1.Ваше високопреосвештенство, точно три години сте надлежен архиереј на Тетовско-гостиварска епархија. Како изгледа духовниот живот од Ваш аспект на овие простори?
Живееме на простор со изразена верска и национална разновидност. Некогаш тоа е предност, а некогаш не и за духовниот живот. Главно земено, овие простори, историски, секогаш имале плоден христијански духовен живот, за што се сведочат и велелепните и многубројни светилишта, постојаноста во црковното живеење на народот, изразената христијанска традиција итн. Но претстои работа, особено во внесувањето на вистинското предание, на вистинската и правилна форма на верувањето и духовното живеење, но и на опстојувањето и задржувањето на правилната вера. Духовниот живот е светотаински, затоа проповедта на свештеникот и мисијата на Црквата, воопшто, треба да е насочена кон светотаинскиот живот на Црквата, кон Литургијата, кон храмот, кон Евангелието…
2.Дали народот според Вас е традиционално поврзан со верата или ја живее литургиски верата. Дали има жива Црва – односно дали народот пости, се исповеда, причестува?
Па повеќе, според нашата перцепција, е традиционален. Но традиционалниот простор е добра појдовна можност за давање на вистинската смисла на нештата. Вистински верник е оној кој секојдневно и правилно ја живее верата. Верата бара активност, верата не е обичај, туку е начин на живот. Ако ги нема влклучено аспектите што вие ги набројавте во прашањето – исповедта, постот и особено причеста, човек не може да каже дака ја живее верата и дека е вистински христијанин.
3. Дали Тетовско-гостиварска епархија работи на хуманитарни активности?
Секако, хуманитарниот аспект е важен дел од мисијата на Црквата, иако не и примарен. Во овие три години спроведовме и постојани хуманитарни акции, како што беше еднодневниот оброк за сиромашни и социјални случаи во храмот „Св. Никола“ – Тетово, потоа кога сме во можност позитивно одговараме и на молбите за помош на тие на кои им претсои лекување, помагаме за школување, на многудетни семејства и самохрани родители, во повеќе пати доделивме огревно дрво на повеќе семејства, итн.
4.Се забележува дека Соборниот храм е целосно обновен ентериерно. Кој следниот проект?
Да, со штедрата помош на компанијата ЕЛЕМ, како и на неколкумина поединци, успеавме да му дадеме вистински сјај на соборниот храм, за истиот, како централно светилиште на епархијата, да биде репрезентативен, но повеќе и од оној псалмовски пристап: „Господи, го засакав благолепието на Твојот дом, местото каде што пребива славата Твоја.“ (Пс. 25, 8).Следно е да го изградиме православниот храм „Преображение“ во н. Циглана во Гостивар и кој полека добро напредува, обнова на конаците во Лешочкиот манастир кој проект е целосно финансиран од владата на Република Македонија, односно Министерството за култура, целосно завршување и внатрешно уредување на конакот при манастирот „Св. Наум“ на Попова Шапка којшто е скоро завршен.
5. Често Ве гледаме со младите луѓе од Тетово и Гостивар, присуствувате на фудбалски,, ракометни, кошаркарски натпревари, дали сметате дека и тоа е дел од мисијата на Црквата, односно можност за проповед на словото Божјо?
Тоа го правам од желба да бидам близок со своето паство, да бидам меѓу нив и со нив, не со некоја цел. Исто така и од нашата љубов кон спортот, особено футбалот. Честопати и самите нè повикуваат, зашто сакаат да се дружиме и разговараме. Но, како што велите, тоа е добра можност, по воспоставената блискот, да се отворат многу прашања, особено оние за верата, да се предочи на младиот човек одговорноста на животот, што е достоинството на животот и во што се состои целта на животот. А сето тоа Бог ни го предал преку Свето Слово, во Писмото и преданието.
6.Откако станавте надлежен архиереј на тогаш формираната Тетовско-гостиварска епархија, која произлезе од поранешната Полошко-кумановска епархија, воведовте бесплатни групни крштевски и венчавки за возрасни лица. Дали оваа иницијатива ќе продолжи и како истата беше прифатена од верниот народ?
И тоа е една форма на проповед, но и излегување во пресрет на оние кои од најразлични причини во минатото, идеолошки несогласувања, немарност итн., не ги влегле во Црквата или не го крунисале својот заеднички живот со Божјиот благослов. Сега не се во можност финансиски да го направат тоа, па затоа помагаме на таквите категории, зашто поважно е нечивото спасение, отколку нешто друго.
7. Владико, би сакале да го слушнеме Вашето мислење за користењето на социјалните мрежи. Дали сметате дека младиот човек троши премногу време на нив или, пак, тоа е форма за комуникација, споделување на информации, на полезни работи итн?
Во вашето прашање ги има и давата одговори. Технологијата и современите достигнувања на човекот може да бидат и од полза, но може и да се злоупотребуваат. Многу значи од нашиот пристап, од тоа какви сме ние. Во секој случај, не треба да го губиме достоинството, туку да се ползуваме, за себе, но и за другите. Социјалните мрежи и технологијата не се зло, но може да не наведат во искушение и злоупотреба. Затоа да ги ползуваме за добробит и да не им слугуваме, но тие да бидат во наша служба. Денешниот човек е отуѓен. Иако привидно контактира преку социјалните мрежи, сепак тоа не е личносно, не е целосно. Пречи и тоа што целата наша приватност и нашето секојдневие ги изнесуваме во глобалниот простор. Трба почесто да се сретнуваме и да комуницираме, но кога ќе се видиме да ги оставиме телефоните.
8. Какви се Вашите комуникации со претставниците на локалната власт и со другите верски заедници?
Па би рекол на задоволително ниво. Со сите имаме коректни односи. Со муфтиите на Тетово и Гостивар се сретнуваме во текот на годината, ги честитаме празниците и разговараме на актуелни теми, на теми што го засегаат верскиот и воопшто заедничкиот живот. Со локалната власт – градоначалниците имаме исто така комуникација на задоволнително ниво.
9. На крај што би им препорачале како надлежен архиереј на читателите на нашиот портал?
Најпрво да бидат добри луѓе, да бидат добри граѓани, да помагаат на секој човек во неволја и потреба. А христијаните – да ги посетуваат храмовите во неделните и празничните денови, но не само да ги посетуваат, туку и да присуствуваат на Литургиите, да учествуваат во нив, да се молат. Би сакал да гледам и повеќе луѓе на часовите по веронаука кои се одржуваат во соборниот храм, зашто така ќе учат повеќе за верата.
Извор: Курир
Преземено од: Тетовско - гостиварска епархија