ДЕЈАН ТРАЈКОСКИ
НА РАБОТ ОД РАЈОТ
Еден од водечките европски режисери, германскиот Турчин Фатих Акин, повторно се појавува со дело кое остава длабока трага во филмските анали: "На работ од рајот", добитник на Златна палма за сценарио во Кан.
Акин, како и во "Со глава во ѕид" и "Во јули", ја следи неговата специфична филмска линија, создавајќи типично европски филм. Суптилно критичкиот поглед на социјалата, политиката, европската реалност, на актуелниот политички однос ЕУ-Турција, разликите меѓу сталежите, улогата на изгубениот поединец во општеството, шареноликите погледи и анализи на љубовта..., веќе се иманентен дел од творештвото на новиот филмски херој во Европа. Овде, новина во Акиновото филмско промислување е одвојувањето на простор за етиката, конкретно за категоријата простување, која носи неколку од поентите во филмот, како и на смртта како крај, но и како почеток.
И во овој филм, повторно е ангажиран Рајнер Клосман, (снимателот на Вернер Херцог и Оливер Хиршбигел, добитник на "Златната камера 300", во 2004 г. во Битола за "Со глава во ѕид"...), емоциите ги слика од интересни и (не)вообичаени позиции, употребувајќи повпечатливи агли на снимање за силно емоционалните сцени. Негов кинематограферски печат се и статичната камера и камерата "од рака", кои ги употребува и овде.
Музиката повторно е прекрасна мешавина на турски песни со еклектична музичка подлога, во која, покрај класичните симфониски звуци, вткаен е и прекрасно егзотичен турски мелос.
Она што најмногу воодушевува е сценариото, хиперинтелигентно пренесено на филмското платно. Акин на мудар начин се служи и со веќе видените, но сепак ефективни игри со категориите време-простор, по што кај нас е познат Милчо Манчевски. Тоа го прави преку трите приказни, пренесени преку точно одредени пунктови: смрт - љубов - простување. Тој философски прецизен спој на режијата и повеќеслојното сценарио го носи еден од најубавите европски филмови во последно време.
Заслужува да се напомене и споредната улога на еден од бардовите на германското глумиште, Хана Шигула, миленичката на култниот режисер Рајнер Вернер Фасбиндер, и актерка која ги долови незаборавните ликови во легендарните "Лили Марлен", "Горките солзи на Петра фон Кант", "Марија Браун"...
Од овој филм издвојувам две сцени. Првата е последниот, крајно "едноставен" кадар, и една од најубавите последни сцени во филм: главниот јунак седи на брегот од морето и го чека татко му, а единствено движење во неколкуминутниот статичен кадар е звукот на морето.
Ја издвојувам и сцената кога таткото, кој прележал инфаркт, место да се одмори, му вели на синот да ги наводнува патлиџните во дворот. Неа ја потенцирам поради силната психолошка слика на една традиција, како и поради огромната сличност со дел од нашиот краток филм "Ливада" од добитникот на Златна палма за краток филм, Митко Панов, каде селанецот, пред да почине, вели: "Докторе, помагај... Искоси ми ја ливадата".
Извор: Вечер