логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

patience_r

 17/02/2015   Поуки - совети

Треба да се молиш и да чекаш, и вашата сопруга да се измени кон подобро. Не брзај сè наеднаш да промениш кон подобро. Грешките кои ги допуштила твојата сопруга, не биле направени во еден месец. Тоа се грешки од цел живот. Зборот „карактер“ ( грч. „ χαρασσω“ – цртам) значи „цртеж“, затоа и се нарекува карактер. Карактерот се формира во нас од детството и невозможно е да го промениме во еден миг.

Некои сопрузи си поставуваат пред себе сосема неправилни задачи, велејќи: „Ако после една година нашите односи не се подобрат, се разведуваме“. Почекај малку! Малку нешто, и веднаш развод. Потрпи малку.
– Но, колку може да се трпи, отец? – прашуваш ти.
– Треба да потрпиш, веднаш не можеш да го промениш својот карактер.
Се сетив на еден човек, кој беше на диета. Лекарот кој го лекувал му рекол дека најдлабоките масни наслаги се согоруваат најтешко. Ако човекот држи многу строга диета, последните килограми ги отфрла многу потешко, отколку првите. Знаеш зошто? Затоа што тие масни наслаги во нашиот организам се формирале со децении. Држејќи диета, ние го правиме следното: се враќаме назад и ги согоруваме старите масни наслаги. Да претпоставиме, дека некој има деведесет килограми, и сака да ја симне тежината до осумдесет. Но, осумдесет килограми тој имал пред многу години. Тој веќе има деведесет и еден килограм, потоа деведесет и пет. За да се врати назад на осумдесет килограми, треба да направи голем напор врз себеси, да ги согори маснотиите и да се врати назад, како некогаш одамна. Секако, тоа е многу тешко.

Истото е и во случајот со нашата душа. Таа, може да се рече, обраснала со маснотии. Нашите страсти создале во нашата душа „масни наслаги“ од кои е многу тешко да се ослободиме.
Треба да трпиме заради другиот човек. Треба да создадеме малку „слободно место“ во срцето на другиот човек, да му дадеме времe да размисли, да донесе решение, дури и да го оставиме малку, да се оддалечиме, можеби, душевно. А ако тој нема повеќе сили да остане, тогаш и телесно. Да, остави нека си замине. Нека отиде на некое време кај својата мајка или татко, или самиот ти замини некаде на кратко и биди таму сам. Размисли, успокој се, дојди си на себе. Од другиот човек не треба да се бара љубов, велејќи: „Јас сакам добро да се однесуваш кон мене, да ме почитуваш“. Не. Тоа е невозможно да се постигне со меѓусебен притисок, туку само со почитување на слободата на сопругот, што треба да биде акт на пројавување на слободата. Затоа, дај ѝ на твојата втора половина време, слободен простор и имај трпение.

Еден млад човек ми ја раскажа својата приказна, која многу ме загрижи: „Отец, си замина од мене мојата сакана девојка, со која бевме свршени веќе неколку години. Што можев да направам? Јас, секако, многу сакав таа да остане, но зарем може со сила да се бара љубовта? Зарем може да се зборува: „Засакај ме против својата волја, затоа што јас така сакам?!“ И знаете што направив јас? Ѝ дозволив да си замине. А сега седам и чекам, кога ќе се врати. Чекам, љубејќи ја. Чекам, душевно страдајќи. Чекам, молејќи се за неа“.

Најправилна реакција. И ќе видиш, како другиот човек ќе се промени. Ако постои волја Божја и љубовта, која излегува од длабочините на твоето срце, биде вистинска, и самото твое трпение е исполнето со љубов, тогаш ќе видиш, дека твојот близок човек, кој си заминал од тебе (твојата сопруга, сопруг, дете), никаде на друго место нема да најдеш таква нежна љубов како твојата, која ќе ти се врати. Нека оди каде сака, можеби човекот ќе вкуси и различни други искуства, но никаде нема да најде ни таква срдечна љубов, ни таков „квалитет“ на љубов. Тој може да најде само бедна копија, ласкави зборови, љубов заснована на лична корист, и разочарувајќи се, повторно ќе се врати кај тебе. Само, кога ќе се врати, да те најде тебе да го чекаш. Ќе го чекаш?
Колку прекрасно е опишано во „Одисеја“ враќањето на Одисеј дома! Кога тој се вратил од дваесетгодишниот поход, ја нашол својата жена како го чека. Колку умилително! Замислете, ако Одисеј ја најдел својата жена омажена за еден од наметливите младоженци, кои ја набљудувале Пенелопа и само го чекале моментот да ја земат за жена. Сите тие години чекала Пенелопа, чекал и Одисеј. Тој трпел за време на сиот поход. Неговата љубов и трпение биле наградени. Затоа што тука се пројавило трпение, исполнето со љубов.
Во евангелската приказна за блудниот син се вели, дека неговиот татко трпеливо го чекал. Тој гледал низ прозорецот, да не се врати неговиот син, неговите очи изразувале љубов, добрина, тага по синот и огромно трпение. И се случило чудо.

Секако, брате мој, трпението се постигнува доста тешко. Современата епоха е напоена со брзање, ние постојано велиме: „Веднаш и тука!“ Центрите за изучување на странски јазици, медицинските установи за слабеење, разно-разни установи во сферата на угостителството, сите ни ветуваат брз и добар резултат. Дури и кујнската техника сега ни помага да ја подготвиме храната необично брзо – си ставил, и готово. Микробранови печки – две минути и ручекот е готов. За што и да се фатиме, сè се прави брзо. Но ете, доаѓа Господ и ни вели: „Знаеш, сè што ти правиш, правиш добро и брзо. Сето тоа ти го олеснува животот. Сепак, твојата душа и денеска, без оглед на изминатите векови има потреба од тоа, да живее во првосоздадениот ритам. Да живее така, како што ја создал Бог во почетокот. И тоа ќе остане непроменето до крајот на вековите“.

Воспитувањето на својата душа бара трпение. Треба да чекаш, додека не се исполнат ветувањата Господови на тебе. Господ му дал на човекот многу ветувања. И тоа што Тој му го ветил, неизоставно ќе се оствари. На пример, Тој ни ветил, дека „блажени се оние што сега плачат“. То ест, оној кој плаче во овој живот, сигурно ќе се зарадува.

Почекај, ќе се потрудам да ти го објаснам тоа. Секако, не станува збор за егоистичните нервни солзи. Зашто многу од нас плачат заради слаби нерви, кога се караат и се расправаа, кога се случуваат недоразбирања. Станува збор за смирените умилни солзи или за солзите на несправедлива навреда. Си плачел ли некогаш, кога си бил неправедно навреден? Не, затоа што се појавило недоразбирање, бил допрен твојот егоизам, те фатил инает затоа што не излегло по твое. Не. Може да се плачи само во тој случај, ако без никаква причина те навредиле или страдаш за вистината. Си плачел ли ти некогаш, кога те клеветеле? Јас знам кој плачел така – свети Нектариј. Колку пати тој, веројатно, плачел во својата келија во Егина, постојано чувствувајќи ги бодежите на клеветниците околу него!
Секако, тој не бил бесчувствителен. И неговото срце не било камено. Веројатно, тој плачел за тоа. Бил постојано навредуван, трпел клевета. Додека бил жив, за жал, само во ретки моменти наоѓал успокојување. Дури после неговото успение Господ го оправдал. Александриската Црква ги принесила своите извинувања за клеветата која ја подигнувала на светителот и за суровото обраќање со него. Светителот чекал толку години, и ете, Господ го оправдал Својот слуга. Додека бил жив, за жал, луѓето наместо со радосна чаша на праведноста, го напоиле светителот со горката чаша на клеветите и маките. Со исклучок на верните, луѓето со прости срца, кои секогаш го сакале. Свети Нектариј трпел сè. Затоа го нарекле „светител на храброста и трпението“. Затоа што светителот трпел и не се оправдувал. Почекај и ти. И ќе видиш, во еден прекрасен ден, твоите солзи Господ ќе ги претвори во сјајни дијаманти.

Господ рекол, кој Ме следи Мене, ќе биде причестен со Рајот уште при животот. „Кој Ме љуби Мене, ќе го запази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме во него и дом ќе направиме“ (Јн. 14, 23), – вели Господ. А ти велиш: „Како тоа? Јас ништо не чувствувам“. Но, чекаш ли ти? Чекаш ли трпеливо? Колку? Веројатно, многу. Денови? Месеци. Месеци? Долги децении. Направи кај тебе толку место за трпението, за кај тебе да дојде Христос. Оддели Му некое постојано место во своето срце и не дозволувај му на своето срце да лукави пред Христа, денес едно – утре друго.
На Света Гора има ваков обичај: новопострижениот монах го даруваат со икона од света Ипомони (во превод од грчки „трпение“). Знаеш ли за тоа? Многу монаси ја почитуваат света Ипомони. Затоа што животот на монахот – е едно големо трпение. Животот е доволно монотон: секој ден, рано станување во келиите, секој ден, рано наутро служба, правило, бројаница, поклони. Секако, сето тоа е прекрасно, некогаш има и разнообразност, но многу често тој живот е монотон. И што е потребно за монашкиот живот? Бездна од трпение. За тоа е напишано во последованието на големата схима „Изгради си трпение“. И ти имаш потреба да задобиеш такво трпение.

Христос рекол во Евангелието, дека оној, кој како птиците небесни или прекрасните деца ќе Му го довери животот свој на Бога, ќе ја види над себе Божјата Промисла, Неговата нежна грижа и непобедлива заштита. „Јас ќе му дадам, – вели Господ, – сè што му е неопходно: храна, вода, облека, дури и убавина и сите останати земни богатства“.
Но ти, немаш трпение да го видиш ова чудо, и што правиш покрај тоа? Постојано се вознемируваш. Ете, Господ вели: „За да го видиш она, што сум ти го ветил, слечија од себе твојата облека, која ти го расипува лицето. Јас сакам да те украсам, да те направам необично убав, но како, на кој начин можам да те облечам во Моите облеки, кога ти постојано се облекуваш во старите, светски, лажни? Отфрли го од себе најпрвин стресот, за да можам да ти дадам ново, убаво лице, мирно и спокојно. Отфрли ги од себе паниката и чувството на незаштитеност, кое те остаруваат и го расипуваат твоето вистинско лице, и облечи се во таа облека, која Јас ти ја давам“. Која е таа? Тоа е мирот Христов, верата во Неговата семоќност, надежта на исполнувањето на Неговите ветувања. И знаеш што да направиш потота? Земи, и едноставно седни мирно, спокојно чекај, додека не дојде на тебе благодатта Божја и не те промени. Стани таков, каков што Господ сака да те гледа, а потоа легни на креветот и мирно заспи. И чекај. Довери Му го на Бога сиот свој живот. И така, трпејќи ќе гледаш секој ден дека Господ се грижи за тебе. Разбудувајќи се со такво расположение секој ден, ќе се уверуваш, дека си сè поблиску до својата среќа. Ако на сè гледаш логички, ќе бидеш принуден да речеш, дека ништо не те прави среќен. Таквиот начин на однесување постојано ќе те држи во потиштена состојба. Сепак, тоа што ти го сметаш за потиштеност во воздухот, тоа всушност е вистинската блажена состојба. Биди уверен, дека тоа што тебе ти изгледа празнина, всушност ќе те наполни и ќе видиш колку ќе се измени твојот живот. „Не им се одмаздувај на непријателите твои – вели Господ. – Остави ми го тоа мене. Јас ќе постапам справедливо со нив.Ти работи ја својата работа“. Што е тоа? Љуби ги непријателите свои. Постапувајќи така, на нивните глави ќе собереш усвитен јаглен. Но, ќе речеш: „Јас сакам да видам одмазда! Сакам да видам, Господи, дека си се замешал во мојот живот. Сакам во мојот живот да видам ред и справедливост“. На што Христос ќе ти одговори: „Остави сè како што е. И кога ќе дојде потребното време, Јас ќе се замешам. Но, и на таа душа, која те навреди, сакам да ѝ помогнам да ја осознае својата грешка. Препушти ми го судот Мене“.

Господ ни заповедал, да се молиме вака: „Лебот наш насуштен дај ни го денес“. „Господи, но зарем само денес? – велиш ти. – А утре? Утре зарем нема да ни биде потребен леб?“
Остави го тоа „утре“. Зарем не го преживуваме секој „денешен“ ден? Собери трпение и ќе ја видиш утре Божјата сила и застапништво. Не се грижи за тоа, што ќе биде задутре, после година или после шеесет, седумдесет години. Сè нека се случува природно. Нашиот живот бара трпение. На пример, логиката ни вели: „Се прави сега. Брзај, движи се, трчај, оди обезбеди го својот имот и живот, преземај мерки, губиш контрола на животот“. А што ни вели Господ? „Не. Не паничи. Почекај. Научи се да чекаш“.

Кажи ми, брате, го научи ли ти тој час за трпение во твојот живот? Размисли. Сети се, кога си имал осумнаесет, потоа дваесет години, потоа четириесет, а потоа шеесет. И ете, веќе имаш седумдесет или осумдесет години. Гледај колку брзо поминале годините. Кога си бил млад, си велел: „Треба првин да пораснам. Кога ќе пораснам, ќе видиме колку брзо ќе врви животот“. И гледаш како поминува? Многу брзо. Што да се прави? Треба да се чека. Секој ден примај го со спокојство, како од рацете Господови. Секоја работа, во свое време. Треба само да имаш доволно трпение. И ти го чекаше Царството Божјо. Чекај, додека Господ Сам не ги постави работите на своите места.

Постои категорија на луѓе, кои се изморуваат од животот. Тие се мачат, зашто не знаат да чекаат. Доаѓаат до состојба на очајност, велејќи: „Подобро да умрев“. Некои ми го кажуваат тоа дури на исповед: „Отец, подобро да умрам и да се успокојам“. Но, таква смрт, каква што ти чекаш, воопшто не е добар крај. И светителите ја посакувале смртта, но не како избавување од страдањата, туку како премин во вистински живот, во кој тие ќе бидат покрај Христос. Тие ја посакувале смртта, за да ја доживеат тајната, тајната на преобразувањето на човекот од Бога во идниот живот. Светителите нетрпеливо посакувале да се разделат од телото, и распалувајќи се со љубов кон Бога, се молеле: „Боже мој, јас толку сакам да бидам некаде покрај тебе!“ За тоа зборувал и апостол Павле: „Сакам да се разрешам и да бидам со Христос“. Апостол Павле, велејќи го тоа, го подразбирал следното: „Нетрпеливо ја посакувам смртта. Во овој свет мене ништо повеќе не ме задржува“. Но, светителите не го велеле тоа затоа што животот им се здосадил, како нам.

Ние често ја посакуваме смртта, зашто сме се измориле од животот, затоа што немаме трпение, затоа што не се радуваме на Божјите дарови. Не, брате мој. Во овој живот ние треба да се измориме. Многу работи треба да преживееме. Често да претрпиме маки. Во нашиот живот, плачот, воздишките, болестите, загубите треба да превладуваат над смеата и радоста. Јас сум уверен во тоа. И ти ми го кажуваш тоа, и многумина од нас. Но борбата твоја вреди за тоа. Сите маки, кои тука ги носиш со трпение, ти го приготвуваат Царството Небесно. „Овдешните привремени страдања не се ништо, во споредба со таа слава, која ќе се открие во нас“. (Рим. 8, 18). Ќе видиш, тоа што сега безропотно го претрпуваме, е ништо во светлината на блаженството на идното Царство. Нас нè очекува неверојатно прекрасен свет од среќа и радост од пребивањето покрај Бога. Сите светии кои се удостоиле да го видат рајот, воскликнувале: „Боже мој, кога би знаел, каква радост ме чека тука, никогаш во животот не би се оправдувал, а постојано би трпел, само да бидам причасник на ова блаженство“. Затоа, брате, сè да трпиме. За да го наследиме Царството Божјо, каде радоста и среќата се вистински, и постојани.

Некој друг пат ќе поразговараме и за тоа, зошто треба да се трпи, ќе спомнеме некои причини и мисли, кои го закрепуваат тоа во нашето срце. Затоа што често доаѓаш и плачеш, велејќи: „Готово! Не можам повеќе. Не можам да го трпам мажот ми, кој се пијани. Не можам да ја трпам жена ми, која не ме остава на мира и ми вика по цели денови. Не можам повеќе да го гледам моето дете, кое не ме слуша. Не можам да го трпам професорот, кој псотојано ме следи. Не можам едно, не можам друго. Не можам повеќе, веќе немам трпение! Мојот нервен систем се измори. Јас сум болен“. И сепак, уште малку можеме да потрпиме. И кога Господ ќе види, дека уште една капка – и нашата чаша ќе се преполни, Тој несомнено ќе преземе нешто и ќе најде решение.
Сепак, денес, бевте многу трпеливи. Малку ве изморив. Но таква е темата за трпението, што бара трпение не само за да се примени на опит, туку и за да се зборува за неа и да се слуша.

Архимандрит Андреј Конанос

Извор: Преспанско- пелагониска епархија



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3214
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7701
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

24/12/2024 - вторник

Божикен пост (пост на масло)

Преподобен Данило Столпник; Преподобен Лука Столпник; Преподобен Никон Сувиот; Светиот маченик Миракс;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Тропар на светиот Христов Столпник Данило преподобен 11 декември / 24 декември 2024

Смирението твое о, Данило столпнику,по молитвите на твоите родители,со заштитиништвото на великиот Симеон,пат кон небесата ти отвори,а ангелите и луѓето...

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная