Научен собир на тема „Српскиот идентитет, српскиот јазик и Законот за родова рамноправност“ во Белград (17.01.2024 18:25)
Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј, на 16 јануари 2024 година, го отвори првиот научен собир во Националната библиотека на Србија во Белград, во организација на Информативната служба на Српската Православна Црква и Матица српска, на тема „Српскиот идентитет, српскиот јазик и Законот за родова рамноправност“.
Поздравувајќи ги присутните епископи, министри и претставници на најважните институции на општеството и државата, еминентни професори, лингвисти, филозофи, правници, теолози и експерти од различни специјалности поврзани со темата на конференцијата, како и вероучители, Патријархот Порфириј истакна дека со своето доаѓање потврдиле дека ги разбираат проблемите на општеството во кое живеат и дека заедно со другите сакаат да ѝ помогнат на заедницата да ги надмине тие проблеми преку нивна вклученост.
– Српската Православна Црква и Матица српска се коорганизатори на денешниот научен собир и соработуваат од основањето на Матица во 1826 година. Ова е значаен показател дека српската култура не е поделена, ниту треба да биде шизофрена, и не е унисона, не ја води еден протопсалт, еден диригент, еден политички комесар, еден центар, туку се развива слободно. Културата навистина не треба и не смее дури и како начин на живот да го дели општеството, да создава толку многу сомнежи во општеството што поединецот ја губи својата ориентација во просторот и времето – посочи Патријархот и нагласи дека оценката на многумина е дека Законот за родовата рамноправност го прави токму тоа:
– Законот за родова рамноправност на сосема вештачки начин го креира животот на општеството и поединците, дијаметрално спротивно на историското искуство, начинот на живот, па дури и на современите стремежи на нашето општество. Исто така, се чини дека споменатиот Закон има потенцијал да го подели поединецот, човечката личност однатре, диктирајќи им на луѓето, под закана од санкции, сосема несвојствен начин на општење, и со тоа создава можност младите генерации преку принуден притисок и манипулации, со она што се нарекува brainwashing, да престанат да бидат тоа што станаа по Божја волја.
Патријархот Порфириј се заблагодари на раководството на Националната библиотека на Србија, каде што се одржа научната конференција и заклучи дека тоа е уште една потврда за неделивоста на српската култура.
– Се сретнавме уште еднаш да разговараме за споменатиот Закон, во светлината или темнината на неговите одредби, да се преиспитаме себеси, нашите животни ставови и конечно заедно да се стремиме нашата работа и нашите заклучоци да не служат за уште поголеми поделби и антагонизми, туку да биде здрава основа за социјален дијалог, за дијалог со одговорните носители на власт, за дијалог кој ќе упатува на решение кое е добро за секого и за сѐ – порача Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј.
Поздравни слова до учесниците на научниот собир и многубројната публика упатија и проф. д-р Драган Станиќ, претседател на Матица српска; д-р Срета Танасиќ, претседател на Комитетот за стандардизација на српскиот јазик на САНУ; како и проф. д-р Александар Милановиќ, претседател на Советот за српски јазик.
Еднодневниот научен собир се одржа во три сесии со кои модерираше г-ѓа Оливера Јовановиќ, главен и одговорен уредник на „Православље“, весникот на Српската Патријаршија. Многу убедливи излагања, богато поткрепени со факти, беа произнесени од:
- Проф. д-р Милош Ковачевиќ (Белград): „Законот за службена употреба на јазиците и азбуките – пречка за подобар статус на српскиот јазик и кирилицата“;
- д-р Јованка Радиќ, научен советник (Белград): „Родово сензитивен јазик – инструмент за колективна лоботомија“;
- Проф. д-р Рајна Драгиќевиќ (Белград): „Лексикон за именување на женски лица во речниците на современиот српски јазик“;
- Проф. д-р Исидора Бјелаковиќ (Нови Сад): „Матица српска за родово чувствителен јазик“;
- Проф. д-р Виктор Савиќ (Белград): „Што е родово чувствителен јазик?“;
- д-р Владан Јовановиќ, научен советник (Белград): „За последиците од примената на јазичното инженерство во граматичката и концептуалната структура на српскиот јазик“;
- д-р Марина Спасојевиќ, виш научен соработник (Белград): „Современите предизвици во српскиот јазик како идентитетски фактор“;
- Доц. д-р Катерина Беговиќ (Белград): Родово сензитивен јазик во контекст на јазикот, мислењето и реалноста;
- Неговото Високопреосвештенство Епископ Стобиски г. Јаков (Струмица): „Воук култура - родова теорија како еден од главните фактори на поробувањето на современото општество“;
- д-р Миша Ѓурковиќ, научен советник (Белград): „Одбраната на природното семејство како кривично дело во Република Србија“;
- д-р Душан Илиќ, научен соработник (Белград): „Џендеризација на српското семејно законодавство“;
- М-р Марија Стајиќ, независен истражувач (Белград): „Глобално уродување: кон неслобода на мислата, говорот и постоењето;
- г. Момир Радиќ, адвокат (Белград): „Неуставност на Истанбулската конвенција, Законот за родова рамноправност, Законот за забрана на дискриминација и Кривичниот законик“;
- Протоереј-ставрофор Велибор Џомиќ (Белград): „Неприфатливост на Законот за родова рамноправност за Српската Православна Црква“.
На отворањето на научниот собир, како и за време на неговата работа, присуствуваше Неговото Преосвештенство Викарниот епископ Новобрдски г. Иларион, претседател на Одборот за веронаука на Белградско-карловачката архиепископија; г-ѓа Славица Ѓукиќ Дејановиќ, министер за образование; г. Томислав Жигманов, министер за човекови права, права на малцинствата и социјален дијалог; г. Душан Стокановиќ, управител на Информативно-издавачката установа на СПЦ; протоереј-ставрофор д-р Владимир Вукашиновиќ, професор на Православниот богословски факултет во Белград; ѓакон д-р Ненад Идризовиќ, раководител на Одделот за чување и пристап до збирките на Народната библиотека на Србија. Настанот го следеа бројни медиумски екипи.
=========
http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7915