Четириесет проекти од областа на креативни индустрии кои беа пријавени на конкурсот на Министерството за култура се селектирани и ќе добијат финансиски средства за своја реализација
Имавме можност да пробаме млеко и сирење од македонскиот бадем, да слушнеме музика од македонските инструменти и да се воодушевуваме од македонскиот дизајн за мебел... Вчера македонските креативци и официјално добија потврда за финансиска поддршка од Министерството за култура на РМ за своите проекти.
На почетокот од годината Министерството за култура објави Конкурс за финансирање на проекти во областа на креативните индустрии чија цел беше да ги стимулираме граѓаните и сите креативци во нашата држава да креираат. Пристигнаа 204 апликации на национални и локални установи, здруженија на граѓани, фондации и други правни и физички лица. Селектирани се вкупно 40 проекти кои промовираат различни иновативни уметнички форми и кои содржат препознатливи естетски вредности, одржливи проекти кои имаат стабилна финансиска стратегија, претприемнички дух и се во функција на привлекување на работна сила. Се работи за проекти со кои се дизајнираат и промовираат нови технологии и во кои се користат традиционалните вештини и ресурси...", потенцираше вчера Елизабета Канческа -Милевска, министерката за култура на РМ.
Вкупниот буџет за сите 40 проекти изнесува околу 3 милиони денари. Четири проекти се на национални и локални установи (Дом на културата - Делчево, Музеј Кратово, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид и НУ Археолошки музеј Скопје), а останатите 36 се на здруженија, фондации, правни и физички лица.
Благодарен сум што министерството ги препозна предизвиците кои стојат на патот на глобалниот пазар во однос на креативните индустрии како битен сегмент во развојот на иднината. Здружение на графички дизајнери конкурираше со проект за валоризација на македонски производи. Затоа одлучивме заедно со Министерството да се воспостави државна награда за дизајн која е предвидено да се реализираат во 2014, а голем дел од компаниите веќе се вклучени во организација", истакна Лазе Трипков. Анита Гајтановска, пак, со својот проект ќе реализира цела една линија од садење на семе на хељда до негова употреба во изработка на мебел.
Проектот на Даниела Симоновска од Кластерот за мода и дизајн, пак, се однесува на изработка на ткаени и плетени производи, додека Никола Воинов и Александар Тулевски го претставија својот проект за керамички чаши, со кој направија спој на локален материјал со нов дизајнерски пристап.
Вниманието на присутните вчера го привлече и Дејан Спасовиќ со своја палета на инструменти изработени од челик, керамика и дрво...за кои како што вели постои голем интерес не само во државата туку и надвор.
За поттикнување на секторот креативни индустрии Министерството донесе и развојна стратегија, а формирана е национална комисија. Во план е да се обезбеди и простор за креативност, каде што ќе се изработуваат прототипи и модели кои потоа би биле пласирани.
(Д.Т.) Вечер
Фото:Н.Батев