Минатата година токму на празникот Успение на Пресвета Богородица го поставивме камен-темелникот за изградба на овој пат што води до еден од најкултните и најпознатите манастири на Балканот, манастирскиот комплекс „Трескавец“, a денес со задоволство го пуштаме во употреба.
Ова го изјави премиерот Никола Груевски денеска на пуштањето на новоизградениот пат од Прилеп до манастирот „Трескавец“, во должина од 7,5 километри, за кого Владата од Буџетот инвестираше 83 милиони денари или 1.400.000 евра.
- Со неговата изградба Прилеп ќе стане уште поатрактивна локација која ќе овозможи развој на манастирскиот, но и други видови алтернативен туризам, а дополнително со обновата на конаците се очекува годишна посета од над 50.000 туристи тука во овој манастир, рече Груевски.
Со реализацијата на овој проект, како што додаде, потврдивме оти изградбата и реконструкцијата на патиштата останува еден од врвните приоритети на Владата.
- Во овој бран на инфраструктурни инвестиции сакаме да опфатиме што повеќе населени места во прилепскиот регион кој долги години имале проблеми со старите и оштетени патишта. Реализацијата на овие проекти се одвиваше и со поддршка од локалната самоуправа и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, а со цел подобар и поквалитетен живот на сите граѓани, истакна премиерот.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека новоизградениот пат до манастирот „Трескавец“ ќе им овозможи на граѓаните и верниците поголема достапност до овој значаен духовен комплекс од 13. век.
- Од денеска сите посетители ќе можат непречено да го посетат манастирот „Трескавец“, да се запознаат со духовниот живот на ова светилиште, на овој храм кој во својата историја како монашки и книжевен центар бележи присуство на многу значајни духовни луѓе и учители, стари мајстори и талентирани зографи кои создале исклучителни уметнички и иконографски вредности. Реализацијата на овој проект, несомнено ќе му обезбеди долговечност на манастирот „Трескавец“, на овој значаен споменик на старата македонска архитектура кој сведочи за културното наследство кое го поседуваме како држава, додаде таа.
Патот до манастирот „Трескавец“ го градеше фирмата „Гранит“.
Извор: Утрински весник