логоFacebookTwitterYouTubeeMail


 Stefan.LIt.Bogorodica.jpg

Прво писмо до адвентист!

Уште од порано, со книгата Големата борба на Елен Вајт, се имам запознато со основите на адвентистичкото учење за Библијата. Во вашата книга Времето и знаците се задржав на оние делови каде најповеќе го ставате на критика православното учење и Православието воопшто. Морам уште на почеток да констатирам дека за многу работи не сте доволно информирани или, пак, за многу нешта имате предрасуди, кога е во прашање Библијата и преданието на Црквата. Вие, како човек што има амбиција да се бави со истражување на Библијата, со нејзиното појавување и нејзината историја, би требало да знаете неколку основни факти кои јас овде во најкратки црти ќе се обидам најсмирено и најдобронамерно да ви ги предочам.
На Педесетница, по формирањето на Црквата, започнува црковното живеење, не по дрвените закони туку по силата на благодатта Божја, која се стекнува со постојан подвиг (движење нанапред кон прегратките на Христа), проткајан со љубов кон ближните и созерцание, набљудување и согледување со очите на духот, на Божјата личност. Во Црквата сé се случува непосредно како дар од Бога и по Неговата голема милост. Во почетокот на христијаните не им биле потребни никакви книги затоа што тие Евангелието (радосната вест) го имале непосредно впишано во своите срца, зашто не било далечно времето кога од прва рака можеле да се сретнат со Аголниот камен на црковното учење. На нив сé уште им биле свежи сеќавањата на чудата Христови, на Неговата љубов, на Неговите зборови и на смислата и целта на Неговиот престој меѓу луѓето. Со тек на време кога почнале да бледнеат овие сеќавања, што секако е дел од слабата човечка природа, и со доаѓањето на нови и помлади членови во Црквата, се појавила потреба за написмено да се остави сведоштво за најголемиот настан во историјата, за воплотувањето на Бога во човек, за смислата на Неговото страдање, за распетието, воскресението и вознесението. Исто така, во општествениот живот почнале да се појавуваат мнозина кои лажно сведочеле или пишувале за Христа, се разбира по свое мнение или од користољубиви причини. Мнозина се обиделе да го спојат христијанството со грчко-римскиот паганизам, кој престанал да ги воодушевува срцата на луѓето и кој полека почнал да станува безлична државна обврска. Тоа се т. н. гностици, кои, за жал, биле во не мал број во тоа време и кои почнале сериозно да удираат по блажените ѕидови на Христовата Црква. За ова имаме директни сведоштва од евангелистите или од други писатели во Новиот завет. Ова е доказ дека луѓето во тоа време, пред да се напише воопшто првото Евангелие, живееле според преданијата и директните поуки на апостолите. Втор доказ за смислата на она што ние го викаме предание е појавата на апостол Павле. Тој кога ги формирал Црквите им пристапувал непосредно, а не со некоја книга во рацете. Туку посланијата ги пишувал заради тоа што од практични причини се појавила потреба за дообјаснување на принципите на христијанството. Тој честопати зборувал за обични човечки односи и за човечките слабости во своите посланија, посочувајќи дека со голема мака се обидува да ги прероди и на прав пат да ги насочи христијаните. Црквата има динамична природа и таа наликува на Кораб кој плови по немирно море и затоа ние православните храмови ги градиме налик на кораб кој ги симболизира соборноста и заедницата на браќата и сестрите во Христа. Црквата и самиот христијанин во неа се во постојано движење и на нив честопати им се поставуваат прашања од обичниот живот кои бараат толкување и објаснување како што правел и Павле во новоформираните Цркви во Мала Азија, Антиохија, Македонија и во останатиот дел од Европа. Со тек на време христијаните и Црквите меѓусебно си ги разменувале посланијата на Павле и честопати за нивна поука ги читале на собранијата, зашто факт е дека неговите посланија се најубавото четиво од кое се црпи огромна и богата поука за мистичниот живот на личноста, но и на Црковната заедница, која е собир на личности. Неговите посланија и светите Евангелија, кои биле директно одобрени од последниот жив апостол Јован Богослов полека со текот на вековите добивале значење на свети книги, кои претставуваат продолжение на Стариот завет, односно биле сфаќани како објаснување, осмислување и исполнување на старозаветниот закон и пророците. Значи, лесно може да се заклучи дека и новозаветните книги се запишано предание, а не се директно фрлени од страна, туку во нив се зборува за динамиката и движењето на Црквата и во нив се поставени основните постулати и учења и е одреден правецот по кој во иднина треба да се движи Црквата. Факт е дека Новозаветниот канон е утврден подоцна од православните епископи и од Православната Црква која вие нашироко ја критикувате во својата книга. Би сакал најдобронамерно да ви забележам дека вашето критикување на православната Црква за канонот на Новиот Завет на кој вие се обидувате да го изградите вашето адвентистичко учење по малку ми наликува на дрско и безобразно однесување на човек, кој отишол некаде на гости и при тоа жестоко ги напаѓа домаќините за тоа како внатрешно ја уредиле кујната и дневната соба.
Православието нема дисконтинуитет и би сакал да ви напоменам дека во основните и најклучните учења нема никаква врска со римокатолицизмот, што вие се обидувате да го израмните. Ве повикувам за ова подлабоко да се информирате зашто гледано од страна воопшто не изгледа вкусно и вистинољубиво, туку многу повеќе сведочи за индоктринираност и навивачко поставување кон една предрасуда. Православието сé уште го живее животот на древната Црква, зашто целта на личностите е да грабат кон совршенството Божјо што ние го викаме светост, а што е директна насока и заповед од Исуса Христа за оние што сакаат да живеат побожно. Денес, Православната Црква изобилува со прекрасни богозаљубени личности кои од смиреност се скриени за окото на пошироката јавност. Денес, Црквата продолжува да расне во мистиката и подвижништвото, таа и денес сведочи за живото присуство на Бога во човечките умови и срца. Не судете по надворешност, точно е дека денес мнозина на Црквата им се прилепени и таму во ова свето и светло место немаат што да бараат, но знајте дека историски погледнато, Црквата пловела низ разни тешки неприлики, како што се војни, тоталитарни системи, разноразни помодарства, инфилтрирање на атеистички агенти во нејзиното тело, безбожни прогони, ступидни национал-шовинизми кои мораме да признаеме си го направиле своето. Денес, Македонската Православна Црква иако има голема и богата традиција уште од времето на Павле кој прв го фрлил семето на благодатта на овие простори и тоа сé уште дава богати плодови до ден денес, е релативно млада Црква, не по традиција, туку по организација и таа преку обновата на литургискиот живот, кој е најдиректно учество во Христовата личност, преку младите луѓе се обидува да исправи бројни аномалии кои со години се таложеле во нејзиното тело. Денес повторно се актуелни учењата на апостол Павле и се обидуваме да ги примениме во животот, зашто тие се свети оти се применливи во секое време и во секоја ситуација.
Затоа најдобронамерно ве повикувам да се вратите во крилото на Црквата, доколку сакате правилно да живеете и правилно да чекорите во вистината и кон Царството Божјо. Во тој прилог ви ги испраќам и овие две книги, кои верувам ќе придонесат за ваше подобро информирање и духовно изградување. Моето пишување, ве молам да не го разберете како терање кавга, лична навреда или суетно мудрување, туку сфатете го како љубов Христа ради и наша грижа за вашето спасение.

Митрополит Повардарски
Агатангел (Станковски)

Друго:

 Митрополит Повардарски †Агатангел - Второ писмо до адвентист! 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово
Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 3108
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 2943
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…