Света Недела e средновековековен православен храм во урнатини, сместен високо во кањонот Матка во месноста Марков Град од левата страна на реката Треска. Оваа црква се смета дека е изградена во 13 или 14 век, истовремено со изградбата на блиските околни цркви и манастири Свети Никола Шишевски (од спротива), Свети Андреја (југоисточно во долот), Свети Спас (непосредно северно) и Успение на Пресвета Богородица.
Црквата Света Недела е мала, еднокорабна, куполна црква за што сведочат остатоците од сводовите на некогашната купола. Изградена е од кршен камен, делкан локален камен — варовник и керамички материјал. Според остатоци од камени сводови, може да се заклучи дека куполата се наоѓала над олтарниот дел, при што црквата имала речиси ист или сличен изглед како блиските цркви Свети Никола и Свети Андреја. На дел од ѕидините во внатрешната страна сè уште стои дел од фрескоживописот на црквата.
Врз ѕидовите од внатре се забележуваат скромни останки на фреско декорација со неколку светители во олтарниот дел, потоа фигурата на Света Недела која и денес може да се забележи на јужниот ѕид, а постарата литература од 1912 годнна забележала дека десно од светителката бил портетот на ктиторот кој и го пружа моделот на црквата.
Иако црквата е во рушевини, сепак таа е доста посетено место од верници и планинари. Во нејзе постојат повеќе икони од светицата Недела, Богородица и Исус Христос, како и кандило за палење свеќи. Во непосредна близина на црквата е изграден летниковец од страна на планинарите.
21.12.2017