Регионалната филмска мрежа поддржа финансиски седум краткометражни проекти, меѓу кои и "Балон" на Марија Апчевска од Македонија
Во Скопје, викендов за прв пат се одржа работна сесија на Си Синема Нетворк (SEE Cinema Network, каде што членуваат земји од Југоисточна Европа. Претставници од Албанија, Бугарија, Кипар, Македонија, Грција, Романија и од Србија беа дел од оваа сесија на филмската мрежа која е иницирана од Грција во 2000 година, и чија главна годишна сесија се одржува во ноември на Солунскиот филмски фестивал, а оваа летната, во земјите - членки.
Директорот на Филмскиот фонд Дарко Башевски објасни дека од сега Фондот ќе е претставник на Македонија во оваа многу важна филмска мрежа за регионот, зашто, како што рече, во почетокот носител на членството била Кинотеката, а потоа Министерството кое го делигарало продуцентот Никола Мадиќ. Парите во Си синема нетворк се собираат со котизација, но и со инвестиција на секоја земја според можностите, а Македонија во мрежата уплатила котизација само во 2003 година. Сега се разговара со Министерството за култура да се согледа значењето на мрежата и да се уплати барем минималната котизација.
Овој пат во Скопје се разгледуваа апликациите за краткометражни филмови и беа поддржани седум, од кои еден е од Македонија, "Балон" на студентката Марија Апчевска. Се донесе и одлука да се доделат грантови во износ од 8000 евра. Исто така, на конференцијата беше одлучено сите поддржани проекти да бидат ставени на ДВД и да се врши дистрибуција во земјите - членки.
На последниот Солунски филмски фестивал од оваа мрежа беше поддржан развојот на новиот филм на Игор Иванов-Изи "Соба со пијано". За да се добијат одобрените 8 000 евра потребно е Македонија да го плати членството, и да остане во друштвото на балканските кинематографии.
(М.За.)- Вест