логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка



(Избор од неговите беседи)

4. Создавање на тврда решеност да одиме по Господа

Движењето на душата кон спасението почнува со желбата за спасение и со тврдата решеност да Му се предадеме на Господа. Господ ќе го изврши нашето спасение, сѐ подготвил за него и прави сѐ за да се спаси секој. Се очекува само човекот да пристапи и да почне да прави сѐ што е потребно за неговото спасение

а) Се очекува нашата желба – како неопходен услов

67. Човекот по својата природа има своја цел и Бог го бара тоа од него. И затоа заповеда човекот најнапред да го разбере тоа, да го засака и да има волја да работи за тоа. А за да може мислата да биде остварена во дело, да приложува труд и да ја извршува потребната работа, - за ова Господовата благодат му го дава сето ова на оној што поверувал и посакал да го врши. Затоа човековата слободна волја е од суштествено значење. Ако човекот нема волја, - самиот Бог не презема ништо, иако може да го прави тоа според Својата слобода. Затоа извршувањето на делото на духот зависи од слободната човекова волја. А и кога ние учествуваме со сета наша волја, и тогаш сета работа ни се припишува на нас од страна на Бога.

68.  Како што евангелиската крвоточива жена, која, иако не можела да се излекува и останувала поразена од една страшна болест, сепак, имала нозе да Му се приближи на Господа, да пристапи кон Него и да Му се обрати со зборовите: „Сине Давидов, помилуј ме!“ (Марко 10,47). На ист начин и слепиот, кој не можел да се приближи и да пристапи кон Господа затоа што не гледал, сепак и тој му се обратил со истите зборови. Па, откако поверувал, Господ се приближил до него го излекувал и тој прогледал и се спасил. Затоа, и ние да поверуваме во Него, да Му пристапиме, за да бидеме веднаш излекувани од Него. Зашто Он им ветува на сите да им даде ваква помош. Така и душата, иако е поразена од срамни страстни рани, иако е ослепена од гревовната темнина, сепак ќе посака да повика кон Христа и да Го повика, за да дојде и да ѝ даде вечно избавување.

69.  Како што оној слепец, ако не повикал, и онаа крвоточива жена, ако не се приближила до Господа, не би биле исцелени, исто така, ако некој не пристапи кон Господа, по слободна волја и не Му се моли со силна вера, и тој нема да добие исцеление. Зошто тие биле веднаш исцелени, а ние уште не сме исцелени од нашите страсти? Поради нашето неверување и поради тоа што не Го сакаме со сето наше срце и не веруваме искрено во Него, - затоа уште не сме добиле исцеление духовно и спасение. Затоа, да поверуваме во Него и искрено да Му пристапиме, ако сакаме и нас така брзо да нѐ излекува, како што вели Он Самиот: „Небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат“ (Лука 11,13). А не е лажлив: „Со надеж на вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже“ (Тит 1, 2).

70.  Иако детенцето не може ништо да прави, не може да оди и да појде кај својата мајка, сепак, кога ја бара, тоа вика и плаче. И мајката се сожалува на него и се радува што нејзината рожба ја бара и на тој начин, па бидејќи детенцето не може да оди, таа, водена од својата силна љубов спрема него, доаѓа при него, со голема нежност го зема во своите раце, го милува и го храни. Ова истото го прави и нашиот човекољубив Бог со нашата душа, која се приближува до Него, Го бара и Му се моли. А Он со уште поголема љубов и добрина се доближува до неа и, според зборовите на свети апостол Павле, станува „еден дух“ со нас. (1. Кор. 6, 17).

71.  Господ е милосрден и долготрпелив, го чека нашето обраќање. Ако грешиме, претрпува, чекајќи го нашето покајание, ако паднеме, не се срамува пак да нѐ прими, како што вели пророкот: „Зар паднатите не стануваат и оние што скршнале од патот не се враќаат“ (Јерем. 8, 4). Штом се отрезниме, штом придобиеме добра мисла, се свртиме ли кон Него и Му се обратиме за помош, Он е секогаш готов да нѐ спаси, зашто ја чека нашата искрена желба, нашиот устрем кон Него, нашето доброволно и непринудно приближување, нашата вера и усрдност; го помага секој наш труд во доброто и светото. Затоа, да се ослободиме од секоја предрасуда и од мрзливоста и да се трудиме да бидеме храбри и постојани во чекорењето наше по Него; за да не го одлагаме од ден на ден нашето покајание, да не им служиме на нашите пороци и страсти, зашто не знаеме кога ќе го напуштиме нашето тело.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви: Т.С.



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…
Септември 03, 2021
Default Image

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во манастирот Успение на Пресвета Богородица - Берово

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 4481
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 4265
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 3749
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…