Поуки за постот (14.08.2013)
Пост благопријатен на Бога е оној што подразбира, покрај воздржување од храна, и оддалечување од секој грев, омраза, завист, оговарање, неумесни шеги, празнословие и други зла. Оној што пости само телесно, не трудејќи се во добродетелите, личи на човек кој изградил убава куќа, но во неа живее со змии и скорпии.
св. Фотиј Цариградски
Помошник и причина за целомудреноста е безмолвието, а постот го гаси огнот на телесните страсти. Долгото спиење произлегува, понекогаш од презаситеност, понекогаш од постот – кога тие што постат се гордеат со него. Стомакоугодувањето наведува на разрешување од постот, а славољубието наговара да се покаже сопствената добродетел. Кога стомакот гладува, срцето станува смирено. А кога му се угодува на стомакот, мислата станува горделива. Знај дека демонот често седи покрај желудникот и не му дозволува на човекот да почувствува ситост, дури и цел Египет да го изеде и цел Нил да го испие. Постот кај суетниот човек останува без награда и неговата молитва без плод, затоа што и едното и другото го прави заради човечка пофалба.
св. Јован Лествичник
Постот е зауздување на страстите, а молитвата со милостина е умртвување на истите. Пази се од она што е спротивно на добродетелите, затоа што, ако постиш но и безумно се смееш, лесно ќе се сплеткаш. Од мноштвото храна умот станува груб, а доброто воздржување го очистува. Оној што му угодува на стомакот, се труди да го наполни, а кога ќе се прејаде се мачи со варењето. Воздржувањето, пак, го придружуваат здравјето и бодроста. Молитвата и постот се прекрасни. Нив ги крепи милостината, бидејќи е речено: „Милост сакам, а не жртва“.
Извор: МПЦ-ОА
св. Ефрем Сирин
Постот сметај го за оружје, молитвата за ограда, а солзите за бања. Плашливиот војник трепери од звукот на трубата која ја најавува борбата, а стомакоугодникот од најавата за постот. Добар е лебот на постот затоа што во него го нема квасецот на сластољубието.
св. Нил Синајски
Ние не треба да веруваме дека за постигнување на совршенството во срцето и чистотата на телото, нам ни е доволен само постот кој се состои од воздржување од видливите јадења. Не, нему треба да му се придодаде и постот на душата.
св. Јован Касијан
Постот им донесува полза на оние што разумно му пристапуваат додека им штети на оние што постапуваат спротивно... Така, со Божјата сила ќе бидеме спасени од гордоста и сите денови од својот живот ќе се трудиме да ги поминеме во смирение, без кое никој не може да Му угоди на Бога.
св. Марко Подвижник
Избери го трудот, и тој, заедно со постот, молитвата и бдеењето ќе те спаси од секое сквернавење. Телесниот труд, всушност, донесува чистота во срцето, а таа придонесува душата да принесе плод.
св. Антоној Велики
Целта на постот, поради која тој е озаконет и почитуван од христијаните, е чистење на душата.
св. Григориј Палама
Преку постот телесното и душевното се преобразуваат во духовно.
св. Јован Шаховски
Правилниот пост совршено ѝ е туѓ на суетата, како и на исцрпеноста.
св. Варсануфиј Велики
Неговите духовни и небесни служители ги осенуваат оние што постат.
св. Исаак Сирин
Пости и моли се, и ќе направиш големи дела. Ситиот не е способен за такво нешто.
св. Јован Кронштатски