Скопје, 12 март (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски денеска во спомен на депортираните македонски Евреи свечено го отвори објектот ХАНА, каде што се сместени работните простории на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ).
Георгиевски, во присуство на претставници на Иницијативниот одбор, на верските заедници, на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на Израел во Република Македонија Армира Арнон, засади дрво пред објектот ХАНА, со што се вклучи во акцијата „Денот на дрвото - засади ја својата иднина“.
- Среќен сум што учествувам во ова национално собитие. Тоа е прекрасна акција и би било голема штета ако не стане традиција во нашата држава, изјави собранискиот спикер.
Објектот ХАНА во минатото била куќата на семејството Арие кои биле одведени во логор и не го преживеале погронот. Куќата е вратена со денационализација и е заштитена од Управата за културно наследство и е изработен проект за нејзино ревитализирање.
- Во минатото објектот ХАНА била некој вид стоковна куќа, а нејзиниот првичен облик покажувал дека спиралните скали воделе од подрумот до таванот, изјави Љиљана Мизрахи, претедател на УО на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Инаку, со Фондот раководи Управен одбор составен од тројца членови на македонската Влада, Панде Лазаревски, Мартин Протоѓер и Горан Трајковски, како и Љиљана Мизрахи, Пепо Леви и Предраг Кенинг од Еврејската заедница на Република Македонија.
Со средствата од денационализацијата на имотот на Евреите кои ја напуштиле земјата со присилна депортација и не преживеале, наменски се гради македонски Меморијален центар, а се предвидуваат и други проекти од едукативен карактер.
Како што најави Панде Лазаревски, се очекува Меморијалниот центар да биде завршен и отворен во текот на оваа година. цр/паг/11