а понекогаш и во саморазурнувачко однесување. Творецот во душата на човекот ја втиснал потребата да твори. И само ориентацијата кон творечкото преобразување може да претставува норма за внатрешниот живот на човекот.
Можеби порано човекот долги часови минувал пред телевизорот или на разни тинејџерски „тусовки“. (Оној што го минал сето тоа, знае колку е тешко човек да се избави од влијанието на неблагопријатната тинејџерска средина, којашто сè повеќе влече во празнотија.) Сега кај човекот се јавува можност поинаку да го минува времето  во храмот во својата парохија. На пример, во долги разговори за патувањата по светите места. Дотолку повеќе што во секој храм постојат и своеобразни „колекционери на свети места“, коишто постојано посетуваат храмови, манастри, коишто ги виделе сите „старци“ и „старици“. По правило, тие се вдахновени и неуморни раскажувачи. Понекогаш се чини дека сиот нивен живот се состои од само две активности: патување по светите места и водење разговори за впечатоците од тие патувања. Епизода, којашто на авторите на оваа книга им ја пренесе еден свештеник од Вороњешската епархија доволно јасно ја разоткрива суштината на таквите „колекционери“.

Една парохијанка, ненаситна кога се во прашање поколонички патувања, ì раскажува на друга парохијанка: „А јас бев таму... и таму бев... и таму...“. „А јас не бев никаде“  некако натажено забележува втората. „И таму бев!“  со жар се надоврзува првата.

Навистина, многу поедноставно е човек да се смирува на таков егзотичен начин каков што е садењето зелка свртена со корен угоре, одошто трпеливо да поднесува приговори и зајадливи зборови, не само без да одговори на нив со збор или со дело, туку, напротив, искрено да се моли за оној што приговара.176
Неискусните пастири, коишто самите го разбираат смирението како потчинување без приговарање, често ги убедуваат луѓето во таквата заблуда. Се случува пастирот да расудува приближно вака: „Овие луѓе се неискусни, затоа јас ќе го земам врз себе таквиот крст  да размислувам во нивно име, а тие да ги исполнуваат моите мудри совети и да напредуваат по патот на спасението“.
На прв поглед, таквата изолираност и ритуализираност може да одигра извесна позитивна улога. Повторно ќе нагласиме дека не станува збор за благодатна изолираност на човекот од гревовниот свет, туку за ситуација во која човек, кој не ги изживеал страстите, се затвора во кругот на црковната терминологија и црковните обреди. На тој начин може да се одвива период на адаптација, на подготовка на човекот кон понатамошното растење. Според светоотечкото учење, гревот, „сраснувајќи“ со човекот, преминува во гревовна навика чие искоренување претставува долг и мачен процес. 
Важно е новообратениот да не се задржува на оваа етапа, да не заглиби во бесконечно уживање во сопствените „искушенија“, во барањето особена светост, во ритуали и во поклонички патувања. Религиозниот живот на современиот православен верник може да даден мноштво поводи за такво нешто. Добро е ако искусен пастир, со цврста рака и со жар во срцето, успее да го преведе неофитот низ сите пречки и да го доведе до изворот на жива вода.
Човек којшто влегува во Црквата со чудење забележува дека патот на верата од страна на многумина се заменува со слепо следење на авторитетот на одредена личност или на мнението на одредена група. Без да сака, тој се впушта во тој заеднички ток. Но „ако тој остане во таа форма на верување, религијата на духот за него ќе остане недостапна“.177 Таквите луѓе не можат, според зборовите на И. А. Иљин, да го надраснат „религиозното детство“.178
Треба да се признае исклучителната важност на сè што е надворешно во христијанството, но во услови на исполнетост на таа форма (на тој сад) со духовна смисла.179 Притоа треба да се избегнува другата крајност, во која често паѓаат верниците. Го имаме предвид речиси органското неприфаќање на обредната, надворешната страна на Православието.180
Секој црковен обред, секое дејство користено при извршување на Таинствата, претставува надворешна форма, неменливо заситена со најдлабока внатрешна смисла. Човечката плот, со сите движења коишто ги извршува, исто така претставува празна форма, сад кој треба да се наполни. „Вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога“ (1 Коринтјаните 6:19). Ако тоа веќе е исполнето во секој човек, црковниот обред би станал толку прозрачен, што низ него би се гледала Божјата неискажлива живототворна благодат. Притоа надворешната форма не исчезнува и не се расточува, туку само се просветлува.181
Така, учењето на Православната Црква ги надминува двете крајности на однесување спрема материјалното и надворешното  апсолутизација, од една страна, и целосно потценување, од друга, избирајќи ја „златната средина“. Оттука следуваат и целосно заокружени психолошки заклучоци. Душевните пројавувања на човекот (волјата, чувството, разумот итн.) не биле изучувани од светите отци одвоено од човековата природа. „Тие појави, доколку и привлекувале внимание, го правеле тоа само како символ на друго постоење, како слика на вечниот живот на Самото Божество.“182 
Уште една од крајностите, којашто треба да се истакне во средината на православни ревнители, е целосното одрекување на достигнувањата на науката, на секое надворешно знаење, како сето тоа да е исполнето со антихристијанска смисла. Уште не замреле шпекулациите во врска со компјутерите и бар-кодовите, а на хоризонтот веќе се појавуваат нови објекти за борба.
Ќе наведеме еден случај по сеќавање, опишан од протојереј Димитриј Дудко. Во времето кога автомобилите претставувале реткост, некој парохијанин, гледајќи како минува автомобил, му се обратил на еден стар свештеник со зборовите:
 Гледате, батјушка, на демон јава!
 Тоа е добро  следувал одговорот,  многу е полошо кога демон јава на човек.

Во нашата задача не беше предвидена анализата на взаемното влијание меѓу науката и христијанството. Од гледна точка на психологијата, во таа сфера е забележлива тенденцијата да се бара надворешен непријател, што ги одвлекува силите на душата од трезвеност и од борбата со гревот. Во последно време, коешто навистина изобилува со примери на отстапување од вистината, лесно може да се најде образ на надворешен непријател. Раководејќи се со него, лесно се стасува до негирање на секоја образованост, на техничките средства, на човечките знаења, па дури и на „световните“ книги воопшто. Несакањето да се напрегнат сопствените умствени сили води кон воинствен однос спрема светската ученост. За таквите, св. Григориј Богослов напишал: „Не треба да се омаловажува ученоста, како што прават некои, туку треба да се нарече глупав и необразован оној кој, придржувајќи се до таквото мнение, би сакал сите да бидат како него, така што во општата маса да биде незабележлива неговата сопствена глупост и за да го избегне разобличувањето на неговото незнаење.“

 

(Продолжува)


ОГЛЕДИ ОД СОВРЕМЕНА  ЦРКОВНА ПСИХОЛОГИЈА

А. С, Бочаров, А. В. Чернишев

 Издавач : Преминпортал

(Превел од руски: Михајловиќ С. Драган)

TviTER270

ПРЕДГОВОР

Да се каже дека живееме во сложено време значи  ништо да не се каже. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме а да не забележиме дека односот на Црквата спрема современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно во информативните медиуми грубо да се напаѓа Православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак се свртени кон Православната Црква. И макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евреите 13:8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тимотеј 3:15).

Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ на служење како „младостарец“. Тој се заинтересирал за анализата на односот на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, спрема многубројните феномени со коишто се среќаваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување коешто ги одразува „сломовите на душата“ на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото Православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.

Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се среќаваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има мошне многу душевно болни луѓе. И особено многу ги има во Црквата“  смета протојерејот Владимир Воробјов.

Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на Православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што таа јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, Православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека Православието во целост го запазило вистинското Христово учење и дека претставува најздраво општество. Затоа, имено, во него  и никаде на друго место  јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).

И уште една теориска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, истиснувањето, проекцијата  нешта коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.

И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.

Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш  заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.

Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се среќаваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и вредните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве ред во гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се фаќа за еден грев!“Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тежок губиток може долго време да пројавува црти на депресивна личност, и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантен општествен стереотип. 

Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во Православието е преобразбата  не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаело врз утврдувањето на насловот на книгата.

Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“  на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, напишани со перото на православен психолог.

Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се среќаваат, кои се патиштата на хармонизацијата на личноста и на преобразувањето на душата.

Во сферата на нашето интересирање најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.

Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува збирка огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени се разгледуваат во книгава од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.

 +++

 а. Антипсихијатриска струја во 60-70-тите години во Западна Европа и во САД, а во почетокот на 90-тите години и во Русија.
 б. Поимот „стил на личноста“ е авторски термин на современиот психотерапевт Д. Шапиро.
ц.Термин предложен од страна на германскиот психијатар Karin Leonhard.

 

Друго:

apostol.Timotej.jpg

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ

apostol.Timotej.jpg

http://preminportal.com.mk/content/view/5879/54/

apostol.Timotej.jpg

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: Психологија и психопатологија духовното раководство

А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: МОТИВОТ НА ДЕПРЕСИЈА

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Наука и Култура

Септември 25, 2024
Zivko.Grozdanoski3

Интервју со Живко Грозданоски: ДПМ може да дејствува гласно, сложно и независно

Ми се чини дека надворешните предизвици, како на пример отсуството на соработка со некои членови (на Управниот одбор) на ДПМ, некои обиди за саботажа итн. (сè се тоа нешта што веројатно секогаш ќе ги има); па сега слабиот рејтинг на ДПМ меѓу членството и во…
Август 29, 2024
TviTER231

„РАДОСТА НЕ ДОАЃА САМА, ТАА МОЖЕ ДА ЈА ЗАСЕНИ ТАГАТА“ Академик Ќулавкова добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пред 35 години, август 1989-та, ми беше доделена првата награда за најдобра поетска книга на годината, напишана на македонски јазик, ‘Браќа Миладиновци’. Тоа беше мојата книга ‘Жедби’, со поднаслов ‘Престапни песни’. Во неа, во шест циклуси, опеав неколку…

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Ное 14, 2023 Филм, Театар 1903
Tamara.Kotevska
Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 2414
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Беседи

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Жарко Ѓорѓиевски: Беседа,13. октомври 2024 година

Како што постојат места на земјата на кои успева само еден вид растение и нема такви други места на кои истото растение би растело, така и во Црквата Христова постои...

 Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Aрхим. Георги Капсанис: ВО ЗНАК НА НАШАТА ЉУБОВ

Незамисливо е да се биде христијанин без подвиг и крст. Оној што води лесен живот не може да се нарече христијанин. Некои луѓе отсекогаш верувале дека христијанин е оној кој...

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Отец Александар Шмеман: Воздвижение на Чесниот Крст

Тоа бил празникот на христијанското царство, кое се родило под закрилата на Крстот, во денот кога царот Константин го видел Крстот над кој пишувало:: „Со ова ќе победиш…” Тоа е...

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Митрополит Софрониј - ПРОПОВЕД ЗА РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Во Ветената земја - Палестина, дадена на израилскиот народ од Бога, во планините на Галилеја се наоѓа градот Назарет. Во тоа време тој бил толку непознат и малку важен, што...

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Свети Јован Крстител беше испратен од Бог да ги повика луѓето на покајание

Самиот тој, со својот начин на живот, е олицетворение на покајанието. И нормално, не би ни можел да биде повикан од Бог да проповеда покајание ако целата негова сила не...

БОГОРОДИЦА

БОГОРОДИЦА

„Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бог, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување..., оддалеченост од светот, заборав на сè земно и...

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

Св. Јован Кронштатски - Слово на денот на Успение на Пресвета Богородица

И колку славно било Нејзиното успение! Со каква светлина сјаело Нејзиното пречисто лице. Колку прекрасно, неописливо, неспоресливо благоухание извирало од нејзиното пречисто, приснодевствено тело, како што пишува св. Дионисиј Ареопагит,...

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно - Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

Архива: Беседа на Преображението на Господ и Бог и Спасителот наш, Исус Христос – Свети Григориј Палама

А и зошто Господ, пред почетокот на Преображението ги избира најглавните од апостолскиот лик и ги возведува со Себе на гората? Секако, за да им покаже нешто големо и таинствено....

« »

Најново од култура

Православен календар

 

21/11/2024 - четврток

Св. Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни; Свети Ангел Лерински;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Тропар на светите Христови Маченици Јерон и другите 33 Мелитински маченици 7 ноември / 20 ноември 2024

Сила Ти даде на телото човеково, о, Господи, но верата во човека планина преместува, секое безумие го победува и кон...

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Тропар на св. Павле патријарх Цариградски 6 ноември / 19 ноември 2024

Со исповедувањето на Божествената вера,Црквата те покажа како втор Павле,ревнител меѓу свештениците:со тебе повикува и Авел кон Господа,

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная