Пред точно 185 години, на празникот Митровден е осветена црквата „Св. Димитриј“ во Кавадарци. Во изминатиот период таа одиграла значајна улога во историскиот развој на градот. За нејзината изградба е најзаслужен познатиот трговец од Кавадарци Диме Велков, кој успеал да добие ферман од солунскиот валија, со што кавадарчани се стекнале со право да изградат црква во западниот дел од градот. Во текот на градбата имале многу проблеми од локалното турско население, кое постојано го рушело изграденото. Најпосле бил постигнат договор камбанаријата да не биде повисока од покривот на црквата, која е во форма на трикорабна базилика со импресивни димензии, долга е 34, а широка 16 метри.
Последните неколку години се врши целосна реставрација на црквата и интензивно се работи на новиот фрескоживопис, за што е ангажирана тајфата „Св. Наум“, чија основачка е Малка Конеска. Тајфата постои од 2014 година и го носи името на овој светител бидејќи нејзините членови првпат се реализираат како група при изработката на фрескоживописот на црквата „Св. Наум“ во Радишани. Во првиот состав на тајфата членуваат: Малка Конеска, Васко Учков, Спиридон Чучков, Валентина Конеска-Каспарова, Сарита Конеска и Лидија Танев. До скоро тајфата исто така имаше шест члена, но од неодамна се придружија нови тројца ликовни уметници: Благојче Петровски, Ива Јосифова и Перо Гогов. Црквата „Св Наум“ во Радишани беше првиот проект во кој тие ги соединија своето знаење и искуство, по што следуваше работа на трпезаријата во црквата „Св. Јован Крстител“ во селото Љубанци и на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Ново Село Струмичко, а, еве, веќе втора година, работат на фрескоживописот на црквата „Св. Димитриј“ во Кавадарци.
Која е идејата водилка на еден зограф кога почнува со фрескопис на една црква и како се создаваше концептот на фрескоживописот на црквата „Св. Димитриј“?
– Кога се прави план за фрескопис во една црква треба да се земат предвид неколку работи: архитектурата на црквата, што во голема мера го диктира распоредот на композициите на фреските, потоа светителот кому му е посветена, ктиторите на црквата, како и верниците што ја посетуваат црквата и се молат во неа. Св. Димитриј е млад воин што маченички го завршува својот живот. Неговиот жар, непоколебливост во верата, љубовта кон бога се многу инспиративни и за мене. Тоа се одразува во колоритот, во изборот како да се решат сцените, во трагањето по свежината во изразот, во изборот на светителите… Овој пат се потрудивме да бидат застапени скоро сите македонски светители и сите оние за кои сметавме дека ќе разбудат барем еден дел од ревноста на св. Димитриј во нас.
Дали фрескописот претрпува промени во текот на изработката?
– Да, фрескописот претрпува промени, соодветно на растот на зографот и се менува во временски период од половина век до еден век. Со падот на Цариград и на Источното Римско Царство се попречува трговијата со пигменти (особено со минералните), па тоа било причина да осиромаши и палетата на зографите на овие простори. Во поново време и комунизмот придонел за дисконтинуитетот на фрескописот и иконописот во нашиве простори и пошироко. Пред дваесетина години со обновата на монашкиот живот кај нас, срамежливо почна да се враќа зографството. Со ризик да бидам погрешно разбрана, сметам дека во нашата земја сѐ уште нема услови и разбирање за модерниот фрескоживопис. Сѐ уште се бара копија на делата на Михаило и Ефтихиј, кои биле невидени мајстори на своето време, неповторлива класика во фрескоживописот. Ќе нѐ инспирираат секогаш, но да се обидуваме дословно да ги копираме, ниту можеме, ниту е потребно да го правиме тоа. А во светот веќе со години се работи на еден нов бран, кој дава свежина во иконописот и во фрескоживописот. Русија, Романија и Грција имаат прекрасни зографи за кои е многу битно дека се поддржани од своите ктитори, од своите нарачатели и дадени им се слобода и простор да го искажат својот нов начин на доживување.
Која е основната карактеристика на вашиот начин на работа?
– Се трудиме да ја следиме насоката што ни е дадена од нашиот учител по фрескоживопис. Да оставиме една свежина во изразот бидејќи ни пречи плакатното сликање и затоа е многу важно да имаме почит едни кон други во слободата на изразот.
Што е тоа што зографите ги разликува од другите ликовни уметници?
– Зографот пред сѐ има многу одговорна задача. Иконата или фреската има педагошки, но анагошки карактер и за да може да го претстави и задржи тој карактер зографот мора да има однос со бога, со светителите. Секако во границите на неговите индивидуални можности. Но треба да се стреми постојано да ги одржува будноста и свесноста пред кого твори и за кого твори, дека не создава и не треба да твори сам, но во содејство со бога и да остави простор во кој ќе содејствува и оној што ќе се моли пред иконата или фреската. Иконописот и фрескописот се применета уметност и сите гранки на уметноста ги ставаат во функција на црквата. Теолошката наобразба е неопходна, а исто така и многу самокритичност и скромност. Сепак, зографот твори во слава на Бога, за разлика од оној тип уметници што творат сами за својата слава.