За послушанието (02.02.2012)
Послушанието не им е потребно само на монасите, туку и на секој човек. И Господ бил послушен. Гордите и оние кои се раководат според сопствената волја не ѝ дозволуваат на благодатта да живее во нив и затоа никогаш немаат мир во душата. Во душата на послушниот лесно влегува благодатта на Светиот Дух и му дава радост и спокојство.
Сите бараат мир и радост, но малку од нив знаат каде да ги најдат и што е потребно за да се дојде до нив. Еве веќе 35 год. гледам еден монах кој секогаш е со весела душа и пријатен лик, иако веќе е стар човек. Тоа е така бидејќи тој го сака послушанието. Неговата душа се предала на Божјата волја и за ништо не се грижи. Таа Го засакала Господ и Го созерцува.
Кој во себе има и малку благодат, радосно се покорува на секоја власт. Тој знае дека Бог управува и со небото и со земјата, со него самиот и со она што се однесува на него - и со сè во светот – затоа тој секогаш е спокоен.
Послушниот се предал на Божјата волја, не плашејќи се од смртта. Неговата душа се навикнала да живее со Господ и Го засакала. Тој ја отсекол сопствената волја и заради тоа ни во душата, ниту во телото ја нема онаа борба која ги мачи непокорните и своеглавите.
Вистинскиот послушник ја мрази својата волја и го сака својот духовен отец и затоа добива слобода со чист ум да Му се моли на Бога. Неговата душа слободно, без помисли, Го созерцува Бога и наоѓа мир во Него. Тој брзо ќе се здобие со Божјата љубов поради смирението и по молитвите на својот духовен отец.
* * * * *
Зошто светите Отци го поставиле послушанието над постот и молитвата?
Затоа што од подвигот без послушание се раѓа суетата додека послушниот човек прави сè онака како што му е речено и нема повод за гордост. Освен тоа, послушниот ја отсекол сопствената волја и во сè го слуша својот духовен отец, па умот му е слободен од секакви грижи и може чисто да се моли. На послушниот на ум му се само Господ и зборовите на Старецот, а умот на непослушниот е зафатен со разни работи, вклучувајќи го и осудувањето на Старецот. Затоа тој не може да Го созерцува Бог.
Сум видел послушник кој стрпливо поднесуваше тешко послушание. Господ му ги даде умносрдечната молитва и плачот за целиот свет. Игуменот Андреј му рече: „Тоа ти е дадено заради послушноста“.
Со послушанието човекот се чува од гордоста. Заради послушноста се добиваат молитвата и благодатта на Светиот Дух. Ете затоа послушанието е над постот и молитвата.
Да го сочувале послушанието паднатите ангели, и понатаму би биле на небото и би Му пееле славословија на Бога. Да го сочувал Адам послушанието, немало да биде прогонет од Рајот, а и неговото потомство би жевеело таму.
Но и сега можеме со покајание да се вселиме во Рајот. Господ многу нè љуби и не ги гледа нашите гревови, само уште кога би сакале да се смириме и да ги засакаме непријателите.
Оној кој не ги сака своите непријатели, нема да има мир, па дури и во Рајот да престојува.
Свети Силуан Атонски
Извор:МПЦ