НА ПРЕСТИЖНИОТ ФЕСТИВАЛ ВО НОВИ САД
Стериини награди за Александар Поповски и за "Фолтин"
Селекторката на програмата Ана Тасиќ за "Брод за кукли" напишала: "Демистификацијата на бајката, неизбришливата потреба за љубов се прикажани невообичаено прецизно и чисто, за што се заслужни сите актери, чија игра е уверлива, хомогена, едноставна и неусилена"
Претставата на режисерот Александар Поповски " Брод за кукли", во продукција на Словенско народно гледалишче од Љубљана, и групата "Фолтин" ги добија Стериините награди за претстава и за музика на 55. издание на престижниот фестивал Стериино позорје во Нови Сад, Србија, кој започна на 26 мај, а се затвори вчеравечер, со свеченото доделување на наградите.
Претставата на Поповски, работена според текстот на српската драмска авторка Милена Марковиќ, ја доби наградата и од тркалезната маса.
Минатата година, реномираниот македонски режисер ја доби наградата за режија за претставата "Кандид или оптимизам", во изведба на Београдско народно позориште, како и наградите за сценографија, костими, актерско остварување и за сценско движење.
Годинава најдобар режисер е Паоло Маџели, а најмногу награди, во шест категории, доби претставата "Кора од портокал" на режисерот Кокан Младеновиќ, на Новосадско позориште. (Б. Н.)
Извор: Вест
http://www.vest.com.mk/?ItemID=FE479F5E7867F247953F42329A38475A