Свети Силуан Атонски беше атеист или екуменист? Едноставно, од него говореше Светиот Дух…
Некогаш свети Силуан разговарал со еден пустиник што велел: „Бог ќе ги казни сите атеисти, тие ќе горат во вечниот оган.“ Очигледно, помислата дека безбожниците ќе бидат казнети во вечниот оган му причинувала некакво задоволство…
Со видлива трогнатост, свети Силуан му одговорил:
– Те молам кажи ми, ако те стават во рајот и оттаму видиш дека некој гори во огнот на адот, ќе бидеш спокоен?
– Но, што може друго? Тие самите се виновни! – одговорил тој.
Тогаш Старец Силуан со нажален поглед одговорил:
– Љубовта не може да го истрпи тоа… Мора да се молиме за сите.
***
Еден Архимандрит им велел на неправославните дека нивната вера е погрешна и дека сите ќе одат во пеколот. На тоа Старец Силуан му велел:
– Но, свет Архимандрите, душата нивна знае дека добро прават што веруваат во Исуса Христа, почитувајќи ја Богомајката и светите, што ги повикуваат во молитвите… Затоа, кога им велите дека нивната вера е погрешна, тие нема да ве послушаат. Но, ако им велите дека добро прават што веруваат во Бога, ја почитуваат Богородица и светите, одат на Литургија во црква и се молат дома, го читаат Светото Писмо итн., но во некои работи имаат грешки што треба да ги поправат, тогаш сè ќе биде добро и богоугодно и Господ ќе се радува за нив и со Божјата благодат сите ќе се спасиме… Бог е љубов и затоа проповедта секогаш треба да доаѓа од љубов, та така да биде корисна и за оној што проповеда и за оној што слуша. Но, ако ги укорувате, тогаш нивната душа нема да ве послуша и нема да има корист.
https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/za-odnosot-kon-ateistite-i-nepravoslavnite/