Синоќа, во познатото кино Вју на Пикадили сиркус, во Лондон, на Интернационалниот филмски фестивал Реинденс својата светска премиера ја имаше најновиот македонски долгометражен игран филм „Златна петорка“.На фестивалот присуствуваат режисерот Горан Тренчовски, продуцентот Дејан Милошевски и актерката Јана Стојановска.Филмот остави голем впечаток кај публиката.
Во официјалната фестивалска рецензија „Златна петорка“ е претставен како „силен и трогателен филм“:„Алавантие, академик во години, се враќа во својата татковина од која избегал за време на угнетувачкиот режим на Тито по егзекуцијата на неговите другари од детството: студентските активисти кои се противеле на југословенската комунистичка власт и се залагале за независна Македонија. Во 1951 година, петтемина другари се заедно со Алавантие и со нивниот друг другар од детството, Џиџи, во нивниот роден град, само неколку дена пред нивното апсење и егзекуција. Повеќе од 50-тина години подоцна, Алавантие и Џиџи, единствените преживеани членови на дружината, повторно се среќаваат.
Со години наназад Алавантие неуморно ја истражувал нивната смрт и ја открил вистината за она што навистина се случило со "Златната петорка". Прекрасно прикажување и на тогашната и современата Македонија се преплетува во приказната за "Златната петорка", настаните кои довеле до нивното егзекутирање и последиците децении подоцна. Иако филмот е претежно приказна за минатото, како и сите добри приказни за нашата историја, не’ информира за нашата сегашност, не’ предупредува за последиците од фанатичен национализам и нетолерирањето критики кон власта, но исто така дава порака на надеж за оние од нас кои се подготвени да ги прифатат лекциите од минатото...“ По успешната лондонска премиера, претставниците на продукцијата имаа средби со дистрибутери заинтересирани за овој филм.На 16 октомври „Златна петорка“ ќе биде прикажан во Сиднеј, а на 23 во Торонто.Скопската премиера е на 6 октомври во кино „Милениум“, а за премиерата во Струмица на 7 октомври неколку проекции се веќе распродадени.
Сценариото за овој македонски филм е инспирирано по вистинит настан и е работено по мотиви на Братислав Ташковски, а на последната верзија косценарист беше Билјана Гарванлиева. Директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез. Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје и е поддржан од Агенцијата за филм на РМ како дебитантски филм.
© Револушн - СкопјеЛондон, 30 октомври 2016https://vimeo.com/176761291--
info/press office of
Goran Trenchovski
http://www.gorantrenchovski.com/