СВЕТОТ СОСЕМА ПОЛУДЕ
Над 2 милиони деца се убиени во конфликти за 20 години
Според статистичките податоци за формите на злоупотреба на децата, преку два милиони деца се убиени во конфликти во последните две децении, околу 10 милиони деца се бегалци, згрижени од страна на УНХЦР, околу 80 илјади деца годишно умираат како резултат на насилство во семејствата
Ужасни податоци сподели Првата детска амбасада во светот Меѓаши со состојбите на децата одбележувајќи го вчера 4 јуни, Меѓународниот ден на децата жртви на агресија. Така, според статистичките податоци за формите на злоупотреба на децата, преку два милиони деца се убиени во конфликти во последните две децении, околу 10 милиони деца-бегалци, згрижени од страна на УНХЦР, околу 80 илјади деца годишно умираат како резултат на насилство во семејствата.
-По повод меѓународниот ден на децата-жртви на агресија би сакале да потсетиме на едно турбулентно и воинствено време кое не би сакале да се повтори. Во не така далечната 1992 година, кога започна војната во поранешна Југославија, само во Босна и Херцеговина над 1600 деца ги загубија животите. Во тој миг, се уште недооформената Прва детска амбасада МЕЃАШИ за Република Македонија, во која беа вклучени неколку граѓани и граѓанки, се соочи со почетокот на босанската војна. На дадениот апел за помош уште истиот момент одговорија голем број семејства, но и институции како детски одморалишта, домови, хотели, Црвениот крст, Министерството за труд и социјална политика, како и многу невладини организации. Во истиот миг беа згрижени илјадници деца, жени, стари луѓе. Во текот на наредните години МЕЃАШИ за децата-бегалци во Македонија обезбедуваше храна, образование, медицински прегледи, часови по изучување англиски јазик, културно-забавен живот, итн. На овој начин Македонија и невладиниот (граѓанскиот) сектор на светот му покажаа висока граѓанска свест, солидарност и човечност. По извесно време, поточно во 1993-1994 година еден дел од децата-бегалци од Босна заедно со своите родители заминаа во САД и во западноевропските земји. Во оваа преселба беа опфатени над 4000 луѓе од кои 2500 беа деца, велат од Меѓаши.
Според УНИЦЕФ околу 300.000 деца низ светот се деца-војници.
Целта на овој ден е да се оддаде признание на болката и страдањата што ги преживуваат децата-жртви на насилство. Меѓународниот ден на децата-жртви на агресија е прогласен на 19 август 1982 година, на итната специјална седница на ОН.
Извор: Вечер