Нова музејска поставка „Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940–1949"
Сабота, 25 Октомври 2014 21:58
Е-пошта Печати PDF
Амбиентот на новата музејска поставка е збогатен со ликовно решение насловено „Патека на децата-бегалци“ кое овозможува секој посетител да стане дел од нивното минато и барем за миг, да се соочи со голготата низ која поминале илјадници семејства кои изоделе пеш 100 километри од тогашната грчко-југословенска граница до Преспа ...
Во Музејот на Македонија денеска беше промовирана новата музејска поставка „Македонците-бегалци во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940–1949". На 400 квадратни метри е претставена една нова потресна аудиовизуелна нарација на болката и голготата што ја преживувале Македонците во тоа време.
„Ваквите судбини и оваа тематика досега биле обработувани во многу книги, во многу литературни дела, во разни филмови, театарски претстави, на повеќе музејски изложби, а од денес и во оваа постојана поставка во Музејот на Македонија“, рече премиерот Никола Груевски. Во тоа време 21.000 Македонци биле жртви, а како резултат на Граѓанската војна во Грција, повеќе од 50 илјади Македонци биле раселени низ повеќе држави.
„Историјата понекогаш знае да биде исклучително болна и трагична, но никогаш не смее да остане заборавена. На човек може да му се земе детството, да му се сруши куќата, да му се запали селото, но човековата меморија не може со ниту едно средство да се уништи. Таквата меморија поврзана со една болна и тешка историја на дел од нашиот народ денес е поткрепена и со оваа прекрасна музејска поставка“, додаде Груевски.
Според министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, со оваа музејска поставка се легитимираме како нација која знае да ја почитува и да ја валоризира историјата и нација која знае да го почитува минатото и да извлече поука од него.
„Преку длабоко осмислениот пристап на новата музејска поставка, посетителот може да проникне во најмачните сегменти и најгорливите премрежиња низ кои поминувал македонскиот народ во Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција. На уникатен, возбудлив и драматичен начин, во поставката се презентирани мноштво фотографии, документи, оружје, облека, предмети од битов карактер, како и други сведоштва поврзани со овој сегмент од историјата на македонскиот народ“, рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека отворањето на постојаната поставка во Музејот на Македонија е дел од исклучително значајниот проект на Владата на РМ и на Министерството за култура кој ќе овозможи уредување на нови и збогатување на сите музејски поставки во Република Македонија.
„Токму овде, во Музејот на Македонија, со поддршка од Министерството за култура, ќе биде обновена и постојаната историска поставка, во која ќе бидат изложени значајни предмети и документи од целокупната македонска историја, а ќе се изврши и техничко-технолошко осовременување на постојаната етнолошка поставка која низ еден современ музеолошки пристап, ќе ја презентира традиционалната материјална и духовна култура на Македонија“, најави министерката за култура.
Амбиентот на новата музејска поставка е збогатен со ликовно решение насловено „Патека на децата-бегалци“ кое овозможува секој посетител да стане дел од нивното минато и барем за миг, да се соочи со голготата низ која поминале илјадници семејства кои изоделе пеш 100 километри од тогашната грчко-југословенска граница до Преспа. Во музејската поставка е застапен и амбиентален приказ на семеен дом кој ги симболизира влијанијата на настаните и војните врз семејствата, а впечатлив сегмент се и автентичните филмски документарни материјали, потоа видеопрезентацијата со усни искажувања на учесниците во овие историски настани, како и презентацијата на играните и документарните филмови од македонската кинематографија кои ја обработуваат оваа тематика.