Пред некоја мисла остануваш во сомнение, особено гледајќи го гревот на човекот, па се запрашуваш: „Дали со сила треба да победуваме или смирено со љубов?“
Секогаш одлучувај вака: „Ќе победам смирено со љубов“. Доколку се одлучиш еднаш засекогаш, ќе можеш целиот свет да го покориш. Смирената љубов е голема сила, најсилна од се' - не постои ништо како неа. Секој ден и час, секој момент гледај се себеси, и гледај изгледот да ти биде благ и убав.
Ако поминеш покрај мало дете, ако си лут, и ако кажеш лош збор, со огорчена душа; можеби ти нема да го забележиш детето, но тоа ќе те забележи тебе - ќе го забележи твојот лик, грд и злобен, и ќе остане во неговото мало и незаштитено срце. Ти тоа не го знаеш но можеби со тоа ќе фрлиш лошо семе во неговата душа, а тоа семе можеби ќе порасне. Сето тоа затоа што ти не си успеал да се воздржиш пред детето, бидејќи во себе не си одгледувал внимателна љубов.
Браќа, не се плашете од човечките гревови, сакајте го човекот и во гревот негов, бидејќи кога човек сака некој грешен, тоа е слика на Божјаата љубов и врв на љубовта на земјата. Сакајте се' што создал Бога - секоја трошка. Секое ливче, секој зрак. Сакајте ги животните, растенијата, сакајте се'. Ако вака ги сакате сите работи - ќе ја сфатите и тајната Божја која се крие во нив.
А кога ќе ја сфатите, тогаш неуморно и секојдневно ќе започнете да познавате се'. И ќе го засакате целиот свет со целосна и универзална љубов.
Сакајте ги животните: нив Бог им дал тивка радост. Немојте да ги мачите и вознемирувате, немојте да им ја одземате радоста и немојте да се противите на Божјата мисла. Не се фалете и немојте да мислите дека сте подобри од животните: тие се безгрешни, а вие, со вашето височество, вие само ја уништувате земјата со вашата појава, на неа оставате трага после себеси.
Имајте посебна љубов кон децата, бидејќи тие се безгрешни како ангели и живеат за нас да не' усреќат; тие живеат за да ги исчистат нашите срца и да ни дадат патоказ. Тешко оној кој ќе навреди дете.
Подготвил: Тамара Гроздановски
Извор: https://www.fakulteti.mk/news/16-11-16/dostoevski_decata_gi_chistat_nashite_srca