логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 (Продолжение)


Monah.svetilka.jpg

4

СТЕПЕНИТЕ НА ДУХОВНОТО СОВРШЕНСТВО


 Во претходните глави стана јасно дека основното дело на Црквата е да го лекува човекот. Во оваа смисла Православната црква е лекувалиште, место за исцелување на душата. Ова не означува дека Црквата ги игнорира другите усмерувања на пастирската грижа; предмет на нејзината грижа е целиот човек, кој се состои од душа и тело. Таа се интересира за секојдневните, економските и социјалните проблеми, но главното во нејзината пастирска служба е терапијата на душата, затоа што кога душата се лекува, тогаш се решаваат и многу други проблеми.

 Некои луѓе ја обвинуваат Православната црква дека не се ангажира доволно активно во општествените проблеми. Но Црквата се грижи за се што го допира човекот и ова е очигледно од содржината на молитвите, кои се вознесуваат во богослужбата, а исто така, и од делата и учењето на светите отци. Како што една болница во прво време се занимава со болеста на телото, и во рамките на лекувањето, можеме да кажеме, дека ги допира и останатите проблеми на човекот, истото важи и за Православната црква. Црквата го лекува центарот во личноста на човекот и во рамките на ова го лекува целиот човек. Затоа дури и во периоди на општествени потреси, кога понекогаш се уриваат државните механизми и народот ги губи своите формални права и слободи, Црквата продолжува да го лекува човекот.

 Лекувањето на човечката личност е пат кон совршенството, кое по суштина е идентично со обожувањето. Во светоотечкото богословие обожувањето и совршенството се синоними. Ова лекување има значење, доколку падот во грев на човекот, кој се извршил во личноста на Адам, се пројавува во немоќта на човечката природа.

 Во рајот до падот во грев Адам се наоѓал во созерцување (љеориа). Книгата Битие сведочи за тоа, дека Адам општел со Бога, но му претстоело по патот на слободно избраниот подвиг да ја сочува оваа состојба, да закрепне уште повеќе и да достигне совршено општење и единство со Бога. Преподобниот Јован Дамаскин многу силно ја опишува состојбата на првобитната праведност. Адам бил очистуван и истовремено хранет од созерцувањето. Умот му бил просветлен, а ова, пред се, означува дека бил храм на Светиот Дух и дека непрестано бил во сеќавање (мнхмх) на Бога.
 Ете што се вели во синаксарот на Сиропусната недела: Во шестиот ден Адам беше создаден од раката Божја, удостојувајќи се со образ низ вдахновувањето. И откако ја прими заповедта, благополучно престојуваше во рајот до шестиот час; потоа, престапувајќи ја заповедта, тој бил изгонет од таму. Евреинот Филон (Александриски) вели дека Адам престојувал во рајот сто години, други - дека таму бил седум години или седум дена, од почит кон седмицата. И дека во шестиот час тој пружил рака и го скинал плодот, така и Новиот Адам - Христос, во шестиот час од шестиот ден ги пружил рацете на крстот, избавувајќи го (Адам) од гибел. Поставен меѓу распадливоста и нераспадливоста тој бил создаден, за да го поседува она, кое самиот ќе го претпочита со својот слободен избор (проаиресие). За Бога било возможно да го создаде човекот неспособен да греши, но ова би го лишило од слободата да избира. Затоа Бог му дал закон: од сите плодови да вкусува, а од оние - не; бидејќи преку творбата може да се познае Божјата сила, додека Божјата природа засекогаш останува неспознатлива. Кога Григориј Богослов мудро расудува за видот на дрвото, за божествената замисла, за растенијата и созерцанијата, тој вели, дека Бог Му заповедал на Адам да ги испитува сите други појави и својства, да мисли со својот ум и да Го прославува Бога, затоа што ова е вистинската храна и грижа за неговата сопствена природа. Божјата природа пак, тоа како и каде Тој создал се од небитие во битие - воопшто да не ја испитува. А Адам пак, оставил се други и започнал да љубопитствува само за Бога и Неговата природа. И бидејќи се уште бил несовршен и неук, и се уште многу млад, паднал во моментот кога сатаната преку Ева во него ја вложил илузијата (фантасиај) да стане рамен на Бога. Великиот и божествен Златоуст говори, дека она дрво имало некаква двојна сила; и дека рајот на земјата, како што мудро заклучува, бил како Адам - бил умествен и сетилен. И двата пребивале помеѓу нераспадливоста и распадливоста, заедно ја исполнувале заповедта, и заедно потоа престанале да се придржуваат кон неа.

 Првородниот грев се состои во помрачувањето на умот и загубата на богоопштењето. Ова, се разбира, имало и други последици: човекот се облекол во “облеките од кожа” на распадливоста и смртноста; умот му бил длабоко помрачен. Човекот ја загубил просветленоста на својот ум, што означува дека умот му станал нечист, страстен, а телото му се облекло во распадливост и смртност. Така ние од раѓање во себе ја носиме распадливоста и смртноста: човекот се раѓа во светот осуден на смрт. Според тоа, заради падот во грев, ние вкусуваме една сеопшта немоќ /слабост/. И душата и телото се поразени од болест, и доколку човекот е венец на творбата, микрокосмос во макрокосмосот, распадливоста ја поразува и целата творба. Умот се покрил со рани, телото заболело, умот станал немоќен /слаб/, словото се исцрпило /изнемоштило/, животот бил умртвен, крајот дошол пред портата /вратата/. Така, душо моја отфрлена, што ќе правиш кога ќе дојде Судијата да те испита? - како што е кажано во Канонот на свети Андреј Критски.

 Во стварноста, кога говориме за прародителскиот грев и неговите последици, ние имаме во предвид три нешта: прво - утврдувањето на работоспособноста на умот, доколку умот престанал да функционира правилно; второ - идентификувањето на умот со разумот и до определен степен обожувањето на разумот; трето - заробување на умот од страстите, мачното неспокојство, околната средина. Ова е вистинската смрт на човекот. Тој претрпел потполн распад; внатрешно бил усмртен - умот му бил обвиткан со мрак. И како што при повреда на видот целото тело останува во мрак, на ист начин, кога окото на душата, т.е. умот, е поразен од слепило, целото духовно суштество страда, паѓа во непрегледна темнина. Затоа и Господ вели: Ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? (Мат. 6, 23)

 Освен растројството на внатрешната дејност на душата, првородниот грев довел и до надворешна дезориентација на човекот. Сега тој започнал да го гледа со непријателство другиот човек, Бога, светот и целата творба. Бессилноста на умот да се воздигнува кон Бога започнала да се компензира со разумот. Така се појавиле идолите и соодветните идолопоклонички религии, а исто така, и еретичките отклонувања /ересите/. Неспособен да го види Божјиот образ во човекот, умот започнал да го восприема под дејство на страстите на сосема различен начин. Започнал да го експлоатира својот собрат, раководен од славољубието, самољубието и среброљубието; започнал да гледа на ближниот како на средство или на инструмент за сопствено насладување и ја претворил во идол целата творба. Се случило тоа што апостол Павле го говори во Посланието до Римјаните: Наречувајќи се себе мудри, тие обезумија, и славата на вечниот Бог ја изменија во облик на смртен човек, на птици, на четвороножни животни и на лазачи (Рим. 1, 22-23).

 Како резултат на се тоа, човекот има потреба од исцелување, т.е. од очистување, за да достигне до просветлување на умот - состојба во која бил Адам до падот во грев - а потоа да достигне и до обожување. Ова се отстварило со вочовечувањето на Христа, со целото дело на божествениот домострој и со тоа што Црквата го извршува. Во оваа смисла треба да гледаме на мноштвото на богослужбени текстови, во кои Христос е опишан како Лекар и Исцелител на душите и телата, а исто и на различните светоотечки текстови, во кои се нагласува, дека Христовото дело најмногу од се и пред се, се состои во тоа да исцелува.

 Еретикот Аполинариј (ИВ век) тврдел дека Христос со Своето воплотување примил душа и тело, но не и ум. Всушност, зборувал дека човечката природа, која Христос ја примил од Богородица, била без човечки ум. Отфрлајќи ја оваа ерес, свети Григориј Богослов стоел на становиштето дека Христос ја примил целата човечка природа во полнота, затоа што она кое не е примено останува неисцелено, а само она кое се соединува со Бога, се спасува. И доколку целиот Адам згрешил и целата човечка природа станала немоќна, тогаш таа требало да биде примена целата, за да биде излекувана. Во ова учење на свети Григориј гледаме дека исцелувањето на човечката природа се случило со вочовечувањето на Синот и Словото, и затоа Христос навистина е Лекар и Исцелител на човекот.

 Ете ги и зборовите на свети Григориј Богослов: Ако некој се надеваше на човек без ум, тој тогаш е лишен од ум и е недостоен целосно да се спаси. Затоа што она кое не е примено, тоа не е ни излекувано; она што се соединило со Бога, тоа се спасува. Ако Адам паднеше до половина, тогаш и применото и спасеното, исто така, ќе беше до половина. А ако паднал целиот, тој тогаш се соединува со сите родени и се спасува целосно13.
 По падот во грев човекот имал потреба од исцеление. Тоа се извршило со вочовечувањето на Христос и од тогаш е дело на Црквата. Таа го лекува човекот и на прво место го лекува она што е паднато во неговата личност - умот и срцето. Сите црковни отци го поттикнуваат човекот кон лечење: Ако потполно не си паднал во очај, и не си ја изгубил секоја надеж, тогаш пристапи кон Бога, помоли се, исцели ги раните свои со Неговите рани, направи го подобното подобно и така излекувај ги своите болести со малку средства (свети Григориј Богослов)14.

 Човекот се исцелува со Божјата енергија, која е несоздадена и се открива “во лицето на Исуса Христа”. Христовата енергија низ која човекот се исцелува, му се дава дарум и затоа се нарекува Божја благодат. Според тоа, кога велиме “несоздадена енергија” и “божествена благодат”, ние имаме во предвид едно и исто нешто. Апостол Павле пишува: Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас - Божји дар е (Еф. 2, 8).
 Живеејќи по благодат во Црквата, човекот најнапред треба со благодатта да го очисти срцето од страстите, да достигне просветлување на умот, т.е. состојбата на Адам пред падот во грев; потоа да се издигне до обожувањето, кое е општење и единство на човекот со Бога и е идентично со спасението. Тоа се степените на духовното совршенство и основите на православната духовност.

 Но пред да ги разгледаме овие степени, т.е. методот и начинот за исцелување на човекот, треба да кажеме нешто и за Божјата благодат, затоа што таа е најтесно поврзана со очистувањето, просветлувањето и обожувањето.
 Кога говориме за очистување, просветлување и обожување во православната духовност, ние немаме во предвид некакви степени на антропоцентричните усилби, а резултатите од дејствата на несоздадената енергија на Бога. Кога Божјата благодат (Божјата енергија) го очистува човекот од страстите, таа е очистувачка, кога го просветлува неговиот ум, таа е просветлувачка; кога го обожува човекот, таа е обожувачка. Станува збор за една и иста благодат и енергија на Бога, која ја именуваме на различен начин во зависност од последиците.
 Говорејќи за Троичниот Бог, светите отци учат, дека во Бога треба да разликуваме суштина (или природа), енергија (или божествена благодат), и Лица. Секое Лице на Света Троица поседува суштина и лични својства. Секое Лице има свое уникатно лично својство, додека суштината и на трите Лица е една, како што е една и енергијата. Создавањето и пресоздавањето на светот и човекот е општо дејство (енергија) на Троичниот Бог. Спасението на човекот е дејство (енергија) на Троичниот Бог, но во Ликот на Исуса Христа, затоа што Христос се вочовечил по благоволението на Отецот и содејството на Светиот Дух.

 Треба да забележиме дека Божјите енергии се “природни”, т.е. тие се соединети со Божјата природа, но во исто време се и “в-личноснети” (енипостатеј). За да биде појасно кажаното, ќе се обрнеме кон учењето на преподобниот Јован Дамаскин по ова прашање: Едно е дејството (енергеиа), друго е дејствувачкото (енергхтикон), едно е делото (енергхма), друго е дејствувачот (енергњн). Дејствието е активно и суштинско движење на природата; а дејствувачкото е природата, од која произлегува дејството; делото е резултат од дејството, а оној кој го извршува дејството е дејствувачот, т.е. ипостаста.

 Ова означува дека божествената енергија е движење на божествената природа, низ која човекот општи и се соединува со Бога. Нема суштина без енергија, ниту енергија без суштина. Но божествената енергија се открива и станува достапна за човекот ипостасно, затоа што и дејствувачот е Ипостас, Лице. Во оваа смисла Божјата енергија е природна, но не е самоипостасна, таа е во-ипостазирана, што значи дека дејствува и станува достоинство на човекот низ Ипостаста, Лицето. Со други зборови, низ откровението и вочовечувањето на Христос ние Го познаваме Бога, достигнуваме општење со Него и стануваме причесници на Неговата несоздадена благодат и енергија.

 Погоре стана збор за тоа дека несоздадената енергија, божествената благодат, во соодветност со своите пројавувања има различни називи. Во оваа смисла говориме за очистувачка, просветлувачка и обожувачка Божја енергија. Соодветно, можеме да ги формулираме трите степени на духовно совршенство: очистувањето на срцето, просветлувањето на умот и обожувањето. Како што за стекнување на човечкото познание е потребно да се помине почетното, средното и високото образование, така за придобивањето на божественото познание треба да се поминат трите степени на духовно совршенство: очистување, просветлување и обожување. На овој начин се постигнува исцелувањето на човекот.
 Пред да преминеме кон анализа на овие три степени, треба да истакнеме два основни момента, кои можат да ни помогнат да го избегнеме погрешното разбирање на светоотечкото учење по ова прашање.

 Прво, не станува збор за етапи, кои се резултат на човечките усилби, а за Божјата енергија. Не станува збор за мерките, поврзани со надворешната вежба на човечката волја, а за делата (енергхмата) на несоздадената Божја благодат, кои природно, ги усвојуваат оние луѓе кои содејствуваат и се одѕиваат на нејзините дејства.

 Второ, разликата меѓу духовните степени не е статична и дефинитивна. Во нашиот образовен систем, кога некој ќе го заврши основното училиште, тој нема потреба да се враќа назад. Во Богочовечкиот образовен систем, кој го следиме во Црквата, нема такво правило - сите овие степени взаемно се менуваат. За да се достигне до созерцувањето, човек треба да премине низ очистувањето и просветлувањето. Кога ќе достигне до созерцувањето на Бога, т.е. до третиот степен на духовното совршенство, тој може да остане таму определено време и повторно да се врати “назад” на степенот на просветлувањето на умот. Ако не е доволно внимателен, човекот може да се врати од просветлувањето на нивото на очистувањето.

 Во целото светоотечко предание се говори за трите степени на духовно совршенство како за три стадиуми во лечењето на човекот. Свети Дионисиј Ареопагит говори за очистувањето, просветлувањето и совршенството. Истата разлика ја прави и свети Григориј Ниски. Преподобен Максим Исповедник, исто така, говори за дејственото љубомудрие (очистувањето), природното созерцание (просветлувањето) и мистичното богословие (обожувањето). Преподобен Симеон Нов Богослов составил дејствени, гностички и богословски глави**. Исто и свети Григориј Палама ги дели своите “глави” на етички, природни и богословски***. Наоѓаме повикување на овие три степени на совршенство во целото православно предание. Така човекот се лекува и го преживува Преданието, станува Предание и твори Предание. Станува носител на Преданието.

 Карактеристично е поглавието на зборникот Добротољубие, составен од преподобен Никодим Светогорец и епископот на Коринт свети Макариј: Добротољубието на светите подвижници, создадено од нашите свети и богоносни отци, во кое низ дејствено (ката пракџиј) и созерцателно (љењриан) наравствено љубомудрие умот се очистува, просветува и усовршува. Овој зборник од дела на светите отци учи како човекот да го лекува својот ум, преминувајќи низ трите стадиуми на духовниот живот. Како што е познато Добротољубието, кое во целата негова полнотија го изложува методот на човечкото лечење, е основно раководство во духовниот живот.

 За да стане подостапно ова учење на светите отци поподробно ќе го разгледаме учењето на преподобен Никита Ститат, каде се анализираат и трите етапи на духовниот живот. Преподобен Никита е носител на Преданието, кој во потполност го познава традиционалниот терапевтски метод на Православната црква.
 Три се скалите кај оние кои успеваат во искачувањето кон совршенството: очистувачката (каљартикх), просветлувачката (фњтистикх) и таинствената (мхстикх) или совршената. Првата е за оние кои се почетници, втората - за оние кои напреднале и третата - за совршените. По овие три скали, искачувајќи се постепено, подвижникот расте во соодветност со Христа и достигнува до состојба на маж совршен, до полната возраст на Христовото совршенство (Еф. 4, 13)15.

 Во своите дела преподобен Никита Ститат постојано говори за ова искачување: Според степените и нивото на љубомудрениот живот, сите ние треба да врвиме кон напред и усрдно да се искачуваме кон претстојното, бидејќи секогаш се движиме кон Бога и никогаш не знаеме за почивка во доброто. На таков начин од дејствениот подвиг треба да восходиме кон природното созерцување на творбата; од него - кон таинственото богословие на Словото и во него (богословието) да најдеме спокојство од сите дела на телесниот подвиг, неопходен, пред се, за смирување на телото и за усвојување на точната способност за разликување (диакрисењн). Ако не сме ја усвоиле умешноста за ова разликување и не знаеме како да одиме напред, и да се стремиме кон совршенството, тогаш сме полоши од оние кои живеат светски. Оние кои го примиле ова знаење не се замислуваат ниту над границата на напредувањето и неговата цена, ниту за запирање во искачувањето, додека не се издигнат до достоинствата кои следуваат и додека не се успокојат во својот стремеж.

 Ова искачување не може да биде изолирано од очистувањето на срцето и просветлувањето на умот: Прво треба да станеме чисти од материјалната нечистотија на помислите, потоа да се здобиеме со просветлување и озарување на мислените очи во вториот степен - просветлувачкиот кој потполно се отстварува низ таинствената, сокриена во Бога, премудрост. На таков начин треба да влеземе во науката на свештеното познание, која служи во придобивањето  на новото и старото, за оние кои имаат уши (Мат. 13, 9), за да станеме штедри сопственици на таинствените сокриени сфаќања (мустикњн нохматњн) на оваа наука, сопричесни на ликот на избраните, имајќи духовен слух и одвоени од помалку совршените, за да не ја даваме светината на кучињата и да не го фрламе бисерот на Словото пред свињоподобните души, кои нема да се исползуват со него. Само тогаш човекот станува богослов и ги пренесува таинствените сфаќања на божествената премудрост на оние кои можат да ги восприемат.
 Освен овие општи заклучоци за трите чина на оние кои се спасуваат и за трите степени на духовното совршенство, преподобен Никита Ститат подробно ја опишува атмосферата на овие степени во духовниот живот.

 Очистувачкиот степен кон кој се обрнуваат оние кои само што започнале со подвигот на благочестивоста, е тесно поврзан со покајанието. Говорејќи за покајанието, ние, од една страна, го имаме во предвид отфрлањето на стариот, земен човек, а од друга - облекувањето во новиот човек, кој се обновува во енергијата на Сесветиот Дух. Ова покајание, кое се преживува за време на очистувањето, се изразува во надвладувањето на материјалното (особено во надвладувањето на страстите, поврзани со материјалниот свет), во “претопувањето” на плота со постот и бдението, во бегството од секоја причина, која предизвикува страст, во пролевање на солзи, раскајување за минатите постапки, во устројување на надворешните дела во духот на праведноста, во очистувањето на умот од секоја скверна преку умилението, во симнувањето на Логосот во умот. Покајанието го наоѓа својот израз во подвижничкиот живот. Човекот ја гаси силата на својата гревовна природа, им ги затвора устите на дивите ѕверови - страстите, станува силен.

 Степенот на просветлувањето е првиот степен на бестрасноста. Карактеристична црта на овој степен е познанието на она што постои: созерцувањето на логосите на творбите и причестувањето кон Светиот Дух. Плодови на просветлувањето се очистувањето на умот низ Божјата благодат, која како оган го загрева срцето, умното отворање на “окото на срцето” и раѓањето на логосот на познанието во умот, кое се изразува со возвишени сфаќања (уѕхла нохмата). Поинаку кажано, во оваа состојба човекот има непрекината умна молитва и се стекнува со богопознание. Освен тоа, ги спознава божествените и човечките предмети и го преживува откровението на тајните на Царството Небесно. Во оваа состојба човекот престојува на небото како пророк Илија и ја созерцува небесата.

 Мистичниот и краен степен е степенот на совршените, оние кои на дело стануваат богослови на Црквата. Тогаш, обожениот човек стапува во општење со ангелските сили, ја приближува несоздадената светлина и низ Светиот Дух му се откриваат длабочините Божји, т.е. ја гледа несоздадената суштинска Божја енергија. Таквиот човек познава многу, скриени за другите луѓе, тајни Божји кои се содржат и во Светото Писмо. Слично на апостол Павле, тој се воздигнува “до третото небо” на богословието, каде ги слуша неискажливите зборови, и го гледа она кое не можат да го видат очите на плотскиот човек. Тој станува богослов на Црквата и преживува блажено спокојство, “совршен во совршениот Бог”.

 Се разбира, има и некои кои тврдат, дека формирањето на етапите во духовниот живот настанало под влијание на старогрчката философија и пред се, на неоплатонизмот, кој, исто така, говори за аскезата и богопознанието. Но при внимателна анализа станува јасно дека кога философите на Стара Грција говореле за очистување и просветлување, тие имале во предвид нешто различно од она на кое поучуваат светите отци. Очистувањето, за платонската философија, е умртвувањето на желбите и емоциите, бидејќи платонистите верувале дека човекот, пред се, е разумното начало, додека желбеното и раздразителното се последица на падот. Затоа, говорејќи за очистување, тие го имаат во предвид умтрвувањето на овие сили на душата. Просветлувањето за древните философи означувало познание на архетиповите на битието. Тие верувале дека со падот човекот ги заборавил овие архетипови и во ова се состои неговата осуда и трагедија. Меѓутоа, во Православието очистувањето, просветлувањето и обожувањето се разбираат и се определени на различен начин.

 Треба да кажеме дека, кога светите отци говореле за очистувањето, просветлувањето и обожувањето, тие не биле под влијание ниту на старогрчката философија ниту на неоплатонизмот, а говореле од опит и се преживувале во праксата. Се разбира, овој опит на богоопштење, во различен степен, го гледаме како во Стариот, така и во Новиот Завет. Во Светото Писмо има многу места, од кои се гледа дека, за да се издигне кон Бога, човекот треба прво да го очисти срцето од страстите, а потоа да се здобие со просветлен ум преку постојаното сеќавање на Бога.

 На почеток треба да го разгледаме Христовото учење за познавањето на тајните на Царството Божјо. По приказната за сејачот учениците Го молат да им ја разјасни смислата на реченото. Тогаш Христос вели: Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаат, и слушајќи да не разбираат (Лука 8, 10).

 Од овој одговор се гледа дека има луѓе, кои го слушаат Словото Божјо во приказни, затоа што поради својата нечистотија не се подготвени да ги восприемат тајните на Царството Божјо и други, како учениците кои, благодарение на очистувањето, на оставањето на светот и следењето на Христос, се достојни да ги восприемат тајните на Царството. Има и трета категорија на христијани, која ни ја илустрира случајот со трите ученици, кои се искачиле на Тавор и се удостоиле да го видат Царството Божјо. Така е од од секогаш: едни го слушаат Словото Божјо во приказни, други се удостоиле да слушнат за тајните на Царството Божјо, но се уште не го гледаат, и трети кои се удостоиле на созерцување на тајните на Царството, кои Го гледаат Самиот Бог.
 Од Проповедта на гората и пред се, од блаженствата следува дека човекот треба да се очисти од страстите, да го очисти срцето свое од сите помисли кои обитуваат во него, да стекне смирение на духот и потоа, да се удостои да Го види Бога. Христовото слово е јасно:
 
 Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
 Блажени се оние кои плачат, оти ќе се утешат!
 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
 Блажени се гладните и жедните за правда, оти ќе се наситат!
 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
 Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога! (Мат. 5, 3-8).

 
 Блаженствата го покажуваат духовниот стремеж на човекот, патот на обожувањето, начинот на кој тој го постигнува своето исцелување. Сознанието за неговата духовна беда, т.е. сознанието дека има страсти во срцето, го води човекот кон покајание и блажена тага. Аналогно на длабочината на тагата во душата му доаѓа божествената утеха. На тој начин тој постигнува смирение, внатрешно спокојство. Животот во внатрешно смирение го тера уште посилно да жаднее по Божјото оправдување и да се стреми кон сообразување со Божјите заповеди во својот секојдневен живот. Чувајќи ги Божјите заповеди, тој се здобива со познание на Божјата милост и уште повеќе го очистува своето срце. Со други зборови, смислата на заповедите се открива во очистувањето на душата, затоа што некои од нив се однесуваат на очистувањето на разумното начало, други - на желбеното, а трети - на очистувањето и потпомагањето на раздразнителното начало во душата. И кога душата се очистува од страстите, човекот достигнува до боговидување.
 Блаженствата ја разоткриваат суштината на духовниот живот и начинот на исцелување на човекот. На овој начин човекот се запечатува од Пресветиот Дух и станува член на Телото Христово, храм на Пресветиот Дух.

 Во приказната за блудниот син гледаме три типа на луѓе кои се спасуваат. Во првиот тип спаѓаат слугите (таткото им рече на слугите). Во вториот тип се наемниците (колку наемници кај татко ми имаат во изобилие леб). Во третиот тип спаѓаат синовите, чедата на таткото (еден човек имаше два сина). Во приказната таткото имал синови, наемници и слуги (Лука 15, 11-32).
 Во учењето на светите отци, исто така, го сретнуваме погледот дека оние кои се спасуваат ги има три типа. Првиот се слугите, кои ја исполнуваат Божјата волја, за да го избегнат адот; вторите се наемниците, кои ги исполнуваат заповедите, за да го заслужат /спечалат/ рајот; третите се синовите, кои прават се од љубов кон Бога, затоа што се чувствуваат како Негови чеда. Всушност, овие три типа соодветствуваат на трите етапи во духовниот живот: очистување, просветлување и обожување.

 Има три причини кои не поттикнуваат да правиме добро, како што вели свети Василиј. Првата е - кога го правиме доброто од страв од осуда и се наоѓаме во положба на робови; втората - за да примиме награда, и тогаш сме во состојба на наемници; а третата е заради самото добро, и тогаш сме во состојба на синови. Затоа што синот ја исполнува волјата на својот татко не од страв и не за да прими награда од него, а сакајќи да му послужи, сакајќи да го почитува и да го успокои (Преподобен авва Доротеј).
 Освен учењето на Христос за очистувањето на срцето, просветлувањето на умот и обожувањето, во Новиот Завет има и многу други места каде станува збор за стремежот кон спасение и обожување. Ќе наведам само неколку извадоци од Посланијата на светиот апостол Павле.
 Ете што пишува апостолот за очистувањето на срцето: И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји (2Кор. 7, 1).
 Светоста се живее во страв Божји и, на почеток, низ очистувањето. Само низ очистувањето на срцето ние можеме да се приопштиме на осветувачката, т.е. обожувачката Божја енергија.

 За просветлувањето на умот, кое се пројавува најмногу во умната молитва, се спомнува на многу места. Ќе спомнеме некои од нив.
 Апостол Павле во своето Прво Послание до Коринтјаните учи дека само оние кои во себе го имаат Светиот Дух, можат да го наречат Исуса Христа Господ: Затоа ви кажувам дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не фрла анатема на Исуса, и никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух (1Кор. 12, 3). Тука не станува збор за разумно служење (логикх латреиа), а за таканареченото умно служење (ноера латреиа) за молитвата која се извршува во срцето на човекот, бидејќи, за да се моли некој словесно или разумно присуството на Сесветиот Дух не е задолжително.

 Сите можат да се молат разумно и да го нарекуваат Христос Господ. Но апостол Павле вели: Никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух. Ова никој означува дека само со Светиот Дух човекот може да ја извршува умната молитва во срцето.
 Ако го разгледаме овој текст во светлината на целото учење на апостол Павле, ќе стане совршено јасно дека станува збор за срдечната молитва, која се извршува во срцето на стадиумот на просветлување на умот низ Светиот Дух. На христијаните од Ефес апостолот им пишува: ...но исполнувајте се со Дух, усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши (Еф. 5, 18-19). Псалмите, славословијата и духовните песни се изрекуваат во срцето, само кога човекот е исполнет со Свет Дух.
 Умната молитва се извршува во срцето, кога човекот во Светиот Дух стекнал восиновување, т.е. станал син Божји по благодат. Апостол Павле пишува во Посланието до Римјаните: Сите оние, што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји; оти вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: Ава, Оче! Самиот Дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји (Рим. 8, 14-16). Умната молитва која се извршува во срцето низ Светиот Дух е тесно поврзана со посинувањето по благодат. Ова означува дека неа и претходи очистувањето на срцето, преку кое од него се изгонети сите помисли; потоа човекот станува син Божји по благодат и природно се моли, велејќи Ава, Оче! Тогаш станува и вистински член на Црквата, затоа што повторно, според божествениот апостол: Ако пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов (Рим. 8, 9).

 Апостол Павле ја нарекува оваа состојба просветлување, т.е. слегување во човечкото срце на Божјата благодат, која најпрво го очистува, а потоа го просветлува срцето, бидејќи: Бог, Кој некогаш заповеда од темнина да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло (2Кор. 4, 6). Духовната темнина е помрачување на умот. Благодатта Божја, која доаѓа во ликот на Исуса Христа, светли во срцето на просветлениот и му дарува познание за Божјата слава.

 За обожувањето и созерцувањето исто така, можеме да наведеме многу примери од Посланијата на апостол Павле. Тој често се повикува на откровението, кое го примил од Бога: дека го видел Христос во Неговата слава, дека е апостол на Исуса Христа. Најкарактеристичен е опитот на неговото восходење до третото небо:
 Да се фалам, немам полза, но ќе минам кон виденија и откровенија Господови. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело - не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже. Со таков човек ќе се пофалам; но со себеси нема да се пофалам, освен со моите слабости. Ако, пак, посакам да се фалам, нема да бидам безумен, зашто ќе кажам вистина; но јас се воздржувам, да не би некој да помисли за мене повеќе, отколку што во мене гледа, или од мене слуша. И, за да не се превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам. Затоа трипати Го молев Господа да го отстрани од мене. Но Он ми рече: Доста ти е Мојата благодат, бидејќи мојата сила наполно се покажува во слабоста. Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се всели во мене силата Христова (2Кор. 12, 1-9).
 Како што знаеме од целото предание на нашата Црква, созерцувањето се случува низ обожувањето на човекот и преку него човекот се приопштува на обожувачката Божја енергија.

 Апостол Петар, исто така, се удостоил на видување на славата Божја на планината Тавор. Според тоа, духовниот живот не е некаква антропоцентрична состојба, а опит од усвојувањето на несоздадената Божја благодат. Тоа не е философска спекулација, а приопштување кон Божјата благодат.

 Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи, туку откако станавме очевидци на Неговото величие. Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветени од Светиот Дух (2Пет. 1, 16-21).

 Од текстот кој го наведовме погоре станува јасно дека христијанското откровение не е интелектуална конструкција, а опит од општењето со Живиот Бог; истовремено се потврдува дека човекот треба да се придржува кон пророчкото слово како кон светило, кое му го осветлува патот, додека денот осамне и Деницата засвети во срцата наши (2Пет. 1, 19).

 Според тоа, во Новиот Завет, како во зборовите на Христос, така и во зборовите на апостолите, јасно се оцртуваат трите етапи на духовниот живот, трите степени на духовното совршенство и исцелувањето на човекот: очистувањето на срцето, просветлувањето на умот и обожувањето. Тоа е вистинскиот пат на човекот кон обожувањето. Адам во рајот престојувал во состојба на просветление и созерцување. Но како последица на гревот кој го извршил, тој ја загубил славата. На дело гревот е загуба на славата Божја, т.е. на боговидувањето. Апостол Павле вели: сите згрешија и се лишени од славата Божја. Но ќе се оправдаат преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исуса Христа (Рим. 3, 23-24). Гревот води до загуба на славата Божја, на боговидувањето. И природно, со вочовечувањето на Христос, човекот има можност за оправдување, за достигнување на боговидување (љеоптиа) и обожување (љењсх). На овој начин оправданието е обожување и спасение на човекот.
 

 

Подготви: А.И.

Друго: ikona.gulab.jpg

 АРХИМАНДРИТ ЈЕРОТЕЈ ВЛАХОС- ПРАВОСЛАВНА ДУХОВНОСТ

 

  katakomba.jpg Архим. Јеротеј С. Влахос- ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ (1)

Svetlina.lit.jpg


Архим. Јеротеј С. Влахос - РАЗЛИКАТА НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ ОД ДРУГИТЕ ТРАДИЦИИ (2)

Monah.dacha.jpgАрхим. Јеротеј С. Влахос - ЦЕНТАРОТ НА ПРАВОСЛАВНАТА ДУХОВНОСТ (3)

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3141
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7621
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

24/11/2024 - недела

Св. великомаченик Мина; Св. маченик Стефан Дечански, крал српски; Св. маченици Виктор и Стефанида; Св. маченик Викентиј ѓакон; Преп. Теодор Студит;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная