СТАРЕЦ ЕФРЕМ ФИЛОТЕЈСКИ
ПИСМО НА СТАРЕЦОТ ДО ЕДНА МОНАХИЊА
Ќерко моја, љуби ја и почитувај ја својата Старица. Кој од нас не е без слабости? Сите ние сме под суд заради своите страсти. Меѓутоа, тоа е една работа, а твојата обврска кон духовната мајка сосема друга! Гледај ја како лицето Христово! Довербата што ја имаш во неа ќе ти се земе како доверба кон Бога.
Не сакам да се преправаш. Јас многу ги ценам искреноста и чесноста и сакам моите духовни чеда да бидат такви. Секогаш да се исповедаш искрено, да ги слушаш нејзините совети и имај доверба во се` што ќе ти каже твојата Старица.
Ако не прифатиш со вера се` што ќе ти каже таа, ќе дојдеш до тоа што ќе почнеш да ја осудуваш, ќе ти се олади љубовта и ќе се оддалечиш. Тоа не ти доликува тебе како монахиња која е под заштита на една Старица.
Бори се да ја љубиш и да ја гледаш како лицето Христово и тогаш, согласно со твојата вера, ќе пожнееш и соодветна корист. Стори го тоа и ќе ја здогледаш вистината.
Сега, за време на Великот Пост, сакам посебно да се потрудиш. Биди молчалива и однатре и однатвор. Сеќавај се на смртта постојано и непрестајно, зашто од таквото размислување ќе имаш огромна корист. Кажувај ја љубената молитвичка. Присилувај се себеси да се присоединиш поцврсто кон Старицата и не дозволувај им на своите помисли да ја осудуваат, зашто Светите отци ќе го окарактеризираат тоа како сериозна изгоретина или труење. Чувај се да не отпаднеш од Старицата, зашто тоа би го оневозможило секој твој подвиг.
Извор: Библиотека Слово од Водоча
Подготви: Стојанка Тежак