Кога би знаел колку Ти ме љубиш...
За сѐ она кое го примив како дар од Тебе, Тебе ти се предавам зашто преку Тебе се осветив во духот и во тивкиот ветер Тебе Те почувствував. Природата говори за Тебе колку сѐ премудро си создал, а уште повеќе сведочи човекот на кој Ти дух му даде.
Знам, многупати Tе нажалувам, се одрекувам од Тебе, Те предавам, распнувам, плукам, но Ти немој да го одвраќаш Лицето Свое од мене зашто ми требаш, иако многупати не сум свесен за тоа. Ако Ти ме оставиш, јас ќе пропаднам. Што би бил без Тебе-полски цвет кој денес е тука, а утре ветерот го дува и веќе го нема, ниту пак неговото место се познава.
Сите сме Твои и јас сум Твој. Каде и да бегам, пак ќе дојдам кај Тебе и ќе го повикам Твоето Име Свето. Луѓето денес се тука, но утре ги нема. Ти си секогаш овде за да ми помогнеш, да ме прегрнеш во Твоите Татковски Раце. И така прегрнувајќи ме, да јас ја почувствувам Твојата љубов, зашто Ти си ЉУБОВ.
Колкупати ли само бев отфрлен од ближните, а јас само роптав и се жалев без да разберам дека Ти си овде за да ме утешиш. Се уште не научив да се потпрам за Твојата Десница која Ти ми ја подаваш. О, кога би почнал сета моја надеж да ја полагам на Тебе! Тогаш и силни реки да надојдат, и бури од искушенија, јас нема да се исплашам, ниту пак мојата куќа ќе се распадне. Сакам срцето свое да го наклонам кон Тебе и да не заборавам дека сѐ доаѓа од Тебе: дождот и сонцето, радоста и тагата, искушенијата, всушност сѐ... И уште бев еден од стотте овци кој се изгуби, а Ти иташе за да ме собереш во едно со останатите деведесет и деветте.
Со Твојата благодат сум тоа што сум. Ме љубиш и ваков, жалостејќи Те во моите гревови. Колку ли само животните умеат да љубат. Тие не знаат да мразат, немаат душа, а сепак љубат. А колку сум далеку од нив јас, кој имам душа и пак не знам да љубам.
Постојано се потсетувам на стиховите кој Твојот Јован Евангелист ги запиша дека “животот вечен е тоа, да те познаат Тебе, Единиот вистински Бог и испратениот од Тебе Исуса Христа”. А исто така се прашувам дали те познав во срцето свое. Ако речем ДА, ќе Те излажам зашто се уште не сум научил вистински да ги љубам браќата. Ако пак речам НЕ, пак ќе те излажам зашто сепак те познав уште од утробата на мојата мајка кога ти ми даде дух и јас растејќи во мајчината ми утроба дојдов на овој свет.
Времето и толку кратко за да мразам, а многу долго за да љубам. А пак кога би знаел колки Ти ме љубиш, сѐ би оставил и би тргнал по Тебе!
Мислам дека денес многу барав од Тебе. Сакам од ова кое Тебе Ти го кажав да почнам барам малку да го живеам за да можам да преминам на втората скала од Лествицата!
Тивкиот!