Под сенката на заборавениот збор

Скоро, се потсетив на една ситуација од пред неколку години.
Едно детенце на мои блиски, гледајќи ја снимката од венчавката на своите родители во Црква, замислено се свртило кон нив и рекло: „А бе тато, што сте го лажеле со мама попот? Само сте ветувале пред Бога, а ништо не исполнувате!“
Кога не би било смешно, би било навистина трагично.
Толку внимателна и длабока обсервација — изговорена од детска уста, чиста, искрена, неискажливо јасна.
Зашто зборот на дете не е обременет со калкулации и страсти; тој извира од едноставноста и чистотата на срцето.
Една искрена мисла од чист детски ум може да ја урне целата лажна слика што ја градиме за себе — илузијата за тоа што мислиме дека сме, или што се трудиме да изгледаме пред светот.
Забораваме на многу завети што сме ги дале — пред Бога, пред луѓето, пред својата совест.
А кога ќе се заборават заветите, и делата стануваат празни.
Можеш илјада пати да зборуваш, да убедуваш, да говориш со најубави зборови и најсовршен јазик — но ако делата твои не го зборуваат истото, сè е залудно.
Сè е само ветер и магла.
Кога брачните другари би се потсетиле на ветувањата дадени во храмот; кога учителите би се навратиле на својата прва љубов кон децата, на призивот да воспитуваат, а не само да објавуваат успешни активности по социјалните медиуми; кога лекарите би си ја спомнале својата заклетва, дадена пред Бога и совеста; кога свештенството би се вратило на мигот на своето ракополагање, на заветот на љубовта и послушанието;
кога судиите, полицајците, политичарите — секој во своето поле — би се сетиле на зборот што го дале и обврската што ја имаат пред себе и другите, тогаш и нашите дела би биле верни и вистинити.
И тогаш не би имало потреба да се препираме, да се докажуваме, да се убедуваме со зборови.
Зашто делата би зборувале наместо нас.
Тие би светеле како светлина во темнината, би оделе пред нас како сведоштво за верата, љубовта, истрајноста, пожртвуваноста и радоста.
Но бидејќи често остануваме само со титулата, без суштината —
така и светот нè гледа: лажен родител, лажен учител, лажен доктор, лажен свештеник, лажен политичар...
А можеби најнапред треба да престанеме да бидеме лажни луѓе, за дури потоа да можеме да се наречеме вистински патриоти.
Убаво е кога Бог ќе ни подари време да разбереме, да се покаеме и да се промениме.
Да го исцелиме секојдневието, бракот, професијата, односот со децата и ближните — додека не стане предоцна.
Зашто никој од нас не знае колку му е дадена таа скапоцена прилика — тој благословен, неповторлив миг на животот.
2025



























