- Во македонската кинематографија има филмски остварувања кои по својот квалитет се рамни на европските лауреати. Вака се обрати амбасадорот на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере, на отворањето на фестивалот "Синедејс" во петокот. Фестивалот во МКЦ започна со годинашниот победник во Кан, романскиот "4 месеци, 3 недели, 2 дена" на режисерот Кристијан Мунгиу, а продолжува со интересна и силна натпреварувачка програма. Вечерва (19,30 ч.) во кино "Фросина" ќе игра босанско-хрватскиот "Армин", годинешното филмско изненадување во регионот. Филмот на Огњен Свиличиќ раскажува "мала" приказна за татко и син кои одат од Босна во Загреб, на аудиција за германски филм. Од филмовите во конкуренција, вечерва (22 ч.) ќе го видиме и унгарскиот "Свеж воздух", на Агнес Кочиш.
Во неофицијалната програма денеска ќе играат албанскиот "Магично око" на Кујтим Чашку, и францускиот "Два дена во Париз" на Џули Делпи. Интересно е што оваа љубовна комедија е комплетно дело на Делпи, која го режира, монтира, ја игра главната улога, го напиша сценариото и ја компонираше музиката.
Под мотото "Гладни за филм, добар апетит" до 23 ноември на Фестивалот ќе бидат прикажани околу 40 филмови од 22 европски земји. На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите - Златна ѕвезда за најдобар филм, Сребрена ѕвезда за најдобра режија, две сини ѕвезди - за сценарио и за актерско остварување и Специјална награда Златно сонце за иновативност за филмовите од Регионалната програма "Балкан-линк".
За наградите ќе одлучи меѓународно жирито - Макс Азуле, претседател, и членовите, Станислав Семерџиев и Антонио Митриќески. Билетите се движат од 80 до 150 денари.
(Де.Т.)
Фото: Д. АНДОНОВСКИ