Едно сиромашно момче си врвеше по патот. Наеднаш гледај! Паричка на патот. Ја зеде и си ја стави во џебот. Со копнеж во срцето почна да си замислува:
– Ех, да можеше оваа паричка да стане златник, ќе им купев прекрасни подароци на мама и тато.
Во истиот миг почувствува дека паричката му натежна во џебот. Ја извади и не може да си поверува на очите – во неговата дланка светкаше голем златник.
– Какво чудо! – се запрепасти момчето – прво имав едно париче, а сега цел златник! А да имав десет златници? Ќе купев крава и секој ден ќе молзев млеко и ќе ги хранев мама и тато.
И за секој случај повторно ја стави раката во џебот. А внатре уште девет златници.
– Фала Ти Боже! Колку си добар! Да можеше само овие 10 златници да ги претвориш во 100. Ќе им купев нова куќа на мама и тато, па кога ќе пораснев, ќе си донесев и невеста дома да ги чува.
Така и беше. Добриот Бог ги умножи златниците и нивниот сјај го занесе сиромашното момче. Наеднаш го обзедоа други мисли.
– Ама, што ако мама и тато не ја сакаат невестата? Може поарно да не ги носам во новата куќа. Нека си седат во старата. И поарно да не купувам крава, многу работа ќе имам, ќе треба да ја хранам, молзам… Наместо тоа ќе си купам коњ, облека и сè друго што ми треба…
И додека тој така си размислуваше, исто така ненадејно како што и се појавија, златниците исчезнаа од пред него, а во раката на момчето остана само она мало метално париче.
Извор: Бигорски манастир