логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 


 

Тропар на Сретение Господово

Радувај се благодатна Богородице Дево, зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, Кој ги просветли оние што беа во темнина. Весели се и ти, старче праведен, зашто Го прими во прегратките Ослободителот на нашите души, Кој ни дарува воскресение.

 Sretenie.Gospodovo1.jpg

  Сретение Господово

(15.02.лето Господово)


Пред доаѓањето Христово сите сме го имале она што постоело од Прародителот – проклетство и општа и иста осуда која сите ја добивале од Прародителот, предавана од коренот на родот и наследувана заедно со (човечката) природа. Секој за она, што лично направил, добивал осуда или пофалба од Бога, но никој не можел ништо против она општо проклетство и осуда, тој залог на наследството кое од почетокот му било предадено и кое тој го пренесувал на своите потомци.

Меѓутоа, дојде Христос, Ослободувачот на природата, Кој општото проклетство го претвори во општ благослов, примајќи ја од Пречиста Дева нашата праведно осудена природа, за во Самиот Себе да ја покаже во нов лик и непричесното старо семе како невино и оправдано, па така оние, кои потоа се од Него во Духот родени да останат надвор од тоа прародителско проклетство и осуда. Значи, зарем постои нешто што не би му дозволило на секој човек да учествува во Неговата благодат? Има ли некој кој од Него не добил простување за своите престапи? Не, такво нешто не може да биде, бидејќи Тој од нас не ја прими само нашата ипостас (нашиот лик, нашето лице), туку (целата) наша природа, која ја обнови, соединувајќи се со неа во Својата Ипостас. Сакајќи сите да се спасат, Тој навистина ги „сви“ небесата, се симна (на земјата) заради сите, низ дела и зборови и страдање го покажа целиот пат на спасението и се искачи на небесата, повикувајќи ги таму оние кои поверуваа во Него. Тој не само природата, која по нераскинливото соединување ја прифати од нас, туку и на секој кој верува во Него му подари потполно искупување, кое го направи и не престанува да го прави, помирувајќи нѐ со Отецот преку Самиот Себе, враќајќи нѐ сите нас со (сопствената) послушност и исцелувајќи ја нашата непослушност.

* * *

И кога се навршија деновите на нејзиното очиствање, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа (Лука 2, 22). За што се зборува тука? Законот кажува дека се должни да се исчистат како новородените, така и оние кои ги родиле во брачна заедница. Затоа псалмопејачот вели: Во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка (Пс. 50, 7). Бидејќи тука не се работи за родители, туку за Една Која роди, и бидејќи Таа е Дева, затоа што се работи за раѓање на Детето Кое е бессемено зачнато, тогаш тука, се разбира, немало потреба за чистење, туку сето тоа претставувало дело на послушност кое ја менува непослушната природа, дело кое ја исправа вината на непослушност.

* * *

Бидејќи бил навистина праведен и имал страв од Бога, Симеон бил дело на Светот Дух и тогаш, од Него поттикнат, дошол во храмот, им излегол во пресрет и Го примил во своите прегратки Тој Небесен и воедно Земен Младенец, принесувајќи Му, како на Бог, химна и молитва, молејќи во мир да се раздели од своето тело, објавувајќи и тврдејќи им на сите дека Тој (Младенецот) е Спасоносна Светлост, Која ќе ги отфрли неверниците, а ќе ги подигне оние, кои веруваат во Него.

Потоа и на Дева, Мајката на Младенецот, Ѝ ја претскажал болката која ќе ја почувствува покрај Крстот на Синот и која ќе покаже дека Таа по пророда е Мајка на Богочовекот, како и дека колебливите помисли кои ќе се појават, ќе бидат избришани од срцето. Симеон, значи, прекрасно докажал дека маката која ќе Ѝ ја донесат страдањата на Синот и длабоката тага и состраданието со Него ќе покажат дека Таа е вистинската Мајка на овој чудесен Син.

Пророчицата Ана, ќерката Фануилова, вдовица од осудесет и четири години, ревносна во постот и молитвите, која никогаш не си одела од храмот, тогаш била посебно обземена од Духот, Му заблагодарила на Бога и објавила дека дошло избавувањето на сите кои Го чекале, укажувајќи на Младенецот.

Такви совесни грлици пратил Светиот Дух поради Христос Кој влегол во храмот и ни покажал какви треба да бидат оние, кои во себе Го примаат Христос. Освен тоа, ни покажал какви треба да бидат жените кои, губејќи го мажот, остануваат без средства за живот, како и мажите кои ги изгубиле своите сопруги. Ана, ќерката Фануилова, била вдовица, но и пророчица. Зошто? Затоа што ги оставила световните и животните грижи и не си одела од храмот, затоа што живеела непорочно, поминувајќи го и денот и ноќта во пост и бдеења, во молитви и псалмопеење. Природно е што Го препознала Господ, на Кој му служела со своите дела, тогаш кога Тој дошол (во храмот), како што и пселмопејачот-пророк Му вели: На патот непорочен ќе пејам и ќе разберам: кога ќе дојдеш кај мене (Пс. 100, 2).


Свети Григориј Палама

Извор:МПЦ-ОА

 

Друго:

 

Премин Портал - Томас Хопко - СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО

 

Премин Портал - Св. Григориј Палама - Сретение Господово

 

Св. Теофан Затворник - СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО (15.02.2013)

 

Историја на празнувањето на Сретението Господово

54032.b

 14/02/2015   Поуки - совети

Согласно со заповедта дадена од Бога на Мојсеј „Посвети ми го секое првородено, кое ја отвара секоја утроба…“ (2Мој. 13, 2), св. Богородица, „кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја“ (Лука 2, 22), го донела младиот Исус во Ерусалимскиот храм за „да Го претстават пред Господа“ (Лука 2, 22).

Својот почеток празникот Сретение Господово го има од периодот на VI-V век. Во западната богослужбена традиција бил наречен „ Очистување на Пресвета Богородица “ и сметан за богородичен празник. Некои истражувачи го сметаат за прв богородичен празник. Во Ерусалим тој празник бил одбележуван со релевантна торжественост уште во времето на шпанската монахиња Етерија (IV век), но сметан за Господов. До префрлањето на празникот Рождество Христово од 6 јануари на 25 декември, Сретението Господово било одбележувано на 15 февруари. Последователно, подоцна бил префрлен на 2 февруари. Во Константинопол, според Павел Дјакон (VIII век), воведувањето му станало за време на императорот Јустинијан Велики (†565). Најверојатно станало по повод епидемијата на чума што станала во византискиот дворец, во 542 година и големиот земјотрес во Антиохија. Веројатно, празникот се празнувал и порано, а императорот Јустинијан Велики го утврдил празнувањето на 2, наместо на 15 февруари и наредил да се празнува низ целата империја.
Во Западната црква празнувањето на Сретението станувало со свечени поворки, проследени со запалени факли. Некои истражувачи тоа го сврзуваат со зборовите на св. Симеон Богопримец „Светлина за просвета на незнабошците“ ( Лука 2.32 ). За таквите поворки со факли, на Исток, навестува монахињата Егерија во своите „Патеписи“. За такви факли (светилници) подготвени од благочестивата римјанка Икелија, за празникот, спомнува и св. Кирил Скитополски во житието на Ава Теодосиј ( †529 ).
Предпразненството на празникот Сретение Господово се состои од еден ден, одданието се празнува на 9 февруари.
Празникот Сретение Господово истовремено е и Богородичен и Господов празник, и со тоа се разликува од останатите празници. Тропарот „Радувај се, благодатна Богородице, Дево…“, се однесува на Мајката Божја, а кондакот „Христе Боже, Кој со Твоето раѓање ја освети утробата на Дева, и ги благослови рацете Симеонови…“, се однесуваат на Господ Исус Христос.
Како автори на химните на празникот се сметаат: Андреј Пир (†140), св. Андреј Критски (†726), Константинополскиот патријарх Герман (†740), св. Јован Дамаскин (†750), св. Козма Мајумски (†776) и др.

Извор: ЛИТУРГИКА, Архимандрит Авксентиј,
превел: богослов Дамјан Трпкоски

Преспанско-Пелагониска епархија

+++

Митрополит Струмички Наум: „Едно поинакво Сретение“ (15.02.2015)

 

Сеноќно бдение на празникот Сретение Господово (15.02.2015 16:03)


Едно поинакво Сретение

 

Сакам да споделам некои мисли со вас што ги размислував пред да дојдам тука. Да се потсетиме на она што сум го зборувал за разликата меѓу двете функции на умот: примарната – преку која се соединуваме со Бог, и секундарната – кога комуницираме и се соединуваме со овој свет, односно со неговите проблеми, со животот воопшто и кога размислуваме околу тоа.

Светите Отци го делат историскиот период од постоењето на Црквата на: „Сенка“ – како што го нарекуваат Стариот Завет, на „Икона“ – како што го нарекуваат нашиот период на Новиот Завет, и на „Вистина“, односно Царството Небесно. Примарната функција на умот, т.е. кога го насочуваме умот кон Бог и стапуваме во заедница со Него, ни дозволува еден предвкус на таа „Вистина“. Не на самата „Икона“, туку токму на „Вистината“.

Ако сакате малку да помолчиме, насочете го својот ум кон Бог преку молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ“. Учете ја таа примарна функција на умот... И сега свртете се пак кон ова што јас го кажувам. Сега ќе отстапите од таа примарна функција и го вклучувате умот во секундарната функција за да ме слушате мене и да размислите и да пробате да ме сфатите што зборувам. Така, веќе ја вклучувате секундарната функција на умот. И едно е сега во молитвата директно да се комуницира со Господ – преку примарната функција, а друго е да ме слушате мене – преку секундарната функција на умот, за комуникација со овој свет.

Повторно да се вратиме на она „Икона“, „Вистина“... Гледате, Епископот е икона Христова кој е на место и во обличје Христово. Едно е да комуницирате со мене, да ме слушате што зборувам, а друго е да си комуницирате со Бог – што е многу поубаво и покорисно за вас, за вашата душа. Нели сѐ си има свој ред и поредок: не може и овој живот да го живееме без Епископот, без Црквата и тоа што таа ни го пружа. Сакам чисто преку споредба да ви покажам: едно е преку примарната функција на умот да се соединуваме со Господ постојано, и оттука да го црпиме вистинското знаење, а друго е преку неговата икона – Епископот. А и не само Епископот, туку и сѐ што е создадено од Бог (целиот создаден свет) е на некој начин Негова икона – целата таа хармонија, убавина, сѐ што има начин на живот, постоење; зашто човекот е создаден како круна, како глава на сето создадено, и материјално и духовно (имаме и душа, имаме и тело), и целиот свет таа слава Божја ја покажува. Сѐ создадено е отсјај на славата Божја, и светите Отци ова согледување го нарекуваат „природно созерцување“ – преку својот разум да ја гледаме таа убавина што е создадена од Бог и преку тоа да Го спознаваме Бог.

Но, сепак покажале и друг пат, односно посовршен начин на познание на Бог, преку заедница со Него, и со вклучување на примарната функција на умот, односно директна комуникација со Бог – личност со Личност. Но, тоа секако не може да биде надвор од Црквата, како што може да биде внатре во Црквата. Друго е да си причестен и соединет со Бог, а друго е како свети Симеон да Го примаш Бог само во прегратките. Гледате колку ние сме поудостоени од самиот свети Симеон Богопримец, т.е. Новозаветната Црква Божја во однос на Старозаветната Црква. Тој е удостоен со тоа да Го прими во прегратките, а не како што ние совршено се соединуваме со Него на секоја Литургија на Црквата, која што е предвкус на идното Царство, и икона на Царството, како и самото Царство – токму заради Причеста што ја имаме во неа. За да ни се отворат духовните очи сето ова да го разбереме, навистина треба да ја вклучиме таа примарна функција на умот и директно да комуницираме со Вистината личносно. И сега вие самите измерете си колку во текот на денот тоа го правите: дали е тоа пет минути, или повеќе или помалку. И гледате колку е важно да го имаме тоа, затоа што, како што пишував, ако функционираме само со секундарната функција на умот, а тоа значи само со  разумот во овој свет − и бидејќи духовно раслабени и сѐ уште неисправени како што треба − овој свет ги поттикнува страстите во нас, и нѐ заробува во таа комуникација. А колку повеќе ќе ја вклучуваме примарната функција на умот, т.е. директната комуникација со Господ, толку овој свет губи на сила − да ги буди страстите во нас, и толку повеќе може да го видиме како создание Божјо и како икона, и на крај, како идното Царство.

Од ова Сретение, од овој празник, запаметете го ова и обидете се во вашиот живот да го спроведете, оти немаме повистинско Сретение од тоа да ја вклучиме примарната функција на умот и да дојдеме овде, на Литургија, за да се причестиме со Светите Тајни Христови. И да не дозволиме овој свет да нѐ повлече надолу, туку преобразувајќи се себеси, односно секундарната преку примарната функција на умот, да го преобразуваме и преобразен да го гледаме и овој свет. И памтете дека многу повеќе сме удостоени од свети Симеон Богопримец и од светата пророчица Ана, како и за соодветната одговорност пред Бог и пред луѓето заради тоа.

И како што честопати нагласувам: не заборавајте ги луѓето што страдаат. Некако можеме да помогнеме – дали ќе подружиме некого, дали со збор, дали ќе му помогнеме повеќе од тоа, секако ќе има начини. Бог не бара од нас нешто што ние не сме способни, односно не можеме да го направиме, очекува тоа што можеме. Така што, не ги заборавајте оние што страдаат.

Кога ќе застанете на молитва, помолете се најпрво за мене, па за непријателите наши, па за оние што страдаат итн. Ние сме го добиле тоа што требало, сме застанале на молитва, сме ја вклучиле примарната функција на умот и веќе сме во заедница со Бог; и нема што да бараме понатаму. Он знае што нам ни е потребно во овој живот. И не занимавајте се со небитностите од овој свет, поарно молете се Бог да направи да биде сѐ за спасение на сите. И така цел свет се занимава со небитности, остана уште и ние, христијаните, да се занимаваме со истото. И по што ќе сме поразлични? Внимавајте што мислите, што зборувате − поарно е да се молите. Господ да ве благослови сите!

 
Митрополит Струмички Наум

(според аудио записот од беседата на бдението)

 

 

Извор: МПЦ-ОА

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3121
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7592
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

13/11/2024 - среда

Светите апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул; Светиот маченик Епимах; Светиот маченик Никола Хиоски; Преподобните Спиридон и Никодим;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная