Македонскиот долгометражен игран филм „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски ја освои наградата „BEST BALKAN SPIRIT“ на VII Balkan Film Food Festival во Поградец, Албанија.
Ова е петта интернационална награда на „Златна петорка“, а филмот за само 9 месеци го имаат видено околу 70.000 гледачи по кината и фестивалите ширум светот.
Сценариото за овој македонски филм е инспирирано по вистинит настан за петтемина струмички студенти од 1951 и е работено по мотиви на Братислав Ташковски.
Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажер Андрија Зафрановиќ, сценограф Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Билјана Таневски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Фестивалската публика и меѓународната јавност во овој филм препознаваат поетична приказна каде љубовта се преплетува со предавството, со универзална порака за расчистување на гревовите од минатото.
Филмот „Златна петорка“ досега е селектиран на 15 интернационални фестивали, а до крајот на летото го очекуваат проекции на фестивалите во Варна, Темишвар и Краина.
10.07.2017 год.